Најдов задоволство во служењето на Бог
РАСКАЖАЛ ЏОШУА ТОНГОАНА
Во далечната 1942 бев многу збунет. Проучував литература издадена од Адвентисти на седмиот ден и литература издадена од Друштвото Стражарска кула. Како старите Израелци и јас ‚куцав на две страни‘ (1. Царевима 18:21, Даничиќ-Караџиќ).
АДВЕНТИСТИТЕ на седмиот ден ми испраќаа печатени предавања наречени „Глас на пророштвото“. Се радував што можев да одговарам на нивните прашања, а тие ветија дека ќе ми дадат прекрасна диплома доколку ги поминам сите тестови. Меѓутоа, забележав дека и „Глас на пророштвото“ и публикациите на Друштвото Стражарска кула беа испраќани од Јужноафриканскиот град Кејптаун. Се прашував: ‚Дали овие организации знаат една за друга? Дали нивните науки се сложуваат? Ако не, која е правата?‘
За да го решам прашањето, испратив слични писма до двете организации. На пример, на Друштвото Стражарска кула му пишав: „Дали ги познавате луѓето кои се поврзани со „Глас на пророштвото“ и ако да, што велите за нивните науки?“. По извесно време, добив одговор од обете групи. Писмото од Друштвото Стражарска кула велеше дека тие биле запознаени со „Глас на пророштвото“ но објаснија дека нивните учења, како што се Тројството и Христовото враќање на Земјата во тело, се небиблиски. Нивното писмо вклучуваше библиски стихови за да ја докажат неисправноста на оваа наука (Јован 14:19, 28).
Одговорот од „Глас на пророштвото“ едноставно гласеше дека знаеле за „луѓето од Стражарска кула“, но дека не се сложувале со нивните науки. Не беше наведена ниту една причина. Затоа се одлучив за Друштвото Стражарска кула кое е законско средство што го користат Јеховините сведоци. Денес, по 50 години откако сум поврзан со Сведоците, навистина сум среќен што ја донесов таа исправна одлука!
Религиозното потекло
Роден сум 1912 во селското подрачје Макање, источно од јужноафриканскиот град Питерсбург. Макање тогаш беше под религиозна управа на Англиканската црква, па така станав член на таа црква. Кога имав десет години, нашето семејство се пресели во едно место каде што преовладуваше Црквата на Берлинската лутеранска мисија, и моите родители пристапија во таа црква. Наскоро ги исполнував условите да присуствувам на причесната служба и да земам залак леб и голтка вино, но тоа не ги задоволи моите духовни потреби.
По завршувањето на осмолетката, татко ми ме испрати во Воспитната институција Килнертон, и во 1935, добив диплома за завршен тригодишен курс за учители. Меѓу колешките со кои работев беше една млада жена по име Каролина. Се венчавме и подоцна Каролина роди девојче на кое му дадовме име Дамарис. По неколку години, станав директор на Сехлале училиштето во селото Мамача. Со оглед на тоа што училиштето го водеше Холандската Реформирана црква, се приклучивме на таа црква и редовно ги посетувавме нејзините служби. Тоа го сторивме бидејќи тогаш тоа беше во мода, но и тоа не ми донесе задоволство.
Пресвртница
Една недела во 1942, додека пеевме химни во црквата на вратата се појави еден млад белец со три книги издадени од Друштвото Стражарска кула: Создавање (Creation), Оправдување (Vindication) и Припрема (Preparation). Си помислив како книгите би изгледале убаво на полицата од мојата библиотека, па така ги добив за три шилинга. Подоцна дознав дека човекот, Тини Безуиденхот, бил еден од Јеховините сведоци, единствениот во подрачјето. Кога Тини повторно дојде, донесе фонограф и пушти неколку предавања од судијата Ратерфорд. Посебно ми се допадна предавањето под наслов „Замка и измама“, но не и на Каролина и мојата помлада сестра Присила која живееше со нас. Кога Тини по трет пат нѐ посети, ми го остави фонографот и така можев плочите да им ги пуштам на пријателите.
Еден ден ги прелистував страниците на книгата Создавање и дојдов до поглавјето „Каде се мртвите?“. Почнав да читам со надеж дека ќе дознаам нешто повеќе за душите од покојниците на небото и за нивните радосни искуства. Но, спротивно на моите очекувања, книгата наведуваше дека мртвите се во нивните гробови и дека ништо не знаат. Како потврда беа цитирани стихови од Библијата како што е Проповедник 9:5, 10. Едно друго поглавје носеше наслов „Будење на мртвите“, а како доказ дека мртвите не се свесни и чекаат воскресение, беше цитиран Јован 5:28, 29. Тоа имаше смисла. Тоа беше задоволувачко.
