Животна приказна
Благодарна за моите драгоцени спомени!
РАСКАЖАЛА ДРУСИЛА КЕЈН
Беше 1933 година, и штотуку се бев омажила за Зено Кејн кој, исто како мене, беше колпортер — полновремен евангелизатор. Така, преполна со восхит, планирав да му се придружам на сопругот на неговата доделба, но за да успеам во тоа, ми требаше велосипед — луксуз што не можев никако да си го дозволам бидејќи, за време на Депресијата, времињата беа тешки. Што можев да сторам?
КОГА чуја за мојата ситуација, моите девери отидоа во локалниот отпад, обидувајќи се да најдат стари делови за да ми склопат велосипед. Успеаја и навистина добив велосипед! Веднаш штом научив да возам, Зено и јас тргнавме на пат, радосно возејќи со велосипедите низ англиските грофовии Ворчестер и Херефорд и сведочејќи им на сите што ќе ги сретневме.
Не ни сфаќав дека овој едноставен чекор на вера ќе води до живот исполнет со богати спомени. Меѓутоа, духовниот темел на мојот живот го положија моите драги родители.
Тешки години на Големата војна
Родена сум во декември 1909. Кратко потоа мајка ми добила примерок од The Divine Plan of the Ages (Божествениот план на вековите), а во 1914 родителите ме однесоа да ја гледаме „Фото-драмата за создавањето“ во Олдам (Ленкшир). (Обете се во производство на оние што денес се познати како Јеховини сведоци.) Иако бев мала, јасно се сеќавам дека на патот кон дома потскокнував од радост поради глетката што ја видов! Тогаш Френк Хили основа една група за проучување на Библијата во Рочдејл, каде што живеевме. Присуствувањето во таа група ни помогна како семејство да го градиме нашето разбирање на Писмото.
Истата година спокојството во животот ни го наруши избувнувањето на Големата војна — I светска војна, како што сега ја нарекуваме. Татко ми беше регрутиран за војска, но зазеде неутрален став. На судот го опишаа како „многу пристоен човек“, а беа поднесени и неколку писма од „господа кои го наведуваа своето уверување дека тој е искрен во својот приговор да земе оружје“, извести локалниот весник.
Меѓутоа, наместо целосно да биде изземен, татко ми го заведоа како изземен „само од боречката служба“. Тој веднаш стана предмет на потсмевање, а тоа беше случај и со мајка ми и со мене. На крајот, неговата класификација беше преиспитана и му дадоа земјоделска работа, но некои земјоделци ја искористија ситуацијата за да му плаќаат малку или воопшто да не му плаќаат. За да се издржува семејството, работеше мајка ми — за многу малку пари — и тоа многу тешка работа во една пералница што беше приватна сопственост. Сепак, сега сфаќам колку ме зајакна тоа што младите години од животот, кога се оформува личноста, ги поминав справувајќи се со такви тешки околности; тоа ми помогна уште повеќе да ги ценам важните духовни работи.
Скромен почеток
Наскоро на сцената се појави Даниел Хјуз, сериозен Библиски студент. Тој работеше во рудник за јаглен во Рубон, село оддалечено околу 20 километри од Освестри, каде што се преселивме. Чичко Дан, како што го викав, остана во контакт со нашето семејство, и секогаш кога ќе дојдеше кај нас, разговараше за библиски работи. Никогаш не водеше безначајни разговори. Во 1920, во Освестри беше формиран еден клас за проучување на Библијата, а во 1921 чичко Дан ми даде примерок од The Harp of God (Божја харфа). Многу ја ценев бидејќи со неа многу полесно ги разбирав библиските учења.
Тука беше и Прајс Хјуз,a кој подоцна стана претседавачки министер на лондонската канцеларија на подружницата на Јеховините сведоци. Со своето семејство живееше во близина, во Бронгорт, на велшката граница, а сестра му Сиси ѝ стана блиска пријателка на мајка ми.
