Рубрика прашања
◼ Зошто е опасно преку Интернет да контактираме со некој што не го познаваме?
На Интернет постојат голем број веб-страници преку кои луѓето можат да се запознаат и да контактираат. На многу од тие страници секој може да внесе свои лични податоци и да стави свои фотографии. Оние што ќе ја отворат таа страница можат да стапат во контакт со различни лица. Тие веб-страници се многу популарни меѓу младите, па и некои млади од нашите собранија ги користеле за да контактираат со лица што тврдат дека се Јеховини сведоци.
Оној што ќе го запознаеме преку Интернет може многу лесно да нѐ измами. Би можел да се претстави како друга личност, да лаже дека го сака Јехова или да ги крие своите мотиви (Пс. 26:4). Некој што тврди дека е Јеховин сведок може, всушност, да е неверник или некој што е исклучен од собранието, па дури и отпадник што се обидува да ги заведе христијаните (Гал. 2:4). Се известува дека многу педофили ги користат тие веб-страници за да си најдат жртви.
Дури и ако сме уверени дека оние со кои контактираме се на добар глас во собранието, сепак во такви околности лесно може да се случи разговорот да тргне во погрешен правец. Причина за тоа е што луѓето се поопуштени со оние што не ги запознале лично. Освен тоа, бидејќи се сами кога разговараат на Интернет, си мислат дека за тоа нема да дознае никој — ниту нивните родители ниту старешините. За жал, некои млади чии родители се Јеховини сведоци се фатиле во оваа стапица и почнале да користат безобразни зборови (Еф. 5:3, 4; Кол. 3:8). Други, пак, во своите лични податоци вклучиле и свои сексуално провокативни слики, си давале непристојни називи или вметнувале Интернет-адреси од страници на кои има музички видеоспотови во кои отворено се прикажуваат сексуални сцени.
Со оглед на сево ова, родителите треба да внимаваат како нивните деца го користат компјутерот (Изр. 29:15). Секој ќе се сложи дека би било опасно да поканиме некој непознат човек во нашиот дом или да го оставиме насамо со нашите деца. Слично на тоа, опасно е ние или нашите деца да се спријателуваме со непознати лица преку Интернет, дури и ако тие тврдат дека се Јеховини сведоци (Изр. 22:3).