„Правете го ова за мој спомен!“ Исусовата смрт ќе се одбележи на 2 април
1. Зошто 2 април, 2007 год., е важен датум?
1 На 2 април 2007 год., милиони луѓе низ целиот свет ќе се соберат за да ја одбележат Исусовата жртвена смрт. Исус умрел затоа што го поддржувал правото на неговиот небесен Татко да владее, и со тоа докажал дека Сатана Ѓаволот лажно ги обвинил луѓето дека му служат на Бог од себични мотиви (Јов 2:1-5). Господаровата вечера нѐ потсетува и на тоа дека со неговата смрт како совршен, безгрешен човек, Исус ‚го дал својот живот како откупнина за мнозина‘ (Мат. 20:28). Затоа, Исус им заповедал на своите ученици: „Правете го ова за мој спомен!“ (Лука 22:19). Дали благодарноста за овој скапоцен подарок од Бог те поттикнала да почнеш да се подготвуваш за да го одбележиш овој настан, кој претставува најголем чин на љубов? (Јован 3:16).
2. Како можеме да си го подготвиме срцето за Спомен-свеченоста?
2 Подготви си го срцето: Ако размислуваме за тоа што се случило во последните денови од Исусовиот човечки живот, ние ќе ги подготвиме нашите срца за одбележувањето на овогодишната Спомен-свеченост (Езра 7:10). Во тоа може да ни помогне посебно подготвениот распоред за читање на Библијата што се наоѓа во брошурката Секојдневно истражување на Писмото — 2007 и во Календарот за 2007. Овој распоред за читање се совпаѓа со деновите во кои се случиле настаните поврзани со смртта на Исус и тоа според календарот што го користиме денес. Деновите и датумите што се спомнати во Библијата се темелат на еврејскиот календар, според кој деновите се сметале од зајдисонце до зајдисонце. Оваа разлика во календарите е земена предвид при подготвувањето на посебниот распоред за читање на Библијата пред Спомен-свеченоста. Ако ги разгледуваме тие информации и ако под молитва длабоко размислуваме за тоа колку е голема Божјата љубов, ќе можеме да извлечеме потполна корист од Спомен-свеченоста.
3. Како можеме да им помогнеме на заинтересираните лица и на неактивните да извлечат корист од Спомен-свеченоста?
3 Покани други да дојдат: Додатокот во Нашата служба за Царството од февруари најави една специјална кампања со која ќе ги покануваме луѓето на овој важен настан. Дали си подготвен ревносно да учествуваш во оваа кампања? Дали направи список со оние што сакаш да ги поканиш и дали веќе контактираше со нив? Испланирај да бидеш присутен доволно рано вечерта на Спомен-свеченоста за да им изразиш добредојде на оние што си ги поканил како и на другите заинтересирани лица. Би било добро да седиш со нив и да им обезбедиш Библија и песнарка. Запознај ги со другите од собранието. По програмата, одвој си време да им одговориш на нивните прашања. Покани ги да дојдат на специјалното јавно предавање што ќе се одржи на 15 април. Старешините особено ќе се погрижат оние што се дел од собранието, но станале неактивни, да добијат покана за Спомен-свеченоста и за специјалното предавање.
4. Како да им помогнеме на луѓето да продолжат духовно да напредуваат по Спомен-свеченоста?
4 Помогни им на новозаинтересираните и на неактивните да напредуваат: Говорникот на Спомен-свеченоста накратко ќе објасни дека нудиме бесплатно проучување на Библијата и ќе ги охрабри новозаинтересираните да продолжат да учат за Јехова. Неговите коментари можеш да ги искористиш како темел за да им понудиш понатамошна духовна помош на оние што си ги поканил. Ако сѐ уште не ја проучуваат Библијата, погрижи се да ги посетиш набрзо по Спомен-свеченоста и да им покажеш како можат бесплатно да го прават тоа. За да напредуваат во духовен поглед, ќе треба и да присуствуваат на собраниските состаноци (Евр. 10:24, 25). За таа цел, охрабри ги да почнат редовно да доаѓаат на состаноците. Старешините треба да ги посетат неактивните христијани кои присуствувале на Спомен-свеченоста и со нив уште еднаш да ги разгледаат мислите што биле изнесени во предавањето. Ова можеби ќе ги охрабри повторно да станат активни во собранието.
5. Како ќе ни користи одбележувањето на Спомен-свеченоста?
5 Одбележувањето на Спомен-свеченоста ни дава можност сериозно да размислуваме за тоа што Јехова и Исус го направиле за нас. Таквото размислување ни ја продлабочува љубовта кон нив и влијае врз нашето однесување (2. Кор. 5:14, 15; 1. Јов. 4:11). Сега е времето да почнеме да се подготвуваме себеси и заинтересираните лица за овој важен настан со кој ‚ја објавуваме смртта на Господарот‘ (1. Кор. 11:26).