Дел 5: Водење напредни библиски студии
Одреди колку материјал да се обработи
1 Кога ги поучувал своите ученици, Исус ги зел предвид нивните ограничувања, со тоа што им зборувал онолку ‚колку што можеле да слушаат‘ (Марко 4:33; Јован 16:12). Слично на тоа, оние што денес поучуваат за Божјата реч треба да одредат колку материјал е практично да обработат за време на библиската студија. Од способноста и од околностите на учителот и на ученикот ќе зависи колку материјал може да се разгледа.
2 Гради цврста вера: На некои ученици можеби им требаат две или три студии за да го сфатат истиот материјал што други ученици лесно можат да го разберат во текот на една студија. Многу поважно е да му помогнеме на ученикот јасно да го разбере материјалот отколку да поминеме многу материјал за кратко време. На секој ученик му треба цврст темел за неговата новопронајдена вера во Божјата Реч (Посл. 4:7; Рим. 12:2).
3 Додека ја водиш студијата од седмица во седмица, помини онолку време колку што е потребно за да му помогнеш на ученикот да го разбере и да го прифати она што го учи од Божјата Реч. Немој да брзаш, зашто тоа ќе го спречи ученикот да извлече корист од вистинската вредност на вистините за кои е поучуван. Остави си доволно време за да го насочиш вниманието на важните мисли и да ги разгледаш клучните стихови врз кои се темели поучувањето (2. Тим. 3:16, 17).
4 Држи се за темата: Како што не сакаме да брзаме низ студијата, исто така не сакаме и да застрануваме од темата. Ако ученикот е склон многу да зборува за лични работи, можеби ќе мораме да се договориме да разговараме за нив после студијата (Проп. 3:1).
5 Од друга страна, пак, поради нашата сопствена воодушевеност за вистината, можеби ние зборуваме премногу за време на проучувањето (Псал. 145:6, 7). Повремените дополнителни мисли или искуства можат да бидат корисни при проучувањето, но не би сакале тие да бидат толку чести и долги што ќе го спречат ученикот да стекне точно спознание за основните библиски науки.
6 Ако на секоја студија обработуваме разумно количество материјал, ќе им помогнеме на лицата што ја проучуваат Библијата да ‚одат во Јеховината светлина‘ (Иса. 2:5, NW).