Биди како нашиот ‚среќен Бог‘, Јехова
1 Јехова навистина сака луѓето да бидат среќни. Неговата Реч придонесува со радост да ги очекуваме прекрасните благослови што тој ги подготвил за човештвото (Иса. 65:21-25). За другите би требало да биде очигледно дека со радост ја објавуваме „славната добра вест на среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11). Од начинот на кој ја пренесуваме пораката за Царството треба да се гледаат нашата љубов за вистината и нашиот искрен интерес за луѓето на кои им зборуваме (Рим. 1:14-16).
2 Но, мора да се признае дека понекогаш може да ни биде тешко да останеме весели. На некои подрачја малкумина ја прифаќаат пораката за Царството. Има денови кога доживуваме тешки моменти во животот. За да ја задржиме радоста, добро е да размислуваме за тоа дека на нашето подрачје има уште многу луѓе што треба да ја слушнат и да ја разберат добрата вест за Царството што ја проповедаме (Рим. 10:13, 14, 17). Ако размислуваме за ова, ќе можеме со радост да го објавуваме она што Јехова милостиво го направил за да нѐ спаси.
3 Задржи се на позитивното: Треба да му обрнеме внимание и на она што го зборуваме. Иако можеме да го започнеме разговорот со тоа што ќе спомнеме некој проблем или нешто од вестите за кое размислуваат луѓето, треба да избегнуваме да се задржуваме на негативните работи. Нашата задача е да пренесеме „добра вест за добри работи“ (Иса. 52:7; Рим. 10:15). Оваа добра вест е порака што се темели на Божјите ветувања за една посветла иднина (2. Петр. 3:13). Имајќи го ова на ум, користи ја Библијата за ‚да ги излечиш скршените срца‘ (Иса. 61:1, 2). Ова ќе ни помогне да останеме весели и позитивни.
4 Луѓето сигурно ќе го забележат нашето ведро расположение додека учествуваме во проповедничкото дело. Затоа, секогаш да бидеме како нашиот ‚среќен Бог‘, Јехова, додека им ја објавуваме добрата вест за Царството на луѓето на нашето подрачје.