Откровение — близу е величествената завршница!
1 „Среќен е оној што чита и оние што ги слушаат зборовите на ова пророштво и го држат она што е напишано во него. Зашто, блиску е времето за да се исполни“ (Отк. 1:3). Овие зборови ја истакнуваат вредноста на книгата Откровение, особено затоа што живееме во времето кога треба да се исполнат многу пророштва што се запишани во неа. Затоа, прикладно е што, почнувајќи со седмицата од 8 јануари 2007 година, на Собраниското проучување на книга ќе ја проучуваме Откровение — близу е величествената завршница!
2 Од времето кога последен пат ја проучувавме книгата Откровение — величествена завршница па досега, во светот се случија многу промени (1. Кор. 7:31). Освен тоа, мнозина од оние што оттогаш почнаа да ја проповедаат добрата вест за Царството, никогаш немаа можност да учествуваат во обработување на книгата Откровение стих по стих. Проучувањето на книгата Откровение — величествена завршница треба на сите да ни помогне да останеме будни за она што ни претстои (Отк. 16:15).
3 Постави си за цел да присуствуваш секоја седмица. Освен што материјалот ќе ни помогне да останеме будни, пораките на Исус до седумте собранија ќе ни помогнат да избегнуваме и ситуации и околности што би можеле лошо да влијаат врз нашата духовност и врз учеството во службата (Отк. 1:11, 19).
4 Добро подготви се: Пред секое собраниско проучување, прочитај ги стиховите во книгата Откровение што ќе бидат обработени. Забележи како на темел на Светото писмо се објаснети овие стихови. Труди се добро да ги разбереш главните мисли за тие да влијаат врз твоето срце (Неем. 8:8, 12). Одвој си време за длабоко да размислуваш и запрашај се: ‚Што ми кажува ова за Јехова и за остварувањето на неговата намера? Како можам да постапувам во склад со неговата намера и да им помогнам на другите?‘
5 Поминаа деведесет и две години откако во 1914 година започна „денот на Господарот“ (Отк. 1:10). Наскоро ќе се случат драматичните настани што се проречени во книгата Откровение. Проучувањето на книгата Откровение — величествена завршница ќе ги освежи нашето срце и нашиот ум, и ќе ни ја зацврсти верата дека „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ и новиот свет се близу (Отк. 16:14; 21:4, 5).