Го помнам возбудувањето во 1922, кога беше упатен повикот да ‚се објавува Царот и неговото царство‘. Во годините потоа, иако сѐ уште одев на училиште, горливо се придружив во дистрибуирањето на специјалните трактати, особено на трактатот Ecclesiastics Indicted (Свештениците обвинети) во 1924. Кога ќе помислам на таа деценија, колкава само привилегија беше дружењето со толку многу верни браќа и сестри — меѓу кои беа Мод Кларкb и нејзината партнерка Мери Грант,c Едгар Клеј,d Роберт Хадлингтон, Кејти Робертс, Едвин Скинер,e како и Перси Чепмен и Џек Натанf кои заминаа за Канада за да помогнат во делото.
Библиското предавање „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“ се покажа навремено сведоштво за нашето широко подрачје. На 14 мај 1922, Стенли Роџерс, роднина на Прајс Хјуз, дојде од Ливерпул за да го одржи овој говор во Чирк, село малку посеверно од нашиот град, и подоцна истата вечер во Пикчер Плејхауз во Освестри. Сѐ уште чувам еден од летоците што беа специјално отпечатени за тој настан. За сето тоа време, нашата мала група продолжи да се зајакнува со посетите на тројца патувачки надгледници — пилгрими, како што ги викавме — Херберт Сениор, Алберт Лојд и Џон Блејни.
Време на одлука
Во 1929 донесов одлука да се крстам. Имав 19 години, и истовремено се соочив со мојот прв вистински испит. Запознав еден младич чиј татко беше политичар. Си се допаѓавме еден на друг, и тој ми понуди брак. Една година пред тоа беше објавена книгата Government (Влада), па му дадов примерок од неа. Но, набрзо се виде дека тој нема интерес за небесната влада, што беше темата на оваа книга. Од моето проучување знаев дека на Израелците од старо време им било заповедано да не стапуваат во брачни сојузи со неверници и дека ова начело важи и за христијаните. Затоа, иако ми беше тешко, ја одбив неговата понуда (Второзаконие 7:3; 2. Коринќаните 6:14).
Црпев сила од зборовите на апостол Павле: „Да не се откажуваме да го правиме она што е добро, бидејќи во свое време ќе пожнееме ако не се умориме“ (Галатите 6:9). Драгиот чичко Дан исто така ми помогна, кога ми напиша: „И во мали и во големи испити, применувај го Римјаните, 8. поглавје, 28. стих, каде што се вели: „А знаеме дека Бог прави сите негови дела заедно да соработуваат за доброто на оние кои го љубат Бог, оние кои се повикани во склад со неговата намера“. Не беше лесно, но знаев дека донесов исправна одлука. Истата година се пријавив за колпортер.
Соочување со предизвик
Во 1931 го добивме новото име, Јеховини сведоци, и таа година имавме енергична кампања во која ја користевме брошурата The Kingdom, the Hope of the World (Царството, надежта на светот). Му беше даден по еден примерок на секој политичар, свештеник и бизнисмен. Моето подрачје се протегаше од Освестри до Врексам, околу 25 километри на север. Беше предизвик да го обработам цело.
На еден конгрес во Бирмингем следната година, беше упатен повик за 24 доброволци. Желни, 24 од нас, се пријавивме за едно ново обележје на службата, без да знаеме што е тоа. Замисли си го нашето изненадување кога во парови бевме доделени да ја нудиме истата брошура, Царството, надежта на светот, додека носевме тешки рекламни плакати објавувајќи го Царството.
Работејќи во околината на катедралата, ми беше многу непријатно, но се тешев со тоа дека никој во градот не ме познава. Сепак, првото лице што ми пристапи беше една поранешна школска другарка, која само зјапаше во мене и ми рече: „Па добро ма ти, што правиш вака облечена?“ Тоа искуство ме излечи од кој и да било страв од човек што можеби го имав!
Одам надалеку
Во 1933 се омажив за Зено, вдовец кој беше постар од мене 25 години. Неговата прва сопруга била ревносен Библиски студент, а по нејзината смрт тој верно останал на својата доделба. Набрзо се преселивме од Англија на нашето ново подрачје во Северен Велс, на оддалеченост од околу 150 километри. На кормилата на нашите велосипеди беа несигурно наредени кутии, куфери и други вредни работи, стегнати меѓу цевките, и спакувани во кошниците, но успеавме! На таа доделба велосипедите ни беа неопходни — со нив одевме насекаде, па дури и близу до врвот на Коудер Идриз, велшка планина висока речиси 900 метри. За нас беше голема награда што можевме да најдеме луѓе кои копнееја да ја чујат „оваа добра вест за Царството“ (Матеј 24:14).
