Продолжи да го сееш семето — Јехова ќе направи да расте
РАСКАЖАЛ ФРЕД МЕТКАЛФ
ВО ПОЧЕТОКОТ на 1948, за време службата од куќа до куќа, посетив една мала фарма во околината на Корк, на југот од Ирска. Кога му објаснив на фармерот кој сум, лицето му се разгневи врескајќи дека сум комунист и отрча по својата вила. Без многу размислување, истрчав од двориштето на фармата и скокнав на велосипедот што го бев оставил покрај патот. Ридот на тоа место беше многу стрмен, но јас ги вртев педалите надолу колку што можев побрзо без да се вртам назад, и си го замислував фармерот како ја фрла вилата по мене како копје.
ВЕЌЕ навикнав на такви реакции во текот на тие две години откако во 1946 од Англија дојдов во Република Ирска како специјален пионер. Малечката група објавители на Царството на која ѝ се приклучив, која броеше околу 24 души, веќе имаше искусено изливи на непријателство и навредувања. Но бев уверен дека Јеховиниот дух конечно ќе даде резултати (Галатјаните 6:8, 9).
Сепак, пред да раскажам како се развиваа работите, дозволете да ви раскажам нешто за својата младост и поучувањето кое се покажа корисно под ваквите напорни околности.
Добар родителски пример и поука
Татко ми дојде во допир со вистината на почетокот од 1914 година. Додека патувал дома од еден фудбалски меч во Шефилд, Англија, читал библиски трактат кој ја објаснувал состојбата на мртвите. Тој веќе имаше посетено многу цркви во потрага по одговор на своите прашања, но со малку успех. Она што тогаш го прочитал во тој трактат го возбудило. Нарачал шест тома од Студии за Писмото (Studies in the Scriptures), за кои имало оглас во трактатот, и жедно ги прочитал, честопати читајќи во раните утрински часови. Татко ми брзо ја усвојувал вистината.
Набргу почнал да се дружи со месното собрание на Јеховините сведоци. Тоа дружење траеше преку 40 години, а поголемиот дел од времето служеше како надгледник претседавач. На радост на татко ми, двајца од неговите браќа и сите три сестри ја прифатија вистината. Еден од неговите браќа ѝ сведочеше на една млада продавачка, и таа и нејзината сестра станаа предадени, помазани христијанки. Татко ми и неговиот брат се оженија со тие две млади жени.
Во моето семејство јас бев едно од четирите момчиња воспитувани во ”стега и Јеховино усмерување на мислите“ (Ефесјаните 6:4, NW). Среќен сум што моите родители не штедеа труд да ја всадат вистината во нас. Во тоа време не постоеја публикации посебно наменети за помагање на родителите како да ги поучуваат своите деца за библиските вистини; меѓутоа, ние редовно одржувавме семејна библиска студија два пати неделно, користејќи ја книгата Божја харфа (The Harp of God), и редовно разговаравме на темел на дневниот стих (5. Мојсеева 6:6, 7; 2. Тимотеј 3:14, 15).
Мајка ми и тако ми беа прекрасен пример и во своето ценење за состаноците и во ревноста за службата. Како надополнение на своите прекрасни духовни особини, татко ми поседуваше добра смисла за хумор, кој го пренесе и на своите деца. Напорната работа на моите родители роди добар плод. Сите четири нивни сина, сега во 60-те години од животот, сѐ уште радосно му служат на Јехова.
Во пионерската служба
Во април 1939 година, на 16-годишна возраст, го завршив училиштето и станав општ пионер. Татко ми ми се придружи во пионерската служба и ми пружи првокласно школување. Патувајќи со велосипеди, темелно го обработивме подрачјето во круг од 11 километри околу нашата куќа. Секој ден обајцата земавме по 50 брошури и не се враќавме дома додека не ги разделиме.
По две години имав предност да бидам меѓу првите наименувани специјални пионери во Британија. Беше радост да се доживее таков благослов, но беше тешко да се напушти угодната безбедност во теократскиот дом. Со тек на времето и со Јеховина помош, се прилагодив.
