Помогни им на другите да извлечат корист од откупнината
Спомен-свеченоста, со која ќе се одбележи Христовата смрт, ќе се одржи на 12 април
1. Како Божјиот народ ја покажува својата благодарност за откупнината?
1 „Фала му на Бога за неговиот неопислив бесплатен дар“ (2. Кор. 9:15). Овие зборови на многу добар начин ги опишуваат нашите чувства во врска со добрината и милоста што ја покажува Бог кон својот народ преку својот син, Исус Христос. Нашата благодарност ќе биде особено видлива кога ќе се собереме заедно на 12 април за да ја одбележиме Христовата смрт.
2. Освен Јеховините слуги, кој друг присуствува на Спомен-свеченоста, и што им е потребно за да извлечат корист од откупнината?
2 Освен Јеховините слуги, секоја година на Спомен-свеченоста присуствуваат и околу десет милиони други лица. Со тоа покажуваат дека и тие се благодарни за Христовата жртва. Меѓутоа, за да извлечат корист од откупнината, мораат да покажат вера во неа (Јован 3:16, 36). Како можеме да им помогнеме да стекнат таква вера? Во времето на овогодишната Спомен-свеченост, можеме да ги поттикнеме да ја проучуваат Библијата и да присуствуваат на седмичните собраниски состаноци. Разгледај ги следниве предлози.
3. Како би можеле да започнеме библиска студија со оние што ги каниме на Спомен-свеченоста?
3 Библиски студии: Кога ќе ги поканиш заинтересираните лица да дојдат на Спомен-свеченоста, зошто не се обидеш да почнеш да ја проучуваш со нив книгата Што учи Библијата? Предложи да им објасниш како се одбележува Спомен-свеченоста со тоа што заедно ќе ја разгледате темата „Господаровата вечера — прослава со која му се оддава чест на Бог“, на страници 206-208. Би можеле да ги разгледате тие информации во текот на една или две посети така, што ќе водиш библиска студија на врата. Откако ќе го обработите тој материјал, можеби лицето ќе биде спремно да разговарате за 5. поглавје кое носи наслов: „Откупнината — најголемиот дар од Бог“. Веднаш штом ќе се воспостави редовна библиска студија, вратете се назад и разгледајте ги првите четири поглавја од книгата.
4. Со кого можеме да започнеме библиска студија во времето околу Спомен-свеченоста?
4 Со кого можеме да започнеме библиска студија користејќи го овој пристап? Можеби некои колеги, соученици или соседи ќе сакаат да разговараат. Доколку во собранието има некоја сестра чиј сопруг не е Сведок, браќата би можеле да поразговараат со него. Не заборавај ги ни твоите роднини што не се Сведоци. Освен тоа, треба особено да се трудиме да ги поканиме оние што некогаш биле активно поврзани со собранието (Лука 15:3-7). Да бараме начини да им помогнеме на сите такви лица да извлечат корист од откупнината.
5. Како можеме да ги поттикнеме оние со кои ја проучуваме Библијата и другите заинтересирани лица, да доаѓаат на седмичните собраниски состаноци?
5 Собраниски состаноци: Спомен-свеченоста е првиот состанок на кој присуствуваат мнозина од оние со кои ја проучуваме Библијата, како и многу други заинтересирани лица. Но, како можеме да ги поттикнеме да извлечат корист и од другите собраниски состаноци? Во Нашата служба за Царството од април 2005, на 8. страница се наоѓаат следниве предлози: „Кажи им го насловот на следното јавно предавање. Покажи им го материјалот што ќе се разгледува на студијата на Стражарска кула и на Собраниската студија на книга. Опиши ја Теократската школа за служба и Состанокот за служба. Кога ќе имаш некоја задача во школата, можеш да ја вежбаш заедно со нив. Кажи им некои интересни мисли што биле изнесени на состаноците. Користи ги сликите од нашите публикации за да добијат претстава што се случува таму. Покани ги да дојдат на состанок уште на првата библиска студија“.
6. На кои два начина можеме да им помогнеме на искрените лица да извлечат корист од откупнината?
6 Кај искрените лица што редовно ја проучуваат Библијата и редовно присуствуваат на собраниските состаноци обично има брз духовен напредок. Затоа, да ги поттикнуваме другите да извлечат корист од оваа духовна помош и од откупнината — најголемиот дар од Бог.