Кратко време откако стигнавме, луѓето ни кажаа дека им проповедал некој Том Прајс, исто како што правиме и ние. На крајот откривме дека Том живее на Долга Планина, во близината на Велспул — и колкаво само изненадување доживеавме! Кога првпат почнав да сведочам, сум му оставила Reconciliation (Помирување), помагало за проучување на Библијата. Самиот го проучил, напишал писмо до Лондон барајќи повеќе литература и оттогаш ревносно ја споделувал со другите својата новопронајдена вера. Уживавме многу часови во радосното дружење; ние тројцата честопати проучувавме заедно за да се храбриме еден со друг.
Катастрофа води до благослови
Во 1934 сите колпортери што беа во близина на Северен Велс беа поканети да одат во градот Врексам за да помогнат во дистрибуцијата на брошурата Righteous Ruler (Праведен владетел). Денот пред да започнеме со оваа специјална кампања, се случи една национална катастрофа. Во една експлозија во рудникот за јаглен Грејсфорд, оддалечен околу 3 километри од Врексам, загинаа 266 рудари. Повеќе од 200 деца останаа сирачиња, а 160 жени вдовици.
Требаше да направиме список на ужалените, да ги посетиме лично и да им оставиме брошура. Едно од имињата што ми беа дадени беше г-ѓа Чедвик, која го изгубила својот 19-годишен син. Кога ја посетив, кај неа беше дојден нејзиниот постар син Џек за да ја утеши. Овој млад човек ме препознал, но не ми кажа. Подоцна ја прочита брошурата и потоа ја побара The Final War (Последната војна), друга брошура што сум му ја оставила неколку години пред тоа.
Џек и неговата сопруга Меј најдоа каде живеам и дојдоа за да побараат повеќе литература. Во 1936 се сложија состаноците да се одржуваат во нивниот дом во Врексам. По една посета од Алберт Лојд, по шест месеци, беше основано собрание во кое Џек Чедвик беше претседавачки надгледник. Сега во Врексам има три собранија.
Живот во ромски караван
Дотогаш, додека се селевме ваму-таму, користевме какво што ќе најдевме сместување, но Зено сметаше дека дојде време да имаме свој дом, и тоа дом што ќе може да се сели од место до место. Мојот сопруг беше вешт дрводелец од ромско потекло, па изгради ромски караван. Го нарековме Елизабет, библиско име што значи „Бог на изобилието“.
Особено се сеќавам на едно место каде што престојувавме — се наоѓаше во овоштарник покрај еден поток. За мене тоа беше како рај! Ништо не ни ја расипа среќата во годините што ги минавме заедно во тој караван, иако очигледно си имаше свои ограничувања. Кога беше ладно, креветските чаршави честопати замрзнуваа залепени за ѕидовите на караванот, а влагата беше постојан проблем. Моравме да носиме и вода, понекогаш од прилична оддалеченост, но заедно ги совладувавме тие тешкотии.
Една зима бев болна, имавме малку храна, а немавме пари. Зено седна на креветот, ми ја зеде раката и ми го прочита Псалм 37:25: „Млад бев и остарев, но не видов напуштен праведник или неговите деца да просат леб“. Гледајќи вкочането во мене ми рече: „Ако наскоро не се случи нешто, ќе го преколнуваме и не ми се верува дека Бог ќе дозволи да се случи тоа!“ Потоа, отиде да им сведочи на соседите.
Кога се врати напладне за да ми направи нешто за пиење, Зено го чекаше плик. Во него се наоѓаа 50 фунти од татко му. Неколку години пред тоа, Зено бил лажно обвинет за проневера, но штотуку било докажано дека не е виновен. Овој подарок беше како надомест. Токму навреме!