Мојата пионерска служба беше прекината за време на Втората светска војна, кога заедно со останатите млади Сведоци бев притворен заради прашањето на неутралноста. Во затворот Дурхам бев ставен во групата МЗ (млад затвореник). Тоа значеше дека морав да носам куси панталони — особено многу неповолно при студено време. Замислете си го само Вилф Гуч (сега координатор во одборот на британската подружница), Питер Елис (член на одборот на британската подружница), Фред Адамс и мене — сите по околу метар и осумдесет — како стоиме заедно во куси панталони како некои школски момченца!
Задача — Ирска
После отпуштањето од затвор, три години бев пионер во различни делови на Англија. Тогаш бев доделен во Република Ирска, кое за мене беше колку испит, толку и бескрајно задоволство. Сѐ што знаев за јужна Ирска беше тоа дека таму речиси сите се римокатолици. Но јас не се обѕирав на негативните забелешки од некои и не се двоумев дали да ја прифатам задачата. Тоа беше време за ширење на вистинското обожавање и бев сигурен дека Јехова ќе ни пружи помош преку својот свет дух.
Повеќето од Сведоците во Република Ирска беа во главниот град Даблин, по еден или двајца расеани овде-онде. Затоа, повеќето од луѓето никогаш дури и не беа виделе Јеховин сведок. Заедно со уште тројца други специјани пионери започнав со работа во градот Корк. Не беше лесно да се пронајде уво кое слуша. На нивните миси свештеникот непрестајно ги предупредуваше на нас, нарекувајќи нѐ ”комунистички ѓаволи“. Весниците исто така предупредуваа на нашите активности.
Еден ден, берберот ме потстрижуваше со рамен брич. Во текот на разговорот ме запраша што работам во Корк. Кога му кажав, тој се разбесне и почна да ме пцуе. Раката му се тресеше од лутина и веќе можев да се замислам како излегувам од берберницата со главата под мишка! Колкаво олеснување беше што можев цел да излезам од неговиот дуќан!
Напади од толпите
Понекогаш моравме да се соочиме и со насилство од толпите. На пример, еден ден, во март 1948, додека бевме зафатени во службата од куќа до куќа, толпата го нападна мојот партнер Фред Чефин. Гонет од мноштвото, Фред дотрча до крајната автобуска постојка и ги замоли возачот на автобусот и кондуктерот за помош. Наместо да помогнат, тие се придружија во нападот. Фред отрча подалеку на патот и успеа да се сокрие зад високиот ѕид што ја опкружуваше куќата на свештеникот.
Во меѓувреме, јас отидов по велосипедот. За да се вратам во центарот на градот, тргнав по споредниот пат. Меѓутоа, кога излегов на главниот пат, таму ме чекаше толпата. Двајца мажи ми ја зграпчија ташната и ја фрлија содржината во воздух. Потоа почнаа да ме удираат и да ме клоцаат. Одеднаш се појави еден човек. Тоа беше полицаец во цивилна облека кој го спречи нападот. Нѐ одведе мене и напаѓачите во полициската станица.
Тој напад даде темел за ”одбрана и законско утврдување на добрата вест“ (Филипјаните 1:7, NW). Кога случајот излезе на суд, полицаецот што ми помогна, и самиот римокатолик, сведочеше, а шестмината беа осудени и прогласени за виновни. Случајот покажа дека имаме право да одиме од врата до врата и послужи како средство за одвраќање на другите кои можеби мислеа да прибегнат кон насилство.
Во почетокот се сметаше дека е премногу опасно да се испраќаат сестри како пионери во места како Корк. Меѓутоа, честопати се покажа дека е подобро да се испратат сестри да ги посетуваат заинтересираните жени. Затоа, непосредно пред овој напад Друштвото испрати две способни пионерки во Корк. Едната од нив, Евелин Мек Ферлејн, подоцна стана мисионерка која одлично работеше во Чиле. Втората, Каролина Френсис, која ја продаде куќата во Лондон за да биде пионерка во Ирска, стана моја сопруга.
