Зголемувај го ценењето за Јеховините неспоредливи особини
1 Во службата на проповедање ние не ги поучуваме другите само за основните библиски вистини, туку им помагаме и подобро да го запознаат Јехова како личност и да имаат поголемо ценење за неговите неспоредливи особини. Кога лицата со искрени срца ќе ја дознаат вистината за Бог, таа длабоко влијае врз нив, ги поттикнува да прават промени во животот ‚за да одат достојно на Јехова и потполно да му угодат‘ (Кол. 1:9, 10; 3:9, 10).
2 Нова книга за проучување: Книгата Што учи Библијата уште во почетокот го свртува вниманието на Јеховините особини. Веќе во првото поглавје е даден одговор на прашањата: Дали Бог навистина е заинтересиран за тебе?, Каква личност е Бог?, и Можеме ли да бидеме блиски со Бог? Ова поглавје ги истакнува и Јеховината светост (пас. 10), неговата правда и сочувство (пас. 11), неговата љубов (пас. 13), неговата моќ (пас. 16), и неговата милосрдност, љубезност, спремност да прости, трпеливост и лојалност (пас. 19). Пасус 20 дава резиме на претходните пасуси со изјавата: „Колку повеќе учиш за Јехова, толку пореален ќе ти станува и ќе имаш сѐ повеќе причини да го сакаш и да се чувствуваш близок со него“.
3 Како да ја користиме книгата Што учи Библијата за да им помогнеме на лицата со кои проучуваме да му се приближат на Бог? Откако ќе разгледаме еден пасус што истакнува една од особините на Бог, би можеле да го прашаме ученикот: „Што ти кажува ова за Јехова како личност?“ или: „Како ова покажува дека Бог е заинтересиран за тебе лично?“ Ако повремено користиме такви прашања, ние ги поучуваме учениците длабоко да размислуваат за она што го учат и им помагаме повеќе да ги ценат Јеховините неспоредливи особини.
4 Користи ја рамката за повторување: На крајот на секое поглавје, замоли го ученикот да каже со свои зборови што мисли за секоја точка од рамката „Што учи Библијата“. Насочи му го вниманието кон наведените стихови. За да откриеш што има во срцето, понекогаш би можел да го прашаш ученикот: „Што мислиш ти за она што го вели Библијата по ова прашање?“ На тој начин, освен што ги нагласуваш главните мисли од поглавјето, исто така откриваш што верува тој навистина. Ова ќе му помогне на ученикот да почне да развива пријателство со Јехова.