Немав цел, но најдов смисла во животот
ЗАМИСЛЕТЕ колку само бев преплашен и колку ми беше непријатно кога едно утро, многу рано, неочекувано ме разбудија двајца крупни мажи кои ја пребаруваа спалната соба. Мајка ми стоеше, бледа и беспомошна, очигледно во состојба на шок. Тие мажи беа детективи.
Веднаш знаев што бараат. Иако однадвор изгледав храбар и пркосен, длабоко во себе се плашев. Сфатив дека на нашата банда од малолетни крадци во Њу Џерзи (САД), зад петици ѝ е полициска потера. Детективите дрско ми рекоа да се облечам, а потоа веднаш ме однесоа во полициското главно седиште заради сослушување.
Како се најдов во една таква бедна ситуација? Тоа почна доста рано во животот. Уште во средината на моите тинејџерски години, веќе се сметав себеси за закоравен малолетен деликвент. Во текот на 1960-тите, многу млади мислеа дека е „кул“ да се биде бунтовник без причина, а јас со цело срце го поддржував тоа. Така, на 16-годишна возраст, безделнички го поминував времето во една соседна сала за билијард бидејќи бев истеран од средното училиште. Таму се заплеткав со една група младинци кои крадеа. Откако им се придружив во релативно малите работи, почнав да уживам во возбудливоста и напнатоста на сето тоа и секое искуство навистина ми беше доста сензационално.
Така започна еден период на масовно провалување, кој траеше девет месеци. Како банда, главно се концентриравме на службени канцеларии каде што често пати се држеа големи суми пари во готово. Колку повеќе кражби извршувавме без да нѐ фатат толку похрабри станувавме. Конечно, одлучивме да ограбиме една филијала на државната банка.
За првпат, работите тргнаа наопаку. Иако влеговме во банката без потешкотии, внатре поминавме една фрустрирачка ноќ затоа што можевме да ја отвориме само благајничката каса. Но, посериозен проблем беше тоа што нашето провалување на банката го вовлече во случајот Федералното истражно биро (FBI). Со FBI по нашиот траг, не помина долго време пред да бидеме сите уапсени.
Жалосните последици од погрешното постапување
Освен што лично бев обвинет за 78 кражби, го претрпев срамот и што гласно пред судот се прочитаа деталите на секоја од нив. Згора на тоа, сиот публицитет изнесен во локалниот весник за нашите криминални дела, имаше погубно влијание врз моите родители. Но понижувањето и срамот што им го нанесов не ме загрижуваше баш во тоа време. Бев осуден на неограничено време во државниот поправен дом, што можеше да значи дека треба да бидам во притвор сѐ додека наполнам 21 година. Меѓутоа, поради огромните напори на еден вешт адвокат, бев префрлен во едно специјално поправно училиште.
Иако избегнав затворска казна, добив услов да се оддалечам од околината и од сите мои поранешни другари. За таа цел, ме запишаа во едно приватно училиште во Њуарк, училиште кое се концентрираше на проблематични деца како мене. Освен тоа, од мене се бараше и седмично да се состанувам со психолог за да добивам професионална помош. За сите овие подготовки се погрижија моите родители — што за нив значеше големи финансиски жртви.
Обиди да се поправам
Без сомнение, поради нашиот доста прочуен судски процес, во нашиот домашен весник се појави уводна статија под наслов „За штедењето на прачката“. Оваа статија беше критична спрема наизглед благиот третман што го доби бандата. Коментарите на оваа уводна статија, за првпат продреа до мојата совест. Затоа го исеков тој извадок од весникот и се заколнав дека еден ден, на некаков начин, ќе надоместам за сето страдање, срам и трошок што им ги нанесов на моите родители.
Си размислував дека еден начин, да им докажам на родителите дека можам да се променам би бил да матурирам во средното училиште со мојата генерација. Почнав да учам како никогаш порано во мојот живот. Резултатот беше тоа што на крајот од школската година, во присуство на мојот социјален работник, повторно се појавив пред судијата кој ме беше осудил. Неговото строго лице се промени во насмевка кога забележа дека сум постигнал просек од 4 плус за секое тромесечје. На тој начин ми беше отворен патот да се вратам во моето поранешно средно училиште и така следната година матурирав.