Семето на вистината никнува
Лесно можевме да помислиме дека го трошиме своето време сеејќи го семето на вистината за Царството под такви услови. Сепак, набљудувајќи како вистината никнува овде-онде, бевме поткрепени во нашата доверба во Јеховината моќ дека ќе овозможи тоа семе да расте. На пример, еднаш Друштвото испрати име и адреса од еден човек кој бараше примерок од книгата Нека Бог биде вистинит (Let God Be True). Адресата беше од Фермој, мало гратче на околу 35 километри од Корк. Така едно неделно утро заминав со мојот велосипед да го пронајдам лицето.
Кога пристигнав во Фермој, прашав еден човек за правецот. ”Ох“, рече тој, ”тоа е уште 14 километри понатаму.“ Тргнав понатаму и конечно дојдов до една фарма покрај селскиот пат. Младичот што ја беше нарачал книгата стоеше на портата од фармата. Кога се претставив, рече: ”Таа книга вреди злато!“ Водевме прекрасен разговор, така што не ги забележав 50-те километри возење со велосипед до дома. Дури и денес, по повеќе од 40 години, чувствувам големо задоволство секоја година на конгресите да го сретнам тој ”младич“, Чарлс Рин. Денес на подрачјето на Корк има десет собранија.
Во текот на 1950-те, Каролина и јас го посеавме семето на вистината во внатрешноста на Ирска. Во 1951 бевме охрабрени да истраеме кога кротки лица како ”Грани“ Хамилтон и нејзината снаа брзо одговорија. ”Грани“ Хамилтон стана првата крстена објавителка во покраината Лонгфорд (1. Солунјаните 2:13).
Сместувањето беше проблем. Наскоро кога врз сопствениците на куќите почна да се врши притисок, тие побараа од нас да си заминеме. Откако напуштивме три различни стана, купивме шатор, непропустливо платно и вреќи за спиење, и ги носевме постојано со себе во еден Форд, модел Y. Секој ден по завршетокот на сведочењето го поставувавме шаторот секаде каде што можевме. Подоцна добивме четири метри долга приколка. Беше малечка, со малку современи погодности — по вода за пиење моравме да пешачиме половина километар — и тоа со една просторија, но за нас тоа беше луксуз. Еден ден мојата смисла за хумор беше на испит кога се лизнав на еден влажен корен од дрво и паднав грбечки во една долга, тесна, но не многу длабока дупка. Сепак, во нашата приколка можевме да ги сместиме патувачкиот надгледник и неговата сопруга кога ќе нѐ посетеа.
Со текот на времето, луѓето со добри срца покажуваа неочекувана љубезност кон нас. На пример, во 1958 отидовме во Слајго во западниот дел Ирска, осум години откако од тој град беше истеран еден пионерски пар. Го молевме Јехова за помош да најдеме место за приколката. По многу часови барање, поминавме преку еден некористен каменолом. Човекот којшто го пасеше стадото покрај тесниот пат ни рече дека каменоломот му припаѓа на неговото семејство. ”Дали би можеле да го користиме?“, прашавме и му рековме дека сме застапници на библиско друштво. Тој рече дека тоа би било добро.
Набргу потоа запраша: ”На кое библиско друштво вие му припаѓате?“ Тоа беше возбудлив момент. Му рековме дека сме Јеховини сведоци. На наше големо олеснување, тој остана пријателски расположен. Неколку недели подоцна ни врачи потврда за годишна наемнина на земјиштето. ”Не ви бараме пари“, рече тој. ”Знаеме за противењето со кое се соочувате, и ако некој ве праша за правото за користење на местово, имате потврда како доказ.“
Додека бевме во Слајго, чувме за човек, познат трговец и фудбалер, кој покажувал извесен интерес уште додека претходните пионери сѐ уште биле во градот. Сепак, за тие осум години имал малку допир и нѐ интересираше како е тој сега. Одговорот стигна во вид на широка насмевка на лицето од Мати Берн кога му се претставив. Семето на вистината засадено со години порано не изумрело. Тој сѐ уште е член на активното малечко собрание во Слајго.
