Повторните посети водат до библиски студии
1. Зошто делото на правење повторни посети е толку важно?
1 Исус им дал налог на своите ученици не само да проповедаат туку и да ‚прават ученици . . . учејќи ги‘ (Мат. 28:19, 20). Еден проповедник објавува, но еден учител прави многу повеќе. Тој подучува, објаснува и нуди докази. Еден начин на кој ги поучуваме другите е така што правиме повторни посети кај заинтересираните лица со цел да започнеме библиски студии со нив.
2. Кај кого треба повторно да навратиш?
2 Кај кого треба да направиш повторна посета? Направи сѐ за повторно да навратиш кај сите што зеле литература или што покажале и најмал интерес за добрата вест. Ако наидеш на интерес кога сведочиш на јавно место, потруди се да ги добиеш адресата и телефонскиот број на лицето за да можеш да го негуваш интересот. Биди оптимистичен во врска со започнувањето библиски студии. Продолжи да ги бараш оние што ќе прифатат понуда да ја проучуваат Библијата и веројатно ќе ги најдеш (Мат. 10:11).
3, 4. Што е вклучено во правењето повторни посети?
3 Покажувај личен интерес: Подготовката за делотворна повторна посета почнува уште на првата посета. Успешните евангелизатори забележуваат што го интересира станарот и го користат тоа како темел за натамошни дискусии. На некои им е од помош да постават прашање на крајот на посетата за да го поттикнат интересот на станарот за наредната посета. Нашиот искрен интерес прави и понатаму да размислуваме за нив дури и откако ќе си заминеме и нѐ тера повторно да навратиме без одложување. Ако е можно, обиди се да се вратиш додека интересот е сѐ уште свеж — можеби дури и за ден или два.
4 Кога правиш повторна посета, обиди се да се надоврзеш на својата претходна дискусија. Постави си цел секој пат да споделиш барем една изградувачка библиска мисла и биди спремен да слушаш. Запознај го станарот подобро. Потоа, на подоцнежните посети, сподели ги вистините од Божјата реч што најдиректно се однесуваат на неговите грижи.
5. Кој едноставен пристап би можел да се користи за да се започнат библиски студии?
5 Биди свесен за приликите да започнеш библиска студија: Прави повторни посети со цел да започнеш библиска студија. Како може да се направи тоа? Спомни дека би сакал да споделиш една интересна мисла и отвори еден пасус од книгата Спознание или од брошурата Бара што мислиш дека ќе му биде привлечна на лицето. Прочитај го пасусот, разгледај го прашањето и дискутирај за еден или два од наведените стихови. Ова може да се направи и на самиот праг за пет до десет минути. Заврши така што ќе го поставиш наредното прашање и ќе направиш подготовки да ја продолжиш дискусијата другпат.
6. Како можеме да покажеме дека ја сфаќаме важноста на правењето повторни посети?
6 Негувањето на секој интерес на кој ќе наидеме е многу важен аспект од нашата служба. Затоа, одвој си време во твојот неделен распоред за да правиш повторни посети. Тоа ќе придонесе за делотворноста на твојата служба и ќе ти донесе вистинска радост.