Мојата бесцелност продолжува
Веќе беше 1966 година и, додека многу од моите школски другари заминаа во војната во Виетнам, јас отидов во Колеџот Конкорд во Западна Вирџинија. На колеџ дојдов во контакт со дрога, движења за мир и цела една нова култура која ме натера да ги доведам во прашање традиционалните вредности. Нешто барав, но не знаев што. Кога дојде распустот за Денот на благодарноста, наместо да одам дома, отидов автостоп на југ преку Сините Планини, до Флорида.
Никогаш дотогаш не бев патувал, па така многу уживав додека гледав толку многу нови и различни места — то ест, сѐ до Денот на благодарноста, кога се најдов во затворот Дејтона Бич заради скитништво. Ми беше многу срам да им се јавам на родителите, но тоа го сторија затворските управници. Уште еднаш, татко ми се договори да плати дебела глоба наместо да ме остави да одлежам затворска казна.
После тоа не продолжив на колеџ. Наместо тоа, само со еден куфер и со новопробуден копнеж за патување, повторно почнав да патувам, стопирајќи бесцелно горе-долу по источниот морски брег на Соединетите Држави и работејќи секакви работи за да се издржувам. Моите родители ретко знаеја каде се наоѓав, иако одвреме навреме ќе ги посетев. На мое изненадување, секогаш им беше драго да ме видат, но јас не можев да се смирам.
Сега, кога веќе не бев повеќе на колеџ, го изгубив статусот на студент, кој ми овозможуваше одложување на воената служба. Мојот статус за регрутација стана 1-А, и беше само прашање на времето кога ќе ме викнат во војската. Незамислива ми беше помислата на дисциплина и губење на мојата нова слобода. Затоа одлучив да ја напуштам земјата со брод. Тогаш за мене се отвори прилика за една нова кариера. Би можело ли ова да биде вистинската смисла во мојот живот?
Живот на море како платеник
Еден стар пријател на семејството беше капетан во трговската морнарица на Соединетите Држави. Тој ми кажа за една од неодамна воведена програма за школување на поморски машинисти. Веднаш бев примен во една скратена двегодишна програма, која имаше двојна корист: одложување на воената обврска и изгледи за диплома за поморска машиноградба. Добив диплома во 1969 година и се пријавив како офицер по машиноградба од трета класа на мојот прв брод во Сан Франциско. Веднаш отпловивме за Виетнам со еден товар муниција. Патувањето беше монотоно и кога стигнавме во Сингапур се одјавив од тој брод.
Во Сингапур се пријавив на еден адмиралски брод — бегалец, наречен така затоа што ги изнајмуваше сите оние работници од доковите кои не беа членови на синдикатот. Овој брод пловеше покрај брегот на Виетнам, од Кам Ран Беј на југ до Да Нанг на север, близу до демилитаризираната зона. Одекнувачкиот татнеж на непрестаното бомбардирање овде, никогаш не престануваше. Меѓутоа, ова патување беше корисно во финансиски поглед, бидејќи со екстра добивките поради воениот ризик и поради повремените напади кога ќе бевме директно изложени на нив, како воен платеник годишно заработував повеќе од 35.000 долари. И покрај ова ново богатство, сѐ уште се чувствував без цел и се прашував во што се состои животот — каде одам?
Еден зрак за значењето на животот
После еден особено страшен напад од непријателски оган, Алберт, мојот помошник на парниот котел, почна да ми кажува дека наскоро Бог ќе донесе мир на Земјата. Ги начулив ушите на оваа необична информација. Кога следниот пат пловевме назад за Сингапур, Алберт ме информира дека тој е Јеховин сведок, но дека повеќе не е активен. Така заедно се обидовме да ги најдеме локалните Сведоци во Сингапур. Се чинеше како никој да не можеше да ни помогне, но токму ноќта пред да отпловиме, Алберт пронајде едно списание Стражарска кула во фоајето на еден хотел. На него имаше печат со адреса. Меѓутоа, немавме време да ја провериме адресата бидејќи следното утро веќе пловевме за Сасебо (Јапонија), каде што беше планирано две седмици бродот да оди во сув док.
