Потребни се повеќе библиски студии
1 Јехова Бог ја благословува својата земна организација со постојан раст. Минатата службена година ширум светот се крстија 375.923 лица — просек од преку 1.000 нови ученици секој ден, односно околу 43 секој час! И покрај децениите тешкотии со кои можеби се соочија нашите браќа во различни делови на светот, делото на Царството цвета и се доживуваат извонредни порасти. Колку само е возбудливо да се чита за напредокот што се постигнува во ширењето на добрата вест!
2 Во Македонија, минатата службена година и ние видовме порасти во просекот на вкупниот број објавители и помошни пионери, во часовите поминати во проповедање, во бројот на врачени џебни брошури, брошури и списанија. Имаше пораст во бројот на крстени и досега најголем број присутни на Меморијалот. А што е со активноста на повторни посети и библиски студии? Иако имавме пораст во вкупниот број повторни посети што беа направени, имавме намалување на библиските студии. Сепак, овие карактеристики на службата го сочинуваат делото на правење ученици. Што може да стори секој од нас за да го промени правецот на овој тренд на опаѓање на библиските студии?
3 Зајакни ја желбата да водиш студија: Самите ние треба да се сосредоточиме на тоа да бидеме духовно јаки и активни. Христовите вистински следбеници се ‚ревносни кон добри дела‘ (Тит 2:14). Кога повторно ја разгледуваме нашата служба, можеме ли да речеме дека имаме силна желба да ги следиме до крај сите места на теренот каде што сме оставиле литература? Дали сме воодушевени во нудењето домашни библиски студии на сите оние кои покажуваат интерес? (Рим. 12:11, NW). Или е потребно да развиваме поголема желба за да правиме повторни посети и да започнуваме домашни библиски студии?
4 Личното читање на Библијата, редовното присуство на состаноците и проучувањето на публикациите ќе нѐ одржи духовно свежи и зајакнати со Божјиот дух (Ефеш. 3:16—19). Тоа ќе ја зајакне нашата вера и доверба во Јехова, како и нашата љубов кон ближниот. Ќе бидеме мотивирани да поучиме некој друг за вистината, правејќи ја со тоа нашата служба интересна, успешна и стимулирачка. Да, би требало да сакаме повеќе библиски студии!
5 Најпрво проучувај со семејството: Христијанските родители кои имаат деца кои живеат дома, треба да бидат заинтересирани за нивната програма на редовна семејна библиска студија (5. Мој. 31:12; Псал. 148:12, 13; Изр. 22:6). Би било многу корисно родителите да ја проучуваат со своите деца брошурата Бара а потоа и книгата Спознание за да ги подготват да се квалификуваат како некрстени објавители и за предание и крштавање. Се разбира, може да се разгледа дополнителен материјал, во зависност од потребите и возраста на детето. Родителот кој проучува со некрстено дете може да ја извести студијата, времето и повторните посети, како што е изнесено во Рубриката прашања во Наша служба за Царството од мај 1987.
6 Подобри ја личната организација: Кога ќе се земе предвид бројот на врачени списанија, брошури и книги, нема сомнение дека е разнесена голема количина семе. Овие семиња на вистината кои биле посеани имаат огромен потенцијал за создавање нови ученици. Но, дали еден земјоделец или градинар би бил навистина задоволен ако постојано сади и, после сите негови напори, никогаш не одвои време за да жнее? Не би се рекло. Слично на тоа, неопходна е служба на постојано следење на интересот.
7 Дали редовно планираш време за да правиш повторни посети? Брзо наврати повторно кај секој интерес што си го нашол. Прави повторни посети со цел да започнеш библиска студија. Дали водиш уредни, тековни и добро организирани белешки за твоите повторни посети? Освен името и адресата на станарот, погрижи се да го запишеш датумот на првата посета, литературата што си ја оставил, краток опис на она што било дискутирано и некоја мисла што може да се развие на следната посета. Во својот извештај остави простор за дополнителни информации кои ќе ги додаваш после секоја повторна посета.