Менување на ставовите
Едно место кое во мало го прикажа непријателското однесување на многумина, беше градот Атлоун. Кога во 1950-тите таму се започна со засилено сведочење, свештениците организираа сите кои живеат во еден дел од градот да потпишат петиција во која се вели дека не сакаат Јеховините сведоци да ги посетуваат на нивните врати. Ја испратија до владата, и ова за неколку години го отежна делото во Атлоун. Еднаш група младинци ме препознаа дека сум еден од Сведоците и почнаа да фрлаат камења. Бидејќи стоев пред една продавница, сопственикот ме внесе внатре — повеќе за да го заштити прозорецот отколку мене — и ме пушти на задната врата.
Меѓутоа, кога неодамна во август 1989 година држев погребен говор во Атлоун за еден верен брат, не можев а да не се зачудам како Јехова сторил таму да расте делото. Освен членовите на собранието, уште 50 месни жители со почит го слушаа погребниот говор во прекрасната Царска сала што ја изградиле браќата.
Специјална обука во Гилеад школата
Во 1961 година бев повикан на десетмесечен курс во Гилеад библиската школа на Друштвото Стражарска кула. Тој специјален курс беше само за браќа, така што Каролина и јас таа покана ја направивме предмет на разгледување во молитва. 12 години бевме заедно ден и ноќ. Освен тоа, бидејќи и мојата сопруга имаше горлива желба да ја посети Гилеад школата и да стане мисионер, беше уште повеќе разочарана што не беше поканета и таа. Но, беше понизна и интересите на Царството ги стави на прво место. Се согласи да одам сам. Курсот беше прекрасна предност. Меѓутоа, беше радосно да се вратиш дома и да се вклучиш во работата на Одборот на подружницата на Друштвото, давајќи охрабрување на повеќе од 200 Сведоци кои сееја и полеваа во Ирска во раните 1960-ти.
Неколку години подоцна, во 1979, Каролина требаше да замине во светската централа на Јеховините сведоци во Њујорк, кога бев повикан на посебен курс при Гилеад за членовите на Одборот на подружницата. Како што се покажа подоцна, тоа беше кулминација на последниот дел од нејзиниот живот. Две години подоцна таа умре. Во текот на сите 32 години заедничко служење во полновремената служба, Каролина никогаш не ја изгуби ревноста за Јеховината служба, ниту пак вербата дека Тој ќе направи семето да порасте.
Многу ми недостасуваше. Една од работите кои ми помогнаа да се борам беше статијата во тогашното Пробудите се! под наслов ”Научи да живееш без оној што го сакаш“ (8. февруари 1981, англ.). Солзи ми навираа секогаш кога ќе помислев на својата изгубена сопатничка, но го сторив тоа што го советуваше оваа статија и останав вработен во Јеховината служба.
Јеховините благослови продолжуваат
Една година пред тоа, во април 1980, бев присутен кога братот Лајмен Свингл од Водечкото тело свечено ја отвори новата зграда на подружницата во Даблин. Колку возбудливо беше да се видат 1 854-те објавители од тоа подрачје, кое во тоа време ја вклучуваше и Северна Ирска! А денес, десет години подоцна, Годишникот известува најголем број од 3 451 за 1991!
Во меѓувреме, примив уште еден благослов. Додека служев како водител на Школата за служба за Царството, ја запознав Евелин, привлечна и ревна сестра која беше преселена во Ирска да служи каде што имаше поголема потреба. Се венчавме во мај 1986 и таа се покажа како вистинска поддршка во сите мои теократски активности.
Откако ја напуштив Школата, од сите 51 година во полновремената служба, 44 поминав во Ирска. Охрабрувачки е да се видат многу на кои сум им помогнал како сѐ уште му служат на Јехова, некои како старешини и слуги помошници. Без двоумење можам да речам дека една од најголемите радости што некој може да ги доживее е да му помогне на некој друг на патот на животот.
Навистина е зајакнување на верата да се набљудува цветањето на вистинското обожавање од едно место во Ирска, и покрај жестокото противење. Денес околу 3 500 објавители се поврзани со преку 90 собранија по целата земја. Навистина, нема граници за она што Јехова може да го направи. Тој ќе направи семето да расте ако ние вредно садиме и залеваме (1. Коринтјаните 3:6, 7). Јас знам дека тоа е вистина. Видов како тоа се случи во Ирска.