Таму на посадата ѝ дадовме плата и Алберт си тргна по свој пат. Но се изненадив кога само по една седмица од него добив телеграма, во која ме известуваше дека следниот викенд во Сасебо се одржува конгрес на Јеховините сведоци. Одлучив да одам и да видам за што се работи на тој конгрес.
Тој ден — 8 август 1970 — засекогаш ќе ми остане во сеќавањето. На местото на конгресот пристигнав со такси, излегувајќи среде стотици Јапонци, сите беспрекорно облечени. Иако повеќето не знаеја англиски, сите како да сакаа да се ракуваат со мене. Никогаш порано не сум видел такво нешто. И покрај тоа што не можев нити збор да разберам од програмата на јапонски, одлучив повторно да одам и следниот ден — само за да видам дали ќе го доживеам истиот дочек. Го доживеав!
Изнајмивме нова посада и после една седмица бевме повторно на море, пловејќи за Сингапур. Првото нешто што го направив кога пристигнавме беше тоа што со такси отидов на адресата од печатот на списанието Стражарска кула. Од куќата излезе една пријателски настроена жена и ме праша дали би можела да ми помогне. Ѝ ја покажав адресата од Стражарска кула, и таа веднаш ме покани да влезам. Тогаш го запознав нејзиниот сопруг и дознав дека тие се мисионери од Австралија, по име Норман и Гледис Белоти. Им објаснив на кој начин сум ја добил нивната адреса. Кај нив се чувствував срдечно добредојден и тие одговорија на многуте мои прашања, па си заминав со торба полна со библиска литература. Во текот на следните неколку месеци, пловејќи по крајбрежјето на Виетнам, прочитав многу од тие книги, вклучувајќи ја и книгата Вистина која води до вечен живот.
Сега, за првпат во мојот живот, добив чувство на смисла и водство. На следното патување за Сингапур, дадов оставка од бродот.
Разочарувачко враќање дома
Исто така, за првпат навистина сакав да си одам дома. Затоа после неколку седмици, се вратив дома многу одушевен, сакајќи на моите родители да им кажам сѐ за Јеховините сведоци. Тие не го споделија мојот ентузијазам. Тоа беше разбирливо, затоа што моето однесување не им помагаше во тоа. Дома бев само неколку седмици кога, во излив на гнев, направив лом во еден локален ноќен клуб. Се освестив во една затворска ќелија.
Сега веќе почнував да мислам дека за мене нема вистинска надеж некогаш да се поправам и да го контролирам мојот насилен карактер. Можеби секогаш ќе бидам бунтовник без причина. Чувствував дека не можам повеќе да останам дома. Морав да побегнам. Затоа, по неколку денови, резервирав патување на еден норвешки товарен брод за Англија.
Англија и драмско училиште
Уживав во тоа што бев во Англија, но вработувањето беше проблем. Затоа одлучив да учествувам на аудиција за различни драмски училишта и, на мое изненадување, бев примен на Лондонското училиште за драмска уметност. Моите две години во Лондон ми поминаа во пијанчење, дружење и, се разбира, земање секаков вид дрога.
Наеднаш одлучив да го посетам моето семејство во Соединетите Држави уште еднаш. Но можете ли да си замислите како ги запрепастил овој пат мојот драматичен изглед? Носев црна широка наметка со две златни лавовски глави поврзани со златен синџир кај вратот, црвено кадифено машко елече и црни кадифени пантолони со кожен раб, ставени во чизми до коленици. Зарем беше чудно тоа што моите родители очигледно не беа импресионирани и што се чувствував дека воопшто не припаѓам на нивната конзервативна средина! Затоа се вратив во Англија, каде што во 1972 година добив диплома по драмска уметност. Сега постигнав уште една цел. Но сѐ уште постоеше мачното, повторливо прашање: Каде сега? Сѐ уште ја чувствував потребата од вистинска смисла на животот.
Бесцелноста конечно завршува
Кратко после тоа, конечно почнав да чувствувам дека во мојот живот доаѓа малку стабилност. Тоа започна со пријателството со една моја сосетка Керолајн. Таа беше учителка од Австралија и беше конвенционална и стабилна личност — чиста спротивност на мојата личност. Бевме пријатели две години без некаква романтична приврзаност. Керолајн потоа замина за Америка на три месеци и, поради нашето добро пријателство, организирав да престојува неколку седмици кај моите родители. Тие веројатно се прашувале каква врска би имала таа со таков чудак како мене.
