ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 1/3 стр. 25-28
  • Најдоброто што го сторив со својот живот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Најдоброто што го сторив со својот живот
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Во пионерската служба!
  • Ирска во текот на воените години
  • Залихи со духовна храна
  • Совладување на противењето
  • Враќање во Англија
  • Јехова нѐ благословува кога го правиме она што го бара од нас
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
  • Продолжи да го сееш семето — Јехова ќе направи да расте
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Благословите од пионерската служба
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Пионерите даваат, но и примаат благослови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 1/3 стр. 25-28

Најдоброто што го сторив со својот живот

РАСКАЖАЛ БОБ АНДЕРСОН

Пред околу десет години, едни пријатели ме прашаа: „Боб, зошто продолжи толку долго со пионерската служба?“ „Па,“ се насмевнав и реков, „можеш ли да најдеш нешто подобро од тоа да бидеш пионер?“

ИМАВ 23 години кога во 1931 започнав со пионерската служба. Сега сум во својата 87 година и сѐ уште сум пионер. Знам дека не сум можел да сторам ништо подобро со мојот живот. Дозволете да ви објаснам зошто.

Во 1914 година кај нас дома беше оставен еден трактат, издаден од Меѓународните истражувачи на Библијата — како што во тоа време беа наречени Јеховините сведоци. Кога Сведокот дојде повторно, мајка ми внимателно го испрашуваше за пеколниот оган. Таа била воспитана како строг Веслејански Методист, но никогаш не можела да ја усогласи оваа доктрина за вечно мачење со еден Бог на љубовта. Кога ја дозна вистината за ова, веднаш рече: „Се чувствувам посреќна од било кога во мојот живот!“

Мајка ми веднаш престана да поучува во методистичкото неделно училиште и се приклучи кон малата група Истражувачи на Библијата. Почна да проповеда во нашиот роден град Беркенхед, кој гледа кон ливерпулското пристаниште, од другата страна на реката Мерси, а наскоро редовно патуваше со велосипед и до многу соседни градови. Во остатокот од својот живот таа сведочеше во ова пространо подрачје, и стана добро позната, оставајќи извонреден пример за своите деца. Умре во 1971, на длабока старост од 97 години, останувајќи до крајот активен Сведок.

Сестра ми Кетлин и јас бевме испишани од методистичкото неделно училиште и ја придружувавме нашата мајка на состаноците со Истражувачите на Библијата. Подоцна, кога ни се придружи и татко ми, моите родители направија подготовки за редовна семејна библиска студија на книгата The Harp of God (Харфа Божја). Ваквата студија беше нешто ново во тие денови, но ова рано втемелување во основните библиски вистини донесе богат род бидејќи со текот на времето и сестра ми и јас започнавме со пионерската служба.

Мајка ми тврдеше дека гледањето на „Фотодрамата за создавањето“, во Ливерпул во 1920, беше духовната пресвртница за нас децата, и имаше право. Како на младо момче, таа драма ми остави силни импресии. Истакнато место во моето сеќавање има делот кој го прикажува животот на Исус, особено додека го прикажува како чекори кон својата смрт. Целото искуство ми помогна да се сконцентрирам на најважното дело во животот — проповедањето!

На почетокот на 1920-тите, во неделните попладниња почнав да делам трактати заедно со мајка ми. Отпрвин добивме упатства да ги оставаме по куќите; подоцна ни беше кажано да им ги врачуваме на станарите а потоа да навраќаме кај оние кои беа заинтересирани. Ова отсекогаш го сметав за првобитна основа за нашата повторна посета и библиска студија, која денес е толку продуктивна.

Во пионерската служба!

Кетлин и јас се крстивме во 1927. Работев во Ливерпул како аналитички хемичар, кога во 1931 ја слушнав резолуцијата за прифаќање на името Јеховини сведоци. Честопати ги гледав колпортерите (денес наречени пионери) на Друштвото како работат во деловното подрачје на Ливерпул, и нивниот пример длабоко ме импресионира. Колку многу сакав да бидам настрана од световното друштво и да го поминувам животот во Јеховината служба!

За време на летото, истата таа година, мојот пријател Гери Гарерд ми кажа дека прифатил доделба од вториот претседател на Друштвото Стражарска кула, Џозеф Ф. Ратерфорд, да проповеда во Индија. Кратко пред да отплови, дојде да се видиме и ми зборуваше за предноста на полновремената служба. Кога ми кажа збогум, уште еднаш ме охрабри велејќи: „Боб, сигурен сум дека наскоро ќе бидеш пионер“. Така и беше. Со пионерската служба започнав во октомври истата година. Каква радост, каква слобода е да се возиш со велосипед по селските патчиња и да проповедаш во изолираните општини! Тогаш сфатив дека започнувам со најважното дело што воопшто би можел да го правам.

