Да се негува блискост со Јехова
1. Што сфатила една сестра во врска со нејзината духовна рутина?
1 „Механички живеев во вистината последниве 20-тина години со тоа што само одев на состаноците и учествував во службата на теренот“, признала една христијанска сестра. Меѓутоа, таа продолжува: „Заклучив дека, иако овие работи се важни, тие сами по себе не можат да ме поткрепат кога работите ќе тргнат наопаку . . . Сега сфаќам дека морам да го преиначам моето размислување и да започнам една програма на смисловно проучување за да можам навистина да го запознаам и да го засакам Јехова и да бидам благодарна за она што ни го дал неговиот Син“.
2. Зошто е важно да негуваме блискост со Јехова?
2 За да се изгради близок личен однос со Јехова потребен е напор. Треба многу повеќе отколку само да се следи една рутина на христијанска активност. Ако пропуштиме редовно да комуницираме со Јехова, со текот на времето тој ќе ни стане како некој пријател што сме го имале порано и со кого сме изгубиле контакт (Откр. 2:4). Да испитаме на кој начин можат личното проучување на Библијата и молитвата да ни помогнат да негуваме блискост со Јехова (Псал. 25:14).
3. Кој пристап кон личното проучување ќе ни помогне да му се приближиме на Бог?
3 Молитвата и медитирањето се многу важни: Личното проучување што го храни срцето вклучува повеќе отколку да се подвлечат клучните мисли во материјалот што се проучува и да се побараат наведените стихови. Тоа бара од нас да размислуваме за тоа што откриваат информациите за Јеховините патишта, неговите мерила и неговата личност (Изл. 33:13). Тоа што ги сфаќаме духовните работи влијае врз нашите чувства и нѐ поттикнува да размислиме за својот живот (Псал. 119:35, 111). Треба лично да се проучува со цел да му се приближиме на Јехова (Јак. 4:8). За сериозно проучување потребно е време и исправна атмосфера, а за редовно проучување потребна е дисциплина (Дан. 6:10). Дури и ако животот ти е полн со многу активности, си одвојуваш ли време секој ден да медитираш за прекрасните особини на Јехова? (Псал. 119:147, 148; 143:5).
4. На кој начин молитвата во поврзаност со личното проучување ни помага да негуваме блискост со Јехова?
4 Искрената молитва е многу важен дел од смисловното лично проучување. За да нѐ допрат библиските вистини до срце и за да нѐ поттикнат да „му принесуваме на Бог света служба со побожен страв и со страхопочит“, потребен ни е Божјиот свет дух (Евр. 12:28). Затоа, секој период на проучување треба да го започнеме со тоа што ќе го молиме Јехова за неговиот дух (Мат. 5:3). Кога размислуваме за Библијата и ги користиме помагалата за проучување што ги обезбедува Јеховината организација, му го отвораме своето срце на Јехова (Псал. 62:8). Тоа што ќе проучуваме на ваков начин е чин на обожавање преку кој му ја изразуваме нашата оддаденост на Јехова и ја зајакнуваме нашата приврзаност кон него (Јуда 20, 21).
5. Зошто е важно секој ден да медитираме за Божјата реч?
5 Како и сите други односи, и нашиот однос со Јехова мора постојано да се негува за да продолжи да се развива во целиот наш живот. Затоа, секој ден да си откупуваме време за да му се приближиме на Бог, знаејќи дека тој за возврат ќе ни се приближи нам (Псал. 1:2, 3; Ефеш. 5:15, 16).