Во тоа време, во 1942, ги прекинав врските со „Глас на пророштвото” и започнав да им зборувам на другите за работите што ги дознав од публикациите на Друштвото Стражарска кула. Меѓу првите што се одѕваа беше мојот пријател Јуда Летсоало, кој ми беше соученик во Воспитната институција Килнертон.
За да го посетиме конгресот на Сведоците од Африка во Питерсбург, јас и Јуда се возевме со велосипед 51 километар. После тоа, браќата од Питерсбург често пати доаѓаа дури до Мамача за да ме поучат во настапувањето со пораката за Царството пред моите соседи. Конечно, на еден друг конгрес во Питерсбург во декември 1944, како симбол на моето предание на Јехова, јас се крстив.
Се одѕиваат домашните и останатите
Каролина, Присила и мојата ќерка Дамарис продолжија да одат во Холандската Реформирана црква. Во тоа време ни се случи голема несреќа. Каролина го роди второто дете кое наизглед беше здраво машко бебе на кое му дадовме име Самуел. Но одненадеж тоа се разболе и умре. Пријателките од црквата не ѝ пружија на Каролина никаква утеха. Дури ѝ велеа дека Бог сакал нашиот син да биде со него на небото. Потресена, Каролина не престануваше да се прашува: „Зошто Бог би го зел нашиот син?“
Кога веста за нашата жалост стигна до Сведоците во Питерсбург, тие дојдоа и вистински нѐ утешија на темел на Божјата Реч. Каролина подоцна рече: „Она што Библијата го велеше за причината за смртта, за состојбата на мртвите и за надежта во воскресение имаше смисла и тоа длабоко ме утеши. Сакав да бидам во новиот свет и повторно да си го добијам своето синче“.
Каролина престана да оди во црквата и во 1946 се крстија, таа, Присила и Јуда. Набргу по своето крштение Јуда замина за да го отвори проповедничкото дело во селското подрачје Мамахлола, и до ден-денес тој служи како полновремен пионер.
Кога замина Јуда, јас бев единствениот маж кој остана да се грижи за нашето собрание кое се викаше Бојне. Тогаш во нашето подрачје се досели Грејсели Махлатји, кој на крајот се ожени со Присила. Секоја недела јас и Грејсели одевме на пат за да држиме јавни предавања на сепеди, еден од месните африкански јазици. За библиската литература да им биде достапна на луѓето, Друштвото ме замоли да преведувам литература на сепеди. За мене беше големо задоволство што можев да видам дека луѓето имаа голема корист од оваа литература.
За да ја зголемиме нашата акција за повикување на состаноците за јавност, купивме фонограф со голем звучник со намера да пуштаме библиски предавања на целото подрачје. Позајмивме кола што ја влечеа магариња, која ја носеше тешката опрема од едно место во друго место. Како резултат на тоа, соседите ни го дадоа прекарот „луѓе од магарешката црква“.
Во меѓувреме нашето малечко собрание се множеше. Најпосле, моите две постари сестри и нивните сопрузи станаа Јеховини сведоци и сите останаа верни до смртта. Исто така, многумина од собранието Бојне (сега наречено Мпогодиба) ја прифатија полновремената евангелизаторска служба и голем број од нив сѐ уште се во таа служба. Сега, на ова широко подрачје со раштркани села постојат две собранија со преку 70 објавители кои се активни во проповедничкото дело.
Нова кариера
Во 1949, прекинав со учителската служба и станав општ пионер. Мојата прва задача беше да ги посетам црните работници кои живееја на фармите на белците околу Валватер во Трансвал. Некои од сопствениците на фармите ја застапуваа штотуку усвоената политика за апартхејдот и беа цврсто уверени во тоа дека црнците треба да ја признаат својата наводна подреденост во однос на белците и дека тие треба да им служат на нивните бели господари. Поради тоа, кога им проповедав на црните работници, некои белци погрешно ме сфаќаа, мислејќи дека сум проповедник за неподложност. Некои ме обвинија дури и дека сум комунист, и ми се закануваа со стрелање.
За тоа ја известив подружницата на Друштвото Стражарска кула и набргу бев преместен на друга задача во селското подрачје наречено Дувелсклоф. Отприлика во тоа време и сопругата прекина со работата како учителка и ми се придружи во пионерската служба. Едно попладне, во 1950, кога се вративме од службата на проповедање, најдовме еден голем плик испратен од Друштвото. На наше изненадување тоа содржеше покана да прифатам служба како патувачки надгледник. Три години ги посетувавме собранијата во Јужна Африка, а потоа во 1953 бевме доделени во Лесото, земја затворена од сите страни во срцето на Јужна Африка.
