Дело што освежува
1 Библиската порака ги освежува сите што ја прифаќаат и ја применуваат во својот живот (Псал. 19:7, 8). Таа им помага да се ослободат од лажните учења и штетните практики и нуди доверлива надеж за иднината. Меѓутоа, оние што ја примаат добрата вест не се единствените што имаат корист. И оние што ги споделуваат освежувачките библиски вистини со другите се освежени (Посл. 11:25).
2 Зајакнати од службата: Исус рекол дека оние што го прифаќаат јаремот на христијанското учеништво, кој го вклучува и делото на проповедање и правење ученици, ќе ‚најдат освежување за [нивните] души‘ (Мат. 11:29). И тој самиот го сметал сведочењето на другите за зајакнувачко. Тоа било како храна за него (Јован 4:34). Кога ги испратил 70-те ученици да проповедаат, тие се радувале зашто виделе дека Јехова ги поддржува нивните напори (Лука 10:17).
3 Многу христијани денес на сличен начин се зајакнати од нивното учество во делото на проповедање. Една сестра рекла: „Службата е освежувачка зашто му дава на мојот живот правец и цел. Личните проблеми и секојдневните стресови избледуваат кога учествувам во службата“. Една друга ревносна министерка рекла: „Со помош на службата . . . Јехова секој ден е реален за мене и добивам мир и извесна мера внатрешна среќа што не може да се добие од ништо друго“. Каква само привилегија имаме да бидеме „Божји соработници“! (1. Кор. 3:9).
4 Христовиот јарем е благ: Иако христијаните се поттикнати ‚силно да се напрегаат‘, Исус не бара повеќе од тоа што можеме да го дадеме (Лука 13:24). Навистина, тој љубезно нѐ поканува да ‚го земеме неговиот јарем‘ (Мат. 11:29). Оние што мораат да се борат со тешки околности можат да бидат сигурни дека нивната служба од цела душа, дури и ако е ограничена, му е многу угодна на Бог (Мар. 14:6—8; Кол. 3:23).
5 Колку е само освежувачки да се служи на Бог кој цени сѐ што правиме за неговото име! (Евр. 6:10). Секогаш да настојуваме да му го даваме најдоброто.