Објавувајте ги доблестите на Јехова
1. Што нѐ поттикнува да ги објавуваме доблестите на Јехова?
1 „Твои се, Јехова, величието и моќта и убавината и возвишеноста и честа, зашто твое е сѐ што е на небото и на земјата“ (1. Лет. 29:11). Како влијаат врз нас нашата љубов и благодарност кон Јехова? Тие нѐ поттикнуваат ‚да ги објавуваме доблестите на оној што нѐ повикал од темнината во својата прекрасна светлина‘ (1. Пет. 2:9). Не можеме да престанеме да им зборуваме на другите за нашиот голем Бог! Во месеците март, април и мај ќе имаме извонредна можност да ги објавуваме доблестите на Јехова.
2. Каква специјална кампања се планира за најава на Спомен-свеченоста, и кој може да учествува во неа?
2 Специјална кампања за најава на Спомен-свеченоста: Во понеделник, на 2 април, ќе ја одбележиме Господаровата вечера, на која ќе бидат истакнати доблестите на Јехова. За овој важен настан, од 17 март до 2 април низ целиот свет ќе се дели една специјална покана. Сите се охрабрени ревносно да учествуваат. Ова ќе биде прекрасна можност за новите да започнат да ја објавуваат добрата вест, доколку ги исполнуваат условите за тоа. Ако оние со кои проучуваш или можеби твоите деца, ги исполнуваат условите, разговарај со старешините за тоа.
3. Што би можеле да кажеме за да ги поканиме луѓето на Спомен-свеченоста?
3 Оваа кампања ќе биде слична со кампањата што ја имавме во врска со Обласниот конгрес „Избавувањето е многу близу!“ На собранијата ќе им бидат испратени доволно покани за да може секој објавител да добие по 50, а секој пионер по 150 примероци. Во кратката презентација би можел да кажеш: „Ова е вашата покана за еден важен годишен настан што ќе се одржи наскоро. Срдечно сте поканети да дојдете. Деталите за тоа се запишани на поканата“. Се разбира, ако станарот има прашања, одвој си време за да му ги одговориш. За таа цел, би можеле да ги користиме информациите од Додатокот за Господаровата вечера, кој се наоѓа на 206. страница од книгата Што учи Библијата. За време на викендите ќе ги нудиме најновите списанија заедно со специјалната покана. Погрижи се повторно да го посетиш секој што ќе покаже интерес.
4. Како ќе се дели специјалната покана за Спомен-свеченоста?
4 Таму каде што е можно, оваа специјална покана треба да му се врачи лично на секој станар. Затоа, забележи ги сите места каде што немало никој дома и погрижи се да дојдеш повторно во друго време. Собранијата на кои им останале многу покани можат да ги оставаат таму каде што немало никој дома, и тоа во седмицата пред Спомен-свеченоста, а не порано. Погрижи се да им дадеш покани и на оние што редовно ги посетуваш, на оние со кои проучуваш, на роднините, колегите, соседите и други познаници.
5. Зошто треба сега да почнеме да правиме планови за помошната пионерска служба?
5 Помошна пионерска служба: Дали можеш во текот на март, април и мај да ги објавуваш доблестите на Јехова во поголема мера така што ќе бидеш помошен пионер? За да го постигнеш тоа веројатно ќе треба да направиш некои промени во секојдневните активности (Еф. 5:15-17). Можеш да бидеш уверен дека трудот што ќе го вложиш за да учествуваш повеќе во Јеховината служба ќе ти донесе радост и Јеховин благослов (Изр. 10:22). Бидејќи Спомен-свеченоста се приближува, сега е времето да започнеш да правиш планови (Изр. 21:5).
6. Што можеме да научиме од искуството на 90-годишната сестра која била помошен пионер минатата година?
6 Една 90-годишна сестра била помошен пионер минатата година. Таа рекла: „Иако многу уживам во градинарството и сакав да почнам со садење растенија, сфатив дека треба да си поставам исправни приоритети. Бидејќи сакав службата за Царството да ја ставам на прво место, одлучив да бидам помошен пионер во март“. Дали била наградена за својот труд? Таа вели: „Се чувствувам поблиска со собранието, а тоа, пак, ме приближи до Јехова“. Можеме ли да се преиспитаме што ни е најважно во животот, па и ние да направиме промени каде што е потребно?
7. Дали е тешко да се служи како помошен пионер?
7 Целта од 50 часови за помошната пионерска служба можеби ќе ја постигнеш полесно отколку што си мислиш. Моли се и размислувај за своите секојдневни активности, направи план и потоа запиши го на твојот распоред за теократски активности. Ти најдобро си ги знаеш своите околности. Иако можеби имаш слабо здравје и немаш многу сила, сепак, можеби ќе можеш да одиш во служба околу два часа секој ден. Доколку работиш со полно работно време или, пак, одиш на училиште, би можел да бидеш помошен пионер ако одиш во служба навечер или за време на викендите.
8. Што ѝ помогнало на една брачна двојка да учествува во помошната пионерска служба?
8 Многумина учествувале во помошна пионерска служба како семејство. Во претходните години, една брачна двојка се колебала да се пријави за помошна пионерска служба бидејќи двајцата мислеле дека околностите не им го дозволуваат тоа. Што сториле во врска со тоа? „Го молевме Јехова да ни помогне да го постигнеме она што веќе долго време сакавме заедно да го направиме“. Направиле добар план и успеале да ја постигнат својата цел. Тие додаваат: „Беше прекрасно. Заедно доживеавме многу благослови. Нашиот предлог е да пробате. Ако ние успеавме, тогаш и вие би можеле да успеете“.
