Објавителите на Царството известуваат
„Сте свртеле погрешен број“
ВО ЈОХАНЕСБУРГ (Јужна Африка), Лесли и Каролина наизменично им сведочеле по телефон на луѓето што живееле во една населба за пензионери каде што имало безбедносна капија. Малкумина биле дома и наишле на мал интерес за нивната христијанска порака, па затоа Каролина била охрабрена кога една госпоѓа одговорила.
„Дале е тоа г-ѓа Б —?“ прашала Каролина.
„О, не“, рекол еден пријателски глас, „јас сум г-ѓа Џ —. Сте свртеле погрешен број.“
Забележувајќи ја топлината на нејзиниот глас, Каролина рекла: „Па, дозволете ми да Ви објаснам што сакав да ѝ кажам на г-ѓа Б —“. Потоа почнала да ѝ кажува за благословите на Божјето претстојно Царство. Откако биле направени подготовки да ѝ се достави брошурата Што бара Бог од нас?, г-ѓа Џ — прашала: „Патем, од која религија сте вие?“
„Ние сме Јеховини сведоци“, одговорила Каролина.
„О, не од таа религија! Не сакам да се сретнам со вас.“
„Но, г-ѓо Џ —“, молела Каролина, „изминативе 20 минути ја споделив со Вас најпрекрасната надеж, укажувајќи Ви од Библијата што ќе стори наскоро Божјето Царство за човештвото. Бевте толку среќна кога ги чувте овие работи — дури и возбудена — и сакавте да научите повеќе. Што знаете за Јеховините сведоци, всушност? Ако сте болна, дали би оделе на механичар? Зошто не ми дозволите мене да Ви кажам што веруваат Јеховините сведоци?“
По еден момент на тишина се чул одговорот: „Претпоставувам дека сте во право. Подобро дојдете. Но, знајте дека нема никогаш да ме преобратите!“
„Г-ѓо Џ —, јас не би можела никогаш да Ве преобратам дури и да сакам“, одговорила Каролина. „Само Јехова може да го стори тоа.“
Посетата за да се достави брошурата поминала добро, и г-ѓа Џ — (Бети) се сложила повторно да биде посетена. Кога Каролина навратила, Бети рекла дека им кажала на госпоѓите од нејзината маса дека имала дискусии со Јеховини сведоци. „Како си можела?“ — прашале тие, кревајќи ги рацете. „Тие луѓе не веруваат дури ни во Исус!“
Каролина веднаш ја потсетила Бети на една главна точка од нивната последна дискусија за Божјето Царство.
„Кој ќе биде Царот?“ — прашала Каролина.
„Па, Исус“, одговорила Бети.
„Се разбира“, рекла Каролина. Потоа објаснила дека Јеховините сведоци веруваат дека Исус е Божји Син, но не еднаков на Бог како дел од некое тројство (Марко 13:32; Лука 22:42; Јован 14:28).
По уште неколку посети, станало очигледно дека иако имала позитивен, весел дух, Бети имала лошо здравје. Всушност, била болна од рак и се плашела од смртта. „Би сакала да сум ги чула овие работи пред повеќе години и да ја имав твојата вера“, признала таа. Каролина ја утешила така што ѝ покажала стихови во кои смртта се опишува како длабок сон од кој може да се стане во воскресението (Јован 11:11, 25). Ова ѝ значело многу на Бети, која сега ужива во редовна библиска студија. Само нејзиното влошено здравје ја спречува да присуствува на состаноците во Салата на Царството.
Каролина забележува: „За мене е очигледно дека ангелите го водат ова дело. Бети беше ‚погрешен број‘, и замисли само, таа има 89 години!“ (Откровение 14:6).