Мојата прва пионерска доделба беше во Јужен Велс каде што му се придружив на Сирил Стентифорд. Подоцна Сирил се ожени со Кетлин и тие беа пионери заедно неколку години. И нивната ќерка, Рут, подоцна започна со пионерската служба. До 1937 бев партнер на Ерик Кук, во Флитвуд (Ленкешир). До тоа време пионерите ги обработуваа само селските подрачја на Британија, надвор од подрачјето на собранието. Но, Алберт Д. Шредер, кој тогаш беше одговорен за работата на лондонската подружница на Друштвото, одлучи да нѐ премести во градот Бредфорд (Јоркшир). Ова беше прв пат во Британија да бидат доделени пионери за помош на некое одредено собрание.

Во 1946 година, Ерик отиде во библиската школа Гилеад, на Стражарска кула, а беше доделен во Јужна Родезија, денешен Зимбабве. Тој и неговата сопруга сѐ уште верно служат како мисионери во Дурбан (Јужна Африка).

1938-та ме затече на друга доделба, овој пат како зонски слуга (денес наречен покраински надгледник) за северозападен Ленкешир и прекрасната Езерска област. Таму се запознав со Олив Дакет, а откако се венчавме, таа веднаш ми се придружи во покраинското дело.

Ирска во текот на воените години

Во септември 1939, Британија ѝ објави војна на Германија, а кратко потоа добив нова доделба — Ирска. Во Британија започна регрутирање за војска, но не и во јужната Република Ирска, која остана неутрална земја додека траеше војната. Република Ирска и Северна Ирска требаше да станат една покраина. Меѓутоа, на сила беа ограничувања и, за да се напушти Британија и да се оди во било кој дел од Ирска, беше неопходно да се добие дозвола за патување. Властите ми рекоа дека ќе може да одам, но ќе мора да се согласам да се вратам во Англија веднаш штом ќе биде повикана мојата регрутна старосна група. Усно се согласив но, на мое изненадување, кога ми беше издадена дозволата, во неа немаше воопшто никакви дополнителни услови!

Во тоа време, во цела Ирска имаше само нешто повеќе од 100 Сведоци. По нашето пристигнување во Даблин, во ноември 1939, нѐ пречека Џек Кор, еден долгогодишен пионер. Ни кажа дека во соседниот град има уште двајца пионери, а во Даблин и неколку заинтересирани лица, сѐ на сѐ околу 20. Во Даблин, Џек закупи една соба за состаноци и сите се сложија редовно да се состануваме секоја недела. Оваа подготовка продолжи сѐ до формирањето на собрание, во 1940 година.

Северна Ирска, како дел од Велика Британија, беше во војна со Германија па така, кога се преселивме на север во Белфаст, требаше да излеземе на крај со бонови за храна и со ноќни затемнувања. Иако нацистичките авиони требаше да прелетаат растојание од преку 1.600 километри за да стигнат до Белфаст и да се вратат назад во своите бази во Европа, тие успеаја ефикасно да го бомбардираат градот. За време на првиот напад беше оштетена нашата Сала на Царството, а нашиот стан беше уништен додека бевме во посета кај браќа во еден друг дел од градот и така се извлековме на еден необичен начин. Истата таа ноќ, едно семејство Сведоци отрчале до заедничката скривница. Кога стигнале таму, виделе дека е полна и морале да се вратат дома. Скривницата била директно погодена и сите што биле во неа изгинале, но нашите браќа преживеале само со неколку гребнатинки и модрини. Во текот на овие тешки воени години, ниту еден од браќата не беше сериозно повреден, за кое што му благодаревме на Јехова.

Залихи со духовна храна

Како што војната се одвиваше, ограничувањата стануваа построги, а со текот на времето беше наметната цензура на писмата. Тоа значеше укинување на Стражарска кула и забрана да се внесува во земјата. Иако се прашувавме што ќе правиме, Јеховината рака не беше кратка. Едно утро добив писмо од некој „братучед“ од Канада кој ми пишуваше за семејни работи. Немав поим кој беше тоа, но во пост-скриптумот тој велеше дека приложува „една интересна библиска статија“, за да ја прочитам. Тоа беше еден примерок на Стражарска кула, но бидејќи беше со поинакви корици, цензорот не ја отстранил.

Мојата сопруга и јас, со помошта од месните Сведоци, вклучувајќи ја Меги Купер која работеше на „Фотодрамата“, почнавме веднаш да ги копираме статиите. Наскоро се организиравме да испратиме 120 копии низ земјата, додека списанијата Стражарска кула со едноставни корици редовно пристигнуваа од многу нови пријатели од Канада, Австралија и САД. Благодарение на нивната ажурност и љубезност, не пропуштивме ниту едно издание во текот на целиот воен период.