9. За да се подготвите за претстојните месеци на посебна активност, што би можеле да направите следниот пат кога ќе проучувате како семејство?
9 Дел од времето што го користите за да проучувате како семејство, би можеле да го употребите за да поразговарате за тоа како би можеле сите да ја зголемите својата активност во претстојните месеци. Дури и ако не можат сите во семејството да бидат помошни пионери, можеби еден од вас ќе успее во тоа со помош и соработка на другите. Или, пак, вашето семејство би можело да си постави за цел да учествува во поголема мерка во службата за време на овие месеци на посебна активност.
10. Зошто треба да зборуваме со другите за нашата желба да бидеме помошни пионери во периодот околу Спомен-свеченоста?
10 Помагајте си еден на друг: Одушевеноста е заразна. Зборувај со другите за твојата желба да бидеш помошен пионер. Ова може да ги охрабри и тие да се пријават. Освен тоа, оние што порано биле помошни пионери можат да ти дадат некои предлози што ќе ти помогнат да ги организираш своите активности и да направиш план за да ја постигнеш својата цел (Изр. 15:22). Ако можеш да бидеш помошен пионер, зошто не поттикнеш и друг објавител, можеби некој што има околности слични на твоите, да учествува во оваа пријатна активност?
11. Како можат старешините да ја зголемат одушевеноста кај другите за помошната пионерска служба во претстојните месеци?
11 Многу старешини ги прават потребните подготовки за да учествуваат во оваа посебна гранка од службата (Евр. 13:7). Ова е големо охрабрување за собранието! Старешините можат да ја зголемат одушевеноста кај другите со тоа што ќе разговараат со нив. Неколку љубезни и охрабрувачки зборови или некој практичен совет може да биде токму она што ќе поттикне некого да служи како помошен пионер. Надгледникот за служба веројатно ќе организира дополнителни состаноци за служба на подрачјето за да можат сите да учествуваат во сведочењето како група, и тоа по работа или по училиште. За тоа треба редовно да се даваат известувања. Исто така, тој ќе се погрижи да има доволно подрачја и литература за сите.
12. Што би можел да направиш ако не можеш да бидеш помошен пионер?
12 Ако околностите не ти дозволуваат да бидеш помошен пионер, сепак можеш да ги охрабриш оние што се пријавиле и можеш да се молиш за нив (Изр. 25:11; Кол. 4:12). Можеби ќе успееш да испланираш да одиш со нив во служба повеќе пати во седмицата или да бидеш во служба со нив подолго од обично.
13. Каква цел имаме како објавители во Македонија, и како може секое собрание да придонесе за да ја достигнеме?
13 Нашата цел — 300 помошни пионери во април: Во Македонија, во април 2001 год., во помошна пионерска служба учествуваа 215 објавители, што е највисок број досега. Според тоа, реална цел за претстојниот април се 300 помошни пионери. Таа цел можеме да ја достигнеме ако во секое собрание секој 4-ти објавител учествува во помошна пионерска служба, или ако во секое семејство барем еден член служи како помошен пионер. Се разбира, во некои собранија ќе има дури и повеќе објавители чии околности им овозможуваат да бидат помошни пионери. Повеќето собранија лесно ќе можат да ја постигнат таа цел. Замисли колку ќе биде возбудливо во вашето собрание поради оваа зголемена активност, и колку позитивно ќе влијае тоа врз проповедничкото дело во вашето подрачје!
14. Зошто април е одличен месец за помошна пионерска служба?
14 Зошто април е одличен месец за помошна пионерска служба? Спомен-свеченоста ќе се одржи во почетокот од месецот, а тоа ќе ни даде многу прилики повторно да ги посетиме оние што ќе присуствуваат на тој настан. Ќе ги нудиме списанијата, а цел ќе ни биде да им ја дадеме книгата Што учи Библијата на оние што повторно ќе ги посетиме и да започнеме да ја проучуваме Библијата со нив. Затоа, помошната пионерска служба во април ќе ни даде многу прилики да започнеме библиски студии. Во ова време, во нашата земја деновите се подолги и времето обично е пријатно. Освен тоа, месец април има пет викенди, што е особено погодно за оние што се вработени или одат на училиште.
15. Зошто треба да имаме чувство на итност со приближувањето на овогодишната Спомен-свеченост?
15 Со изминувањето на секоја Спомен-свеченост ние сме за една година поблизу до крајот на овој поредок. Останува уште малку време да им кажуваме на другите за нашиот величествен Бог (1. Кор. 7:29). Откако ќе заврши овогодишната Спомен-свеченост, засекогаш ќе заминат и скапоцените прилики што ни ги дава тој настан за да го славиме нашиот небесен Татко. Да се подготвиме сега да направиме сѐ што можеме за во текот на март, април и мај да ги објавуваме доблестите на Јехова!
[Рамка на страница 4]
Можеме ли да имаме 300 помошни пионери во април?
◼ Преиспитај ги своите приоритети
◼ Разговарајте за целите со семејството
◼ Кажи им на другите за твоите планови