8 Анализирај како да направиш повторна посета: Кои мисли треба да ги имаш на ум кога правиш повторна посета кај некое заинтересирано лице? 1) Биди срдечен, пријателски настроен, воодушевен и неформален. 2) Дискутирај за теми или прашања кои го интересираат. 3) Дискусијата нека биде едноставна и библиска. 4) При секоја посета, настојувај да го поучиш станарот за нешто што тој ќе увиди дека е од лична корист за него. 5) Создај исчекување за темата што ќе се дискутира на следната посета. 6) Не останувај предолго. 7) Не поставувај прашања кои му се непријатни на станарот или не го ставај во незгодна положба. 8) Употреби проникливост за да не ги осудиш погрешните гледишта или лошите навики на станарот пред да се развие духовно ценење. (Види го додатокот од Наша служба за Царството од март 1997 за дополнителна помош за тоа како да се биде успешен во правењето повторни посети и започнувањето библиски студии.)
9 Испитај ја секоја можност: Во едно собрание било можно да се добијат името и бројот на станот на секој станар во една зграда со високо осигурување. На секој жител му било испратено лично писмо и биле приложени по два трактата. На крајот на писмото била понудена домашна библиска студија и бил вклучен локален телефонски број со цел примателот да може да одговори. За неколку дена, еден млад човек се јавил и побарал студија. Следниот ден била направена повторна посета и била воспоставена студија со книгата Спознание. Истата вечер присуствувал на собраниската студија на книга и продолжил да присуствува на сите состаноци. Речиси веднаш започнал секојдневно да ја чита Библијата и брзо напредувал до крштавање.
10 Објавителите од една група со автомобил се договориле заедно да направат некои повторни посети. Кога една сестра направила една своја посета, лицето што го барала не било дома, но вратата ја отворила друга млада жена, велејќи: „Јас ве чекав“. Станарката претходно ја имала добиено книгата Спознание од некоја познаничка. До времето кога сестрата дошла на нејзината врата, таа двапати ја прочитала книгата и била многу импресионирана од информациите што ги содржела. Рекла дека не била изненадена кога видела дека Сведоците доаѓаат кај неа бидејќи таа се молела да дојдат и да ја проучуваат Библијата со неа. Била започната студија, таа почнала да присуствува на собраниските состаноци и брзо напредувала.
11 Една сестра, крстена речиси 25 години, неодамна ѝ ја дала на својата мајка книгата Спознание. Мајка ѝ, член на црквата, почнала да ја чита книгата. Откако завршила две поглавја, ѝ се јавила на ќерка си и, на нејзина вчудовиденост, рекла: „Сакам да станам Јеховин сведок!“ Мајката почнала да проучува и сега е крстена.
12 Пробај ги овие предлози: Дали некогаш си употребил директен пристап за да започнеш студија? Би можел едноставно да изјавиш: „Доколку би сакале да имате бесплатна домашна библиска студија, јас можам за само неколку минути да Ви покажам како се прави тоа. Ако ви се допаѓа, можете да продолжите“. Многу луѓе не се двоумат да прифатат таква понуда и тие спремно ја следат демонстрацијата на библиската студија.
13 На почетокот на студијата, покажи му на студентот како да се подготвува однапред со тоа што ќе ги чита наведените стихови и ќе ги подвлекува клучните зборови како одговор на отпечатените прашања. Сосредоточи се само на главните мисли. Иако можеби ќе треба да бидеме флексибилни првите неколку пати, важно е библиската студија да се одржува редовно. Мисли на тоа како ќе ја воведеш молитвата како еден неопходен дел од студијата и како библиски ќе го подготвиш студентот за противење. На секаков начин прави студијата да биде жива!
14 Се разбира, не напредуваат со иста брзина сите библиски студенти. Некои не се толку духовно наклонети како другите ниту, пак, брзо ги примаат работите за кои се поучени. Други водат многу зафатен живот и можеби не можат да посветат време колку што е потребно за да обработат по едно цело поглавје секоја седмица. Така, во некои случаи можеби ќе бидат потребни неколку пати за да се обработат извесни поглавја, како и неколку дополнителни месеци за да се заврши книгата. Во некои случаи можеби прво ќе ја проучуваме брошурата Бара а потоа ќе напредуваме преку книгата Спознание. Ова, заедно со неговото присуство на собраниските состаноци, ќе му помогне на секој студент да добие цврст темел во вистината.
15 Над сѐ, моли се за библиска студија! (1. Јов. 3:22). Едно од најнаградувачките искуства за еден христијанин е Јехова да го употреби да помогне некому да стане ученик на Исус Христос (Дела 20:35; 1. Кор. 3:6—9; 1. Сол. 2:8). Сега е време да покажеме голема ревност во делото на библиски студии, потполно уверени во Јеховиниот богат благослов врз нашите напори да започнеме повеќе студии!
[Истакната мисла на страница 3]
Дали се молиш за да започнеш нова библиска студија?