Бевме во можност да одржуваме и конгреси. Особено значаен беше конгресот во 1941 година, кога беше објавена новата публикација Деца. Се чини дека цензорот не се противел на една книга за која сметал дека е за деца, па така, без никакви проблеми успеавме да ја внесеме во земјата нашата залиха! Во една друга прилика ја добивме брошурата Peace—Can It Last? (Мир — може ли да биде траен?), печатена кај нас бидејќи беше невозможно да се увезе од Лондон. И покрај сите ограничувања кои ни беа наметнати, духовно бевме добро згрижени.

Совладување на противењето

Еден свештеник, кој живееше во Белфаст во еден старечки дом чиј управник беше Јеховин сведок, ѝ испратил примерок од книгата Riches (Богатства) на својата сопруга во Англија. Таа се противела на вистината, и јасно го покажала тоа во својот одговор. Исто така тврдела дека сме „една непатриотска организација“. Цензорот на поштата го забележал ова и го известил Одделот за истраги. Како резултат на тоа, бев повикан во полициските бараки да дадам објаснување и бев замолен да донесам еден примерок од Riches. Интересно, кога книгата конечно ми беше вратена, забележав дека сите потцртани делови беа во врска со римокатоличката црква. Чувствував дека ова е нешто важно, бидејќи знаев дека полицијата ја надгледува активноста на ИРА (Ирската републиканска армија).

Бев внимателно испитуван за нашата неутралност во време на војна, бидејќи полицијата тешко можеше да ја сфати нашата положба. Но, властите не презедоа ниту една акција против нас. Подоцна, кога барав дозвола за одржување на еден конгрес, полицијата инсистираше да испрати двајца полициски известувачи. Јас реков: „Тие се добредојдени!“ И така, дојдоа и присуствуваа на попладневниот дел од состанокот, правејќи кратки забелешки. На крајот на собирот, прашаа: „Зошто бевме испратени овде? Уживаме во сѐ!“ Следниот ден дојдоа повторно и со задоволство зедоа бесплатен примерок од нашата брошура Peace—Can It Last? Остатокот од конгресот помина без инциденти.

Веднаш по завршувањето на војната и кога попуштија ограничувањата за патување, Прајс Хјуз од лондонскиот Бетел дојде во Белфаст. Тој беше придружуван од Харолд Кинг, кој подоцна беше назначен како мисионер во Кина. По шест години изолација од лондонската подружница, сите бевме мошне охрабрени од говорите што ги одржаа овие браќа. Кратко потоа, Харолд Дјурден, еден друг верен пионер, беше испратен од Англија за да го зајакне делото на Царството во Белфаст.

Враќање во Англија

Развивме длабока наклоност кон ирските браќа и ни беше тешко да се вратиме во Англија. Но мојата сопруга и јас добивме доделба назад во Манчестер, а подоцна се преселивме во Њутн-Ле-Вилоуз, еден друг град во Ленкешир, каде што потребата беше поголема. Нашата ќерка Луиз се роди во 1953 година и беше охрабрувачки да се види како стапува во пионерска служба на 16-годишна возраст. Откако се омажи со пионерот Дејвид Паркинсон, продолжија со полновремената служба во Северна Ирска, следејќи ги на многу начини чекорите што ги направивме Олив и јас. Сега, заедно со своите деца, тие се вратени во Англија и сите заедно служиме во исто собрание.

И покрај промените во нашите околности, никогаш не престанав со пионерската служба — Олив никогаш не го сакаше тоа, ниту пак јас. Секогаш имав на ум дека заслугата за мојот пионерски извештај треба подеднакво да ѝ се припише и на мојата сопруга бидејќи без нејзината постојана, љубезна поддршка, не ќе можев да продолжам со полновремената служба. Се разбира, денес и двајцата многу побрзо се изморуваме, но сведочењето сѐ уште ни претставува радост, особено кога сме заедно и водиме библиски студии со нашите ближни. Низ годините имавме предност да им помогнеме на околу стотина поединци да станат предадени и крстени слуги на Јехова. Каква радост беше тоа! А претпоставувам дека овој број до сега мора да е повеќекратно удвоен, како што семејствата пораснале до третата и четвртата генерација, а кои исто така станале Сведоци.

Олив и јас често разговараме за многуте наши предности и искуства низ годините. Колку среќни години беа тоа, и колку бргу одлетаа! Знам дека не можев да сторам ништо подобро со својот живот, отколку да му служам на мојот Бог, Јехова, како пионер сите овие години. Сега, било да гледам назад во минатото — со благодарност, или напред кон иднината — со очекување, откривам дека Јеремиините зборови имаат многу големо значење: „По милоста на Господа не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато; тоа се обновува секое утро . . . па така на Него ќе се надевам“ (Плач Јеремиин 3:22-24).

[Слика на страница 26]

Боб и Олив Андерсон

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели