Покажувај љубезен интерес за „сирачињата“
1 Јехова е „татко на сирачињата“ (Псал. 68:5). Неговата грижа за нивното добро се гледа од оваа заповед што ѝ ја дал на древната нација Израел: „Не расплачувајте ги вдовиците и сираците! Ако ги расцвилиш и тие извикаат кон Мене, задолжително ќе го послушам нивниот вик“ (Изл. 22:22, 23). Божјиот закон вклучувал и подготовка да им се помага на таквите лица околу нивните материјални потреби (Втор. 24:19—21). Под христијанското уредување, вистинските обожаватели се советувани да се ‚грижат за сираците и вдовиците во нивната неволја“ (Јак. 1:27). Како можеме да го имитираме Јеховиниот љубезен интерес за оние што растат во семејства со еден родител или во религиозно разделени семејства?
2 Духовна обука: Ако си самохран родител или имаш брачен партнер неверник, водењето редовна домашна библиска студија со твоите деца може да претставува предизвик. Но, редовната и смисловна библиска студија е неопходна ако сакаш тие да пораснат во урамнотежени, зрели личности (Посл. 22:6). Исто така, важно е секој ден да водиш со нив разговори за духовни работи (Втор. 6:6—9). Понекогаш можеби ќе се чувствуваш обесхрабрен, но не предавај се. Додека ги ‚подигаш [своите деца] во дисциплина и Јеховино умствено насочување‘, обрати се кај Јехова за помош и водство (Ефеш. 6:4).
3 Ако ти треба некаква помош во преземањето грижа за твоите библиски одговорности, кажи им на старешините за своите потреби. Можеби ќе можат да понудат практични предлози или да ти помогнат да воспоставиш добра духовна рутина во твоето домаќинство.
4 Како можат да помогнат другите: Во првиот век, Тимотеј станал ревносен слуга на Јехова и покрај тоа што израснал во религиозно разделен дом. Без сомнение, за тоа многу придонеле марливите напори на мајка му и баба му да го научат за светите списи во неговата младост (Дела 16:1, 2; 2. Тим. 1:5; 3:15). Меѓутоа, голема корист извлекол и од дружењето со другите христијани, меѓу кои и Павле, кој на Тимотеј се осврнал како на свое „верно дете во Господ“ (1. Кор. 4:17).
5 На сличен начин и денес, колку е само корисно кога духовно зрелите браќа и сестри покажуваат љубезен интерес за сираците во собранието! Го знаеш ли секој од нив по име? Разговараш ли со нив на христијанските состаноци и во други прилики? Покани ги да ти се придружат во службата на теренот. Можеби повремено можеш да ги вклучиш и нив, заедно со нивниот самохран родител или родител што е верник, во твојата семејна студија или во подготовките за здрава рекреација. Кога овие млади луѓе гледаат на тебе како на свој пријател, поверојатно е дека ќе го земат при срце твојот пример и охрабрување (Фил. 2:4).
6 Јехова е длабоко заинтересиран за сираците, и тој ги наградува нашите љубезни напори да им помогнеме да ја направат вистината своја сопственост. Мнозина што пораснале во домаќинства со самохран родител или во разделен дом добиле такво охрабрување и сега служат верно како пионери, слуги помошници, старешини, патувачки надгледници, мисионери или како членови на бетелското семејство. Нека сите ние, имитирајќи го нашиот небесен Татко, бараме начини да ‚се рашириме‘ во љубовта кон сираците (2. Кор. 6:11—13).