Еден прогресивен поглед на итното дело на правење ученици
1 Пред да ја напушти Земјата, Исус им заповедал на своите следбеници ‚да прават ученици од луѓето од сите народи‘. Ова барало тие да се зафатат со една интензивна кампања на проповедање и поучување и да ја прошират својата активност по целата населена Земја (Мат. 28:19, 20, NW; Дела 1:8). Дали оваа задача ја сметале за товар кој е претежок за носење? Според апостол Јован, не. Откако поминал 65 години правејќи ученици, тој напишал: „Бидејќи љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јов. 5:3).
2 Библискиот запис за активноста на раните христијани покажува дека тие со итност го вршеле налогот да прават ученици на Исус Христос (2. Тим. 4:1, 2). Ова не го правеле само од должност туку и затоа што нивна желба, полна со љубов, било да го фалат Бог и да им ја однесат на другите надежта за спасение (Дела 13:47—49). Бидејќи сите оние кои станале ученици и самите продолжиле да прават ученици, христијанското собрание во првиот век брзо растело (Дела 5:14; 6:7; 16:5).
3 Делото на правење ученици се забрзува: Во овој 20 век се извршува најголемото дело на правење ученици на сите времиња! Досега, милиони луѓе ја прифатиле добрата вест и постапувале според неа (Лука 8:15). Бидејќи времето на сегашниов систем на ствари брзо истекува, ‚верниот и разборит роб‘ ни обезбедил алатки кои им овозможуваат на луѓето со искрени срца брзо да ја научат вистината (Мат. 24:45, NW).
4 Во 1995 ја добивме книгата Спознание кое води до вечен живот, а во 1996 следеше брошурата Што бара Бог од нас? Во врска со книгата Спознание, изданието на Стражарска кула од 15 јануари 1996, страница 14, наведе: „Оваа книга од 192 страници може да се проучи за релативно кратко време, а оние кои се ‚исправно настроени за вечен живот‘ треба да бидат во состојба преку нејзиното проучување да научат доволно за да му се предадат на Јехова и да се крстат“ (Дела 13:48, NW).
5 Додатокот на Наша служба за Царството од јуни 1996, „Како да се прават ученици со книгата Спознание“, ни ја постави оваа цел: „Во зависност од околностите и способноста на ученикот, можеби ќе биде можно повеќето поглавја да ги опфаќаш во едно проучување од еден час или слично, без да брзаш за време на проучувањето. Учениците ќе прават подобар напредок кога и учителот и ученикот ќе се држат за договореното време за проучување секоја недела“. Понатаму, статијата наведе: „За очекување е, додека едно лице да го заврши проучувањето на книгата Спознание, неговата искреност и длабочина на интересот за служење на Бог да станат видливи“. Рубриката прашања во Наша служба за Царството од октомври 1996 објасни: „Се очекува дека за релативно краток временски период, еден делотворен учител ќе може да му помогне на еден искрен просечен ученик да стекне доволно спознание за да донесе разумна одлука да му служи на Јехова“.
6 Книгата Спознание донесува резултати: Кога една млада жена се крстила, раскажала што мисли за проучувањето на книгата Спознание. Некое време ја проучувала книгата Живеј засекогаш. Кога била објавена книгата Спознание, сестрата што ја водела студијата преминала на новата книга. Наскоро студентката можела да увиди дека за тоа ќе биде потребна одлука од нејзина страна и оттогаш била мотивирана брзо да напредува. Младата жена, сега наша сестра, вели: „Книгата Живеј засекогаш ми помогна да го љубам Јехова, но книгата Спознание ми помогна да донесам одлука да му служам“.
7 Разгледај колку брзо една друга жена ја научила вистината. После нејзината втора студија, таа присуствувала на еден состанок во Салата на Царството за време на посетата на покраинскиот надгледник. Таа седмица, на нејзината трета студија, му рекла дека извршила предание на Јехова и дека сака да стане некрстен објавител. Се состанала со старешините, кои ѝ одобриле да биде објавител, и следната седмица започнала со служба на теренот. Толку се внела во библиската студија што зела денови од одморот за да проучува два или три пати седмично и да минува повеќе време во служба. Понекогаш обработувале две или три поглавја наеднаш. Таа почнала да го применува она што го учела на сите подрачја од животот, ја завршила книгата Спознание за четири седмици и напредувала до крштавање!