Набрзо откако замина Керолајн, на моите пријатели им кажав дека и јас ќе си одам дома, а тие многу срдечно ме испратија. Но, наместо да си одам за Америка, отидов само до Јужен Кенсингтон, Лондон, каде што изнајмив стан во подрум и се јавив во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Лондон. Дојдов до сознание каков тек треба да заземе мојот живот. Во рок од една седмица ме посети една прекрасна брачна двојка која веднаш договори редовна библиска студија со мене. Поради публикациите од Сведоците што ги имав веќе прочитано, бев доста одушевен и побарав да проучувам двапати седмично. Увидувајќи го мојот ентузијазам, Боб наскоро ме покани во Салата на Царството и за кратко време почнав да ги посетувам сите седмични состаноци.
Кога открив дека Јеховините сведоци не пушат, јас решив веднаш да прекинам со таа навика. А што со мојот изглед? Не сакав повеќе да изгледам толку препознатлив па затоа купив кошула, кравата и костум. Наскоро ги исполнував условите да учествувам во проповедничката активност од куќа до куќа и, иако во почетокот имав доста трема, почнав да уживам во тоа.
Си помислив дека Керолајн многу ќе се изненади кога ќе се врати. Но тоа беше благо речено! Таа не можеше да верува на мојата промена за толку кратко време — во моето дотерување, изгледот, како и во многу други погледи. Ѝ објаснив како ми помогнале моите библиски студии и ѝ предложив и таа да има библиска студија. Плашејќи се на почетокот, таа конечно се согласи, поставувајќи услов дека би проучувала само со мене. Ми беше драго да видам колку брзо реагираше и, не помина долго време, таа почнаа да ја сфаќа вистината од Библијата.
После неколку месеци, Керолајн одлучи да се врати во Австралија, во Сиднеј, каде што ја продолжи својата библиска студија. Јас останав во Лондон до моето крштавање, кое беше после седум месеци. Сега повторно сакав да си одам дома во Соединетите Држави и да го видам целото мое семејство. Но овој пат одлучив да биде тоа како што треба!
Враќање дома со промена
Моите збунети родители сакаа да знаат што се случува овој пат — изгледав премногу пристојно! Но ми беше драго што сега вистински се чувствував како дома. Иако родителите нормално се прашуваа за мојата драстична промена, тие беа тактични и реагираа со нивната вообичаена љубезност и попустливост. Во месеците што следеа, имав предност со нив да ја проучувам Библијата. Започнав студија со моите две постари сестри врз кои, без сомнение, влијаеше мојот променет начин на живот. Да, ова беше вистинско враќање дома!
Во август 1973 година, отидов кај Керолајн во Австралија, каде што со задоволство видов како се крсти на меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци во 1973, заедно со уште 1.200 други. Следниот викенд се венчавме во Канбера, главниот град на Австралија. Овде служам во полновременото проповедничко дело веќе 20 години, а како старешина во локалното собрание 14 години.
Благодарение на соработката на мојата сопруга, одгледавме три деца — Тоби, Амбер и Џонатан. Иако се соочуваме со нормални фамилијарни проблеми, сепак успевам да учествувам во проповедничката активност полновремено како пионер и истовремено да се грижам за материјалните потреби на нашето семејство.
Денес, во Соединетите Држави, моите родители се предадени слуги на Јехова и, иако двајцата се сега во нивните 80-ти години, сѐ уште учествуваат во јавното проповедање за Царството. Татко ми служи како слуга помошник во локалното собрание. Моите две постари сестри исто така се ревносни во Јеховината служба.
Длабоко сум му благодарен на Јехова Бог што моите многу години на бесцелно лутање сега се далечно минато! Тој ми помогна не само да дознаам како најдобро да го искористам својот живот туку и ме благослови со обединето и грижливо семејство (Раскажал Дејвид Зуг Партрик).
[Слика на страница 22]
Дејвид и неговата сопруга Керолајн