„Како ќе можам . . . ако некој не ме упати?“
1 Кога евангелизаторот Филип го прашал етиопскиот евнух дали го разбира она што го чита од Божјата реч, човекот одговорил: „Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?“ Филип радосно му помогнал да ја разбере добрата вест за Исус, и веднаш потоа човекот се крстил (Дела 8:26—38). Филип бил послушен на Христовиот налог ‚да прави ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги и учејќи ги‘ (Мат. 28:19, 20, NW).
2 Исто како Филип, и ние мора да бидеме послушни на налогот да правиме ученици. Сепак, кај луѓето со кои ја проучуваме Библијата не гледаме често таков брз духовен напредок како кај етиопскиот евнух. Тој човек, еврејски прозелит кој бил добро запознаен со Писмото, имал приемчиво срце и требало само да прифати дека Исус бил ветениот Месија. Предизвик е ако оние со кои проучуваме немаат познавање на Библијата, биле заведени од учењата на лажната религија или, пак, се оптоварени со тешки лични проблеми. Што ќе ни помогне да бидеме успешни додека ги насочуваме библиските студенти кон предание и крштавање?
3 Согледај ги духовните потреби на библискиот студент: Додатокот од Наша служба за Царството од август 1998 дискутираше за тоа колку долго би можеле да проучуваме со луѓето користејќи ја брошурата Бара и книгата Спознание. Ни беше дадено следново упатство: „Неопходно е да се одмери темпото на студијата според околностите и способностите на студентот . . . Не сакаме заради брзината да жртвуваме студентот да стекне јасно разбирање. На секој студент му е потребна цврста основа за неговата новопронајдена вера во Божјата реч“. Затоа, се препорачува да не се брза со материјалот што е во книгата Спознание со намера да се заврши книгата за шест месеци. Можеби на некои ќе им треба многу повеќе од шест месеци за да им се помогне да напредуваат до степен на крштавање. Додека ја водиш студијата од седмица в седмица, посвети го сето потребно време за да му помогнеш на студентот да го разбере и да го прифати она што го учи од Божјата реч. Во некои случаи можеби ќе требаат две или три седмици за да се обработи едно поглавје од книгата Спознание. Така ќе има време да се прочитаат и да се разјаснат многу наведени стихови (Рим. 12:2).
4 Но, што ако, кога ќе се заврши книгата Спознание, согледаш дека разбирањето за вистината што го има студентот треба да се заокружи или дека сѐ уште не е целосно мотивиран да заземе став за вистината и да му го предаде својот живот на Бог? (1. Кор. 14:20). Уште што можеш да направиш за да го упатиш на патот кој води во живот? (Мат. 7:14).
5 Задоволи ги духовните потреби на библискиот студент: Ако е очигледно дека некој напредува, иако бавно, и дека стекнува ценење за она што го учи, тогаш продолжи ја библиската студија со втора книга откако ќе се заврши брошурата Бара и книгата Спознание. Можеби тоа нема да биде неопходно во секој случај, но кога ќе биде потребно, продолжи ја студијата со книгите Обединети во обожавањето или Божја реч. Повеќето објавители имаат лични примероци од овие книги за да ги користат доколку собранието ги нема на резерва. Може да се нарача само книгата Божја реч. Во сите случаи, најпрво ќе се проучи брошурата Бара и книгата Спознание. Библиската студија, повторните посети и времето што е потрошено за да се продолжи со студијата треба да се пресметаат и да се известат, дури и ако студентот се крсти пред да ја заврши втората книга.
6 Дали ова значи дека оние што се крстени неодамна, но кои проучувале само една книга, сега треба повторно да добијат помош за да ја проучуваат втората книга? Тоа не е неопходно. Меѓутоа, можеби се неактивни или не напредуваат во вистината и можеби мислат дека им е потребна лична помош за да можат во поголема мера да ја применат вистината во својот живот. Пред да се обнови студијата со некој крстен објавител, треба да се побара совет од надгледникот за служба. Меѓутоа, ако познаваш некои кои порано ја проучувале книгата Спознание но не напредувале до предание и крштавање, можеби ќе сакаш да преземеш иницијатива за да видиш дали ќе сакаат повторно да ја почнат својата библиска студија.
7 Знак на христијанска љубов е да му посветиме грижливо, лично внимание на секое заинтересирано лице со кое проучуваме. Нашата цел е да му помогнеме на студентот да добие поголем увид во вистината од Божјата реч. Потоа ќе може да заземе јасен, добро информиран став за вистината и да го предаде својот живот на Јехова, симболизирајќи го тоа предание со крштавање во вода (Псал. 39:8; Ефеш. 3:17—19).
8 Се сеќаваш ли што се случило откако се крстил етиопскиот евнух? Тој ‚радосно го продолжил својот пат‘ како нов ученик на Исус Христос (Дела 8:39, 40). Сега и засекогаш, да пронајдеме голема радост додека му служиме на Јехова Бог — и ние и оние кои успешно ги упатуваме на патот на вистината!