Да му служиме на Јехова како семејство
1 Во библиски времиња, членовите на семејството правеле многу работи заедно. Заедно ги вршеле секојдневните обврски, но што е најважно, како семејство му служеле на Јехова (3. Мој. 10:12-14; 5. Мој. 31:12). Денес, за разлика од тогаш, на многу места членовите на семејството прават малку работи заедно. Меѓутоа, христијаните се свесни дека е многу корисно семејството да учествува во заеднички активности, особено кога станува збор за служењето на Бог. Тој, како Основач на семејството, сигурно многу се радува кога гледа како цели семејства обединето му служат!
2 Проповедајте заедно: Членовите на семејството меѓусебно се зближуваат кога заедно ја проповедаат добрата вест. Затоа, освен што проповедаат со другите од собранието, старешините редовно одат во служба и со своите сопруги и со децата (1. Тим. 3:4, 5). Дури и патувачките надгледници, кои се многу зафатени со службата, одвојуваат време за да проповедаат заедно со своите сопруги.
3 Ако родителите одат во служба заедно со своите деца, ќе можат да им помогнат подобро да ја проповедаат добрата вест. Притоа децата ќе имаат прилика да видат дека нивните родители со радост и со задоволство ја вршат службата, и дека многу ги сакаат Јехова и луѓето (5. Мој. 6:5-7). Добро е родителите да одат во служба со децата дури и откако малите ќе потпораснат. Еден брачен пар сѐ уште редовно оди во служба со своите три сина кои се на возраст од 15 до 21 година. Таткото вели: „Секојпат ги учиме по нешто. Се трудиме службата да ни биде радосна, и сите да се охрабриме од неа“.
4 Подготвувајте се заедно: Некои семејства сфатиле дека е многу добро заедно да се подготвуваат за службата. На децата обично им е многу интересно да вежбаат презентации со другите од семејството, при што еднаш се во улога на станар, а другпат во улога на објавител. Некои го прават тоа откако ќе завршат со семејното проучување на Библијата.
5 Многу сме радосни кога учествуваме во важни и пријатни активности заедно со нашите најмили. Навистина е вистинско уживање за сите во семејството кога заедно проповедаат од куќа до куќа, кога прават повторни посети и кога ја проучуваат Библијата со заинтересираните! Додека му служиш на Јехова со твоето семејство, можеш радосно да кажеш: „Јас и мојот дом ќе му служиме на Јехова!“ (Ис. Нав. 24:15).