Што постигнува нашата служба
1. Како гледа Јехова на нашата служба, а како реагираат луѓето?
1 Божјата реч за христијаните вели дека триумфално маршираат во Јеховината служба, како во една победничка поворка (2. Кор. 2:14-16). Кога ја објавуваме вистината за Бог, нашата служба е како пријатен мирис за Јехова. Некои луѓе се привлечени од милозвучноста на добрата вест а некои ја отфрлаат. Но негативната реакција од повеќето не значи дека нашата служба не е успешна. Разгледај што постигнува нашата служба.
2. Што можеме да покажеме со нашата служба?
2 Се велича Јехова: Сатана тврди дека луѓето му служат на Јехова од себични причини (Јов 1:9-11). Христијанската служба ни дава можност да покажеме дека нашата оддаденост кон Бог е искрена. Многу објавители и понатаму ѝ се послушни на заповедта да проповедаат и да прават ученици и покрај своите тешки околности или општата незаинтересираност на луѓето. Таквата лојална истрајност го радува Јеховиното срце (Посл. 27:11).
3. Зошто е толку важно да продолжиме да ги објавуваме Божјето име и намери?
3 Освен тоа, службата игра улога и во извршувањето на Божјата намера. Во врска со претстојното уништување на Сатанскиот свет, Јехова вели: „Сите народи ќе познаат дека Јас Сум Господ“ (Езек. 39:7). За да го знаат ова народите, многу е важно Божјите слуги да продолжат да им ги објавуваат неговото име и намери „на секоја нација и племе и јазик и народ“ (Откр. 14:6, 7).
4. На кој начин проповедничкото дело служи како основа за суд?
4 Основа за суд: Проповедањето на добрата вест служи и како основа за суд. Апостол Павле кажал дека Христос Исус ќе донесе одмазда „над оние кои не го познаваат Бог и над оние кои не се послушни на добрата вест за нашиот Господ Исус“ (2. Сол. 1:8, 9). Луѓето ќе бидат судени според нивната реакција на добрата вест. Божјите слуги навистина имаат сериозна одговорност! За да избегнеме вина за крв, не смееме да се воздржуваме од тоа да ја објавуваме пораката за Царството што спасува животи (Дела 20:26, 27).
5. Како се одразува Божјата милост во нашата служба?
5 Нашите напори да им помогнеме на ближните да добијат одобрување од Бог се израз на Јеховината милост (1. Тим. 2:3, 4). Знаејќи дека животите на луѓето постојано се менуваат, ние одиме кај нив секогаш одново и ги поттикнуваме да го бараат Јехова додека сѐ уште има време. На тој начин, го одразуваме „нежното сочувство на нашиот Бог“, кој „не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (Лука 1:78; 2. Петр. 3:9).
6. Каква корист имаме од тоа што сме зафатени во Јеховината служба?
6 Ни користи нам: Ние сме заштитени ако сме зафатени во Јеховината служба. Тоа ни помага ‚цврсто да ја држиме во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘ и да избегнуваме да бидеме извалкани од овој сегашен злобен систем (2. Петр. 3:11-14; Тит 2:11, 12). Затоа да бидеме „цврсти, непоколебливи, секогаш обилно вработени во делото Господово“, знаејќи дека нашиот труд во христијанската служба нема да биде залуден (1. Кор. 15:58).