Корисна лекција
Понекогаш учиме лекции дури и откако ќе минат многу години. Да илустрирам: Пред да завршам со училиштето во 1927, им сведочев на сите мои соученици и наставници — освен на една, Лавинија Фаркло. Со оглед на тоа што никој не беше заинтересиран во врска со мојот план во животот, и затоа што и така со г-ѓа Фаркло не се сложував многу добро, решив да не ѝ кажувам. Замислете си го моето изненадување — и восхит — кога по 20 години мајка ми ми кажа дека оваа наставничка навратила да ги посети сите свои стари пријатели и ученици за да им каже дека сега е Јеховин сведок!
Кога се сретнавме, јас ѝ објаснив зошто не ѝ кажав претходно за мојата вера и за тоа каква кариера планирав. Таа мирно ме сослуша и потоа ми рече: „Отсекогаш ја барав вистината. Трагав по неа целиот живот!“ Ова искуство беше корисна лекција за мене — никогаш да не се воздржуваме да им сведочиме на сите што ги среќаваме и никогаш однапред да не донесуваме суд за никого.
Друга војна — и потоа
Како што привршуваа 1930-тите, повторно почнаа да се собираат облаците на војната. Денис, брат ми кој е десет години помлад од мене, беше изземен од воената служба под услов да остане на световното вработување. Тој никогаш немаше покажано голем интерес за вистината, па затоа мојот сопруг и јас ги замоливме локалните пионери Руперт Бредбери и брат му Дејвид да го посетат. Го сторија тоа и почнаа да ја проучуваат Библијата со него. Денис се крсти во 1942, подоцна стапи во пионерска служба, а во 1957 беше наименуван за патувачки надгледник.
Во 1938 се роди нашата ќерка Елизабет, и за да ги задоволи потребите на нашето семејство, Зено го прошири караванот. Кога во 1942 се роди и нашата втора ќерка, Евника, се чинеше дека е мудро да најдеме некој потраен дом. Затоа Зено престана да пионери извесен број години, и се преселивме во една куќичка во близина на Врексам. Подоцна, се преселивме во Мидлвич во граничната грофовија Чешир. Таму, во 1956, умре мојот драг сопруг.
Нашите две ќерки станаа полновремени евангелизатори, и обете се среќно омажени. Евника и нејзиниот сопруг, старешина, сѐ уште служат како специјални пионери во Лондон. Сопругот на Елизабет е исто така собраниски старешина, и за мене е радост што тие, нивните деца и моите четири правнучиња живеат близу до мене во Престон, Ленкешир.
Благодарна сум што од влезната врата на мојот стан можам да отидам право до Салата на Царството, која се наоѓа преку улица. Последниве години се поврзав со групата што зборува гуџарати, која исто така се состанува таму. Не е лесно да се научи јазикот, бидејќи сега веќе не слушам добро. Понекогаш ми е тешко да ги чујам и да ги разберам многуте финеси на тонот, како што можат помладите. Но, тоа е интересен предизвик.
Сѐ уште можам да проповедам од куќа до куќа и да водам библиски студии кај мене дома. Кога пријателите доаѓаат да ме посетат, секогаш ми причинува задоволство да им раскажувам некои мои поранешни искуства. Благодарна сум за моите драгоцени спомени за благословите што ги примив дружејќи се со Јеховиниот народ скоро 90 години.
[Фусноти]
a „Во чекор со верната организација“, животната приказна на Прајс Хјуз се појави во англиското издание на Стражарска кула од 1 април 1963.
b Животните приказни за овие верни Јеховини слуги се излезени во претходни изданија на Стражарска кула.
c Животните приказни за овие верни Јеховини слуги се излезени во претходни изданија на Стражарска кула.
d Животните приказни за овие верни Јеховини слуги се излезени во претходни изданија на Стражарска кула.
e Животните приказни за овие верни Јеховини слуги се излезени во претходни изданија на Стражарска кула.
f Животните приказни за овие верни Јеховини слуги се излезени во претходни изданија на Стражарска кула.
[Слика на страница 25]
Леток во кој се најавува библиското предавање „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“, кое го чув на 14 мај 1922
[Слика на страница 26]
Со Зено кратко откако се венчавме во 1933
[Слика на страница 26]
Покрај „Елизабет“, караванот што го изгради мојот сопруг