Дел 12: Водење напредни библиски студии
Помагај им на учениците да започнат и да водат библиски студии
1 Кога нашите ученици ќе почнат да учествуваат во службата на подрачјето, можеби ќе се плашат од помислата сами да започнат и да водат библиски студии. Како можеме да им помогнеме да развијат позитивен став кон овој важен дел од нашата служба? (Мат. 24:14; 28:19, 20).
2 Кога ученикот ќе ги исполни условите да стане некрстен објавител, веројатно веќе учествува во Теократската школа за служба. Обуката што ја добива со подготвувањето и презентирањето на задачите, ќе му помогне да развие вештини за поучување, кои му се потребни да биде „работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тим. 2:15).
3 Поучувај со пример: Исус ги поучувал своите ученици со јасни упатства и со тоа што давал добар пример. Тој рекол: „Секој кој е совршено поучен, ќе биде како својот учител“ (Лука 6:40). Многу е важно да постапуваш како Исус, со тоа што ќе даваш добар пример во твојата служба. Додека го гледа твојот пример во службата, ученикот ќе сфати дека целта на повторните посети е да се започнат библиски студии.
4 Објасни му на ученикот дека кога нудиме библиска студија, обично не е потребно во детали да опишеме како ќе изгледа тоа. Честопати најдобро е едноставно да му го покажеме тоа, така што ќе употребиме еден или два пасуси од публикацијата за проучување. Корисни упатства за тоа можат да се најдат на 8. страница од ова издание и на 6. страница од Наша служба за Царството од јануари 2002.
5 Кога ќе биде соодветно, покани го ученикот заедно со тебе или со некој друг искусен објавител да присуствува на друга библиска студија. Тој би можел да даде коментар за некој пасус или за некој клучен стих. На тој начин, со набљудување, ученикот ќе научи многу за тоа како да води напредни библиски студии (Посл. 27:17; 2. Тим. 2:2). Пофали го и разговарајте како може да се подобри.
6 Ако ги поучуваме новите објавители да бидат учители на Божјата Реч, тоа ќе ги оспособи и самите да го вршат ‚доброто дело‘ на започнување и водење студии (2. Тим. 3:17). Навистина е големо задоволство да се работи заедно со нив во упатувањето на љубезната покана: „Секој кој сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откр. 22:17).