Покажи искрен интерес — со непристрасно проповедање
1 Во една визија, апостол Јован видел еден ангел што летал среде небото и им ја објавувал вечната добра вест на луѓето од „секоја нација и племе и јазик и народ“ (Откр. 14:6). Дали го следиме примерот на ангелот со тоа што проповедаме непристрасно? Без да сме свесни за тоа, можеби имаме некакви предрасуди. Нашиот став кон луѓето што ги сретнуваме може да влијае врз начинот на кој им ја пренесуваме добрата вест. Затоа, треба да покажеме искрена љубезна грижа кога им проповедаме на луѓе со различно потекло.
2 Размисли за твоето подрачје: Дали на твоето подрачје има луѓе од друга етничка група или националност? Нив лесно би можеле да ги занемариме. Преземи иницијатива да ги побараш овие лица и обиди се подобро да ги запознаеш. Кои се нивните потреби и грижи? Што сакаат, а што не сакаат? Кои се нивните стравови и предрасуди? Обиди се да ја приспособиш пораката за Царството на она што ќе го кажат (1. Кор. 9:19-23). Како апостол Павле, треба да чувствуваме обврска да им ја пренесуваме добрата вест на сите што се на нашето подрачје, вклучувајќи ги и оние што се од друга земја, оние што имаат поинаква култура, оние што зборуваат друг јазик и оние што се многу богати (Рим. 1:14).
3 Но, како можеш да му сведочиш на некој што зборува друг јазик? Користи ја брошурата Добра вест за луѓето од сите народи. Би можел да носиш и неколку трактати или брошури на јазиците што најмногу се зборуваат на твоето подрачје. (Види во Нашата служба за Царството од јули 2003 година, стр. 4, пас. 2, 3.) Освен тоа, некои објавители се потрудиле да научат некој поздрав и едноставна презентација на друг јазик. Луѓето честопати се импресионирани кога ќе слушнат дека некој се обидува да зборува со нив на нивниот јазик, дури и ако е тоа многу малку, а ова може да ги привлече кон добрата вест.
4 Биди како Јехова: Со тоа што им проповедаме на луѓето со различно потекло, ние го следиме примерот на нашиот непристрасен Бог, Јехова, „чија волја е сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тим. 2:3, 4).