8 Сопругот на една сестра вели за себе дека бил „типичен сопруг кој не е верник“. Еднаш, еден брат му понудил библиска студија со книгата Спознание, под услов човекот да престане после првата студија или кога и да е после тоа доколку сака. Сопругот се согласил да се обиде, и покрај тоа што не бил добар ученик како помлад и немал проучувано никаква религиозна литература повеќе од 20 години. Каква била неговата реакција на проучувањето на книгата Спознание? Тој рекол: „Вистинско задоволство беше кога открив дека ова библиско помагало е напишано толку едноставно. Информациите се изнесени толку јасно и логично што после кратко време ја очекував нашата следна студија со голема нестрпливост. Мојот учител вешто ги следеше методите на правење ученици што се изнесени од Заедницата, и со помош на Јеховиниот дух се крстив после четири месеци. Навистина можам да речам дека, ако развиеме љубов кон правењето ученици, ако продолжиме да ги бараме оние кои се со праведни срца во службата на теренот, ако ја користиме книгата Спознание и другите библиски помагала што ги обезбедува Заедницата и, што е најважно, ако се молиме за Јеховино водство, можеме да ја имаме посебната предност да помагаме во правењето ученици“. Претходниве искуства се навистина исклучителни. Повеќето од нашите студенти не доаѓаат во вистината толку брзо.
9 Студентите напредуваат со различна брзина: Мора да се признае дека способностите и на учителите и на студентите на Божјата Реч може прилично да се разликуваат. Духовниот раст може да биде спор или брз. Некои студенти за неколку месеци го постигнуваат напредокот за кој на други може да им биде потребно многу подолго време. Врз брзината на духовниот раст на едно лице влијае неговото образование, степенот на неговото ценење на духовните работи и длабочината на неговата оддаденост на Јехова. Нема секој со кој проучуваме „поблагороден ум“ за да го проучува Писмото секојдневно, како што правеле древните беријци кои станале верници (Дела 17:11, 12).
10 Ете зошто додатокот од Наша служба за Царството од април 1998, „Потребни се повеќе библиски студии“, го дава следново реално упатство: „Се разбира, не напредуваат со иста брзина сите библиски студенти. Некои не се толку духовно наклонети како другите ниту, пак, брзо ги примаат работите за кои се поучени. Други водат многу зафатен живот и можеби не можат да посветат време колку што е потребно за да обработат по едно цело поглавје секоја седмица. Така, во некои случаи можеби ќе бидат потребни неколку пати за да се обработат извесни поглавја, како и неколку дополнителни месеци за да се заврши книгата“.
11 Оние кои прават ученици задржуваат урамнотежено гледиште: Неопходно е да се одмери темпото на студијата според околностите и способностите на студентот. Бидејќи сме охрабрени да започнуваме студии со брошурата Бара, можеби ќе требаат два до три месеца за да се обработи пред да се премине на книгата Спознание. Ако ги користиме сите предлози што беа изнесени во додатокот на Наша служба за Царството од јуни 1996, можеби ќе требаат уште шест до девет месеци за да се заврши книгата Спознание. Некои кои штотуку започнале студија со книгата Спознание, преминале на брошурата Бара за да му помогнат на студентот побрзо да ги научи основните библиски вистини. Потоа повторно се вратиле на проучување на книгата Спознание. Ако некоја студија е започната со книгата Спознание и добро напредува, можеби ќе биде од корист да се проучува брошурата Бара откако ќе се заврши книгата, со што брзо ќе се повторат основните вистини од Божјата Реч. Во секој случај, не сакаме заради брзината да жртвуваме студентот да стекне јасно разбирање. На секој студент му е потребна цврста основа за неговата новопронајдена вера во Божјата Реч.
12 Со оглед на тоа каде се наоѓаме во струјата на времето, сега е поитно од кога и да било порано да им се помогне на другите да ја научат вистината. Освен постојано да се молиме да започнеме нови библиски студии, треба да се молиме и за оние кои веќе проучуваат со нас. Тогаш ќе ни биде радост постојано да се крштаваат повеќе ученици „преку сите дни до свршетокот на светот“ (Мат. 28:20).