Придонесуваш ли за точен извештај?
1 Многу библиски извештаи вклучуваат конкретни бројки што даваат жива слика за она што се случило. На пример, Гедеон го победил мадијамскиот логор со само 300 луѓе (Суд. 7:7). Еден Јеховин ангел убил 185.000 асирски војници (2. Цар. 19:35). На Пентекост 33 н.е., биле крстени околу 3.000 луѓе, а набрзо потоа бројот на верниците пораснал на околу 5.000 (Дела 2:41; 4:4). Од овие извештаи е очигледно дека древните слуги на Бог вложувале голем напор за да состават целосен и точен извештај.
2 Јеховината организација денес нѐ учи секој месец да даваме извештај за нашата активност во службата на теренот. Тоа што верно соработуваме со оваа подготовка придонесува за делотворно надгледување на делото на проповедање. Извештаите можат да откријат дека треба да се обрне внимание на некој аспект на службата или дека се потребни повеќе работници во одреден дел од теренот. Во собранието, извештаите за службата на теренот им помагаат на старешините да ги препознаат оние што имаат потенцијал да ја зголемат својата служба како и оние на кои можеби им треба помош. И, извештаите за напредокот на делото на проповедање за Царството се охрабрувачки за целото христијанско братство. Го правиш ли својот дел да придонесеш за точен извештај?
3 Твоја лична одговорност: Дали на крајот на месецот ти е тешко да се сетиш што си направил во службата? Ако да, зошто не ја запишуваш својата активност секогаш кога учествуваш во службата на теренот? Некои користат календар или дневник. Други си носат со себе празни ливчиња за извештај за службата на теренот. На крајот на месецот, навреме предај му го својот извештај на твојот надгледник на студија на книга. Или, ако повеќе сакаш, можеш да го ставиш својот извештај во кутијата за извештаи во Салата на Царството. Ако заборавиш да го предадеш својот извештај, навреме јави му се на твојот надгледник на студија на книга, наместо да чекаш тој да ти пријде. Совесното известување на твојата активност покажува почит кон Јеховината подготовка и љубезен обѕир кон браќата на кои им е доделено да ги соберат и да ги состават извештаите (Лука 16:10).
4 Улогата на надгледникот на студија на книга: Како буден и грижлив пастир, надгледникот на студија на книга се интересира за активноста на групата во текот на месецот (Посл. 27:23). Тој знае дали секој објавител има редовен, значителен и радосен удел, и спремен е да понуди помош ако некои објавители цел месец не учествувале во службата. Понекогаш, сѐ што е потребно е некој охрабрувачки збор, практичен предлог или покана да одат со него во службата на теренот.
5 На крајот на месецот, надгледникот на студија на книга ќе се осигура дали сите во групата си ја исполниле одговорноста да ја известат својата активност за секретарот да може да предаде точен собраниски извештај во канцеларијата на подружницата до шести наредниот месец. Кога ќе наближи крајот на месецот, можеби од помош ќе му биде да ја потсети групата и да има на располагање ливчиња за извештај таму каде што се одржува студијата на книга. Ако некои се заборавливи во поглед на известувањето на нивната активност, тој може да им даде соодветни потсетувања и охрабрување.
6 Тоа што навреме ќе го предадеме својот извештај за служба на теренот, придонесува за извештај што точно покажува што било постигнато на теренот. Ќе го направиш ли својот дел така што навреме ќе ја известуваш својата активност секој месец?