Помогни им на другите да станат „послушни од срце“
1. Што бара Јехова од своите обожаватели?
1 Послушноста е неопходна за да се обожава Јехова на прифатлив начин (Втор. 12:28; 1. Петр. 1:14-16). Наскоро, Божјиот суд ќе дојде врз „оние кои не го познаваат Бог и над оние кои не се послушни на добрата вест“ (2. Сол. 1:8). Како можеме да им помогнеме на другите да станат „послушни од срце“ на учењата од Божјата реч? (Рим. 6:17).
2. Зошто е важно да им помогнеме на другите да изградат цврста вера?
2 Помогни им да градат вера и љубов: Во Библијата, послушноста е тесно поврзана со верата. Апостол Павле зборувал за „заповедта на вечниот Бог за унапредување послушност со помош на верата“ (Рим. 16:26). Во Евреите 11 поглавје се наведени голем број примери на вера, од кои многумина постапувале во склад со Јеховината волја (Евр. 11:7, 8, 17). Од друга страна, непослушноста е поврзана со недостиг на вера (Јован 3:36; Евр. 3:18, 19). Треба да развиеме вештина во користењето на Божјата реч за да им помогнеме на другите да развијат таква вера која ќе произведе послушност (2. Тим. 2:15; Јак. 2:14, 17).
3. а) Како е поврзана послушноста со љубовта? б) Како можеме да им помогнеме на оние со коишто проучуваме да развијат љубов кон Јехова?
3 Послушноста исто така е поврзана со љубовта кон Бог (Втор. 5:10; 11:1, 22; 30:16). „Љубовта кон Бог значи ова:“ вели 1. Јованово 5:3, „да ги држиме неговите заповеди; а неговите заповеди не се тешки“. Како можеме да им помогнеме на оние со коишто ја проучуваме Библијата да развијат љубов кон Јехова? Во текот на студијата барај прилики да изградиш ценење за Јеховините особини. Изрази ги твоите длабоки чувства за Бог. Помогни му на ученикот да размислува за тоа да развие личен однос со Јехова. Повеќе од што било друго, љубовта кон Јехова ќе ги мотивира другите — како и нас самите — да му бидеме послушни од срце (Мат. 22:37).
4. а) Зошто е важен нашиот пример? б) Што мораме да правиме за да развиеме „послушно срце“?
4 Со нашиот пример: Едно моќно средство со кое можеме да ги поттикнеме другите да ѝ бидат послушни на добрата вест е нашиот пример. Меѓутоа, ние треба постојано да се трудиме да развиеме „послушно срце“ (1. Цар. 3:9, NW; Посл. 4:23). Што е вклучено во ова? Храни си го срцето преку редовна лична Библиска студија и со редовно присуство на состаноците (Пс. 1:1, 2; Евр. 10:24, 25). Дружи се со оние чии срца се обединети во вистинското обожавање (Посл. 13:20). Редовно учествувај во службата на теренот со искрена желба да им помогнеш на луѓето на твоето подрачје. Моли се Јехова да ти помогне да развиеш добро срце (Пс. 86:11). Избегнувај работи што можат да ти го расипат срцето, како на пример неморалната или насилната забава. Барај работи кои можат да те приближат кон Бог и да го зајакнат твојот однос со него (Јак. 4:7, 8).
5. Како се благословени послушните?
5 Јехова го уверувал својот древен народ дека ќе го стигнат благослови ако го слуша неговиот глас (Втор. 28:1, 2). Слично на тоа, денес Јехова богато ги благословува „оние кои му се послушни како на владетел“ (Дела 5:32). Затоа, со нашето поучување и пример да им помогнеме на другите да станат послушни од срце.