Истрајте во проповедањето
1 Живееме во тешки времиња. Граѓански војни, етнички судири, природни катастрофи и други ужасни настани станаа секојдневие. Денес, повеќе од кога и да било порано, на човештвото му се потребни добри вести. Од друга страна, постои голема рамнодушност кон духовните работи. Во некои подрачја, многу ретко луѓето се дома, а уште поретко нѐ слушаат или сакаат да ја проучуваат Библијата. Но сепак, животоважно е да истраеме во проповедањето на добрата вест за Божјето воспоставено Царство (Мат. 24:14).
2 Љубов кон луѓето: Нашето проповедање го насочува вниманието на фактот дека Јехова ги сака луѓето. Тој „не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петр. 3:9; Езек. 33:11). Затоа одредил, како што рекол Исус, дека „ во сите нации најпрво мора да биде проповедана добрата вест“ (Мар. 13:10). Бог ги повикува луѓето да се свртат кон него и да го избегнат претстојниот суд врз Сатановиот свет (Јоил 3:1, 2, 5; Соф. 2:2, 3). Зарем не сме благодарни што Јехова нам ни ја дал таа можност? (1. Тим. 1:12, 13).
3 Извештајот од целиот свет покажува дека во текот на 2004 службена година, секој месец во просек беа водени 6.085.387 библиски студии и секоја седмица во просек беа крстени околу 5.000 нови ученици! Некои од овие нови предадени лица беа пронајдени како резултат на тоа што Јехова ги благослови постојаните напори на објавителите, кои се трудеа да зборуваат со секого на нивните доделени подрачја. Колку голема радост носи тоа во собранијата и колку голема привилегија е да се биде соработник со Бог во ова животоспасувачко дело! (1. Кор. 3:5, 6, 9).
4 Фалба на Божјето име: Ние истрајуваме во проповедањето за јавно да го фалиме Јехова и да го светиме неговото име пред целото човештво (Евр. 13:15). Сатана ја завел „целата населена земја“ да верува дека Бог е немоќен да ги реши проблемите на човештвото, дека не е заинтересиран за страдањата на луѓето, или дека едноставно не постои (Откр. 12:9). Со проповедањето, ние ја браниме вистината за нашиот величествен небесен Татко. Да продолжиме и понатаму да го фалиме неговото име — сега и засекогаш (Пс. 145:1, 2).