Што ти е на прво место?
1 Како би одговорил на ова прашање? Се разбира, сите ние сакаме да го ставиме Царството на прво место (Мат. 6:33). Но, би можеле да се прашаме: „Дали тоа се гледа од моите одлуки?“ Библијата нѐ поттикнува: „Проверувајте се самите себе“ (2. Кор. 13:5). Како можеме да се провериме дали го ставаме Царството на прво место?
2 Како го користиме времето: Би можеле да почнеме така, што ќе се испитаме како го користиме времето (Еф. 5:15, 16). Колку време одвојуваме секоја седмица за дружење, гледање телевизија, пребарување по Интернет, или за некое хоби? Ако го запишеме на хартија времето што го трошиме за такви работи и ако го споредиме со времето што го трошиме за духовни активности, можеби ќе се изненадиме. Дали работиме прекувремено, жртвувајќи ја светата служба, само за да си овозможиме луксузен живот? Колку често ги жртвуваме состаноците или службата на проповедање во викендите за да одиме некаде на излет?
3 Постави си приоритети: Повеќето од нас немаме доволно време за да правиме сѐ што сакаме. Затоа, за да ни биде Царството на прво место, мораме да ги испитаме нашите приоритети и потоа да одвоиме време за она „што е најважно“ (Фил. 1:10). Во ова спаѓаат проучувањето на Божјата реч, проповедањето, грижата за семејството и присуството на христијанските состаноци (Пс. 1:1, 2; Рим. 10:13, 14; 1. Тим. 5:8; Евр. 10:24, 25). Другите активности како, на пример, умереното вежбање и здравата рекреација, се корисни (Мар. 6:31; 1. Тим. 4:8). Но, овие помалку важни работи мора да ги ставиме на исправното место.
4 Еден млад брат ја ставил службата за Царството на прво место така, што започнал со полновремена служба, наместо да стекне високо образование кое би го подготвило за световна кариера. Научил друг јазик и се преселил да служи таму каде што имало поголема потреба. Тој рекол: „Едноставно уживам во животот овде. Службата е вистинско освежување! Посакувам секој млад човек да направи ваков чекор и да го почувствува истото што го чувствувам и јас. Нема ништо подобро од тоа да му служиме на Јехова со сета душа“. Да, ако Царството ни е на прво место ќе имаме благослови, а што е уште поважно, тоа го радува нашиот небесен Татко, Јехова (Евр. 6:10).