Службата во Лесото и Боцвана
Кога започнавме да служиме во Лесото, се слушаа многу гласови дека странците често пати биле мета на ритуални убиства. Обајцата бевме загрижени, но љубовта кон нашите браќа од племето Сото и нивната гостољубивост набргу ни помогнаа да го заборавиме таквиот страв.
За да служам во собранијата во планините Малути во Лесото, патував со авион и ја оставав мојата сопруга во подножјето каде што продолжуваше во пионерската служба додека јас не се вратев. Браќата љубезно ме испраќаа од едно собрание во друго и ми помагаа да не се загубам во планините.
Еднаш ми беше речено дека за да дојдеме до следното собрание, ќе треба да поминеме преку реката Орање, јавајќи на коњ. Ме уверија дека мојот коњ е нежен, но исто така ме предупредија дека кога водата е многу длабока, коњите често пати се обидуваат да се ослободат од товарот. Се загрижив, бидејќи не бев ниту добар јавач ниту добар пливач. Наскоро се најдовме во реката, а водата веќе беше до седлата. Толку се исплашив што ги пуштив уздите и цврсто се држев за гривата на коњот. Колку само ми олесни кога безбедно пристигнавме на спротивниот брег!
Таа ноќ тешко заспав оти од јавањето ме болеше целото тело. Но сета неудобност се исплаќаше бидејќи браќата покажуваа големо ценење за посетата. Кога започнав со покраинската служба во Лесото, највисокиот број на објавители беше 113. Денес, таа бројка порасна на 1.649 објавители.
Во 1956 нашата проповедничка задача беше сменета и бевме доделени во протекторатот Бекуаналанд, сега наречен Боцвана. Боцвана е многу голема земја и потребно е да се поминат огромни раздалечини за да се дојде до сите објавители. Патувавме или со воз или на отворен камион. Немаше седишта, па моравме да седиме на подот со нашиот багаж. Често пати на одредиштето стигнувавме сосем извалкани и уморни. Нашите христијански браќа секогаш срдечно нѐ пречекуваа, а нивните насмеани лица ни беа освежување.
Во тоа време во Боцвана публикациите на Друштвото беа забранети, па така службата на проповедање од куќа до куќа ја извршувавме внимателно, без да употребуваме литература од Друштвото. Во една прилика, додека работевме близу селото Мафашалала, нѐ фатија и нѐ уапсија. Во одбрана цитиравме стихови од Библијата, укажувајќи на нашиот налог како што е запишано во Матеј 28:19, 20. Иако некои од советниците беа импресионирани, шефот нареди месните Сведоци да бидат камшикувани. Тогаш, на наше изненадување, свештеникот го замоли шефот да биде попустлив и да се смилува. Шефот се согласи и ние бевме ослободени.
И покрај прогонството и забраната на нашата литература, делото на Царството продолжи да напредува. Кога пристигнав во Боцвана, таму највисокиот број на објавители беше 154. Три години подоцна, кога забраната беше укината, бројот порасна на 192 објавители. Денес во таа земја има 777 Сведоци на Јехова кои активно проповедаат.
Поучување и преведување
После некое време, служев како водител на Школата на служба за Царството за христијанските старешини. Подоцна се радував на предноста да бидам наставник во Пионерската школа. Со својата сопруга повремено служевме и во подружницата во Јужна Африка. Во такви прилики помагав при преведувањето, а Каролина работеше во кујната.
Еден ден во 1969 надгледникот на подружницата, Франс Милер, дојде кај мене и ми рече: „Брат Тонгоана, би сакал ти и твојата сопруга да дојдете во мојата канцеларија.“ Кога отидовме ни објасни дека ние сме меѓу избраните делегати за конгрес во Лондон во 1969, под мото „Мир на земјата“. Се радувавме на љубезната гостољубивост на нашите браќа од Англија и Шкотска и тоа неизмерно го зголеми нашето ценење за светското братство.
За изминативе четири децении, Каролина беше верен придружник во нашата кариера како полновремени евангелизатори. Заедно делевме многу радости, но и некои жалости. Иако две деца ни умреа, нашата ќерка Дамарис израсна во прекрасен Сведок и исто така учествува во преведувачкото дело во подружницата во Јужна Африка.
Нашето здравје повеќе не ни дозволува да учествуваме во патувачката служба, па така во изминативе неколку години сме специјални пионери во собранието во Сешего, едно мало африканско гратче, близу Питерсбург. Таму служам како председавачки надгледник. Во Библијата се вели: „Со радост ме исполнува Твоето [Јеховиното] лице“, а јас навистина најдов радост и задоволство служејќи му на Бог на југот од Африка (Псалми 15:11).
[Слика на страница 26]
Сведочење во гратчето Сешего во Јужна Африка