‚Во сѐ одете по неговите стапки‘
1. Што ќе ни помогне да станеме делотворни проповедници?
1 Исус не се школувал на рабинските школи, а сепак бил најдобриот Проповедник во историјата. Затоа, среќни сме што за нас е сочуван пишан извештај за неговата служба. За да бидеме делотворни проповедници, мораме ‚во сѐ да одиме по неговите стапки‘ (1. Пет. 2:21).
2. Што ќе ни помогне да ги сакаме луѓето како што ги сакал Христос?
2 Покажувај љубов кон луѓето: Љубовта и грижата за луѓето го мотивирале Исус во сѐ што правел за нив (Мар. 6:30-34). Многумина на нашето подрачје се „во болка“ и имаат голема потреба од вистината (Рим. 8:22). Ако размислуваме за нивната тешка ситуација и за Јеховината грижа за нив, и ние ќе бидеме мотивирани да продолжиме да проповедаме (2. Пет. 3:9). Освен тоа, луѓето повеќе ќе сакаат да ја слушнат нашата порака ако почувствуваат дека искрено сме заинтересирани за нив.
3. Во кои прилики проповедал Исус?
3 Сведочи во секоја прилика: Исус ја користел секоја прилика да зборува за добрата вест со другите (Мат. 4:23; 9:9; Јован 4:7-10). И ние сакаме да бидеме спремни да зборуваме за вистината во секое време. Некои секогаш си носат со себе Библија и библиска литература за да можат да сведочат на работа, на училиште, кога патуваат или кога купуваат.
4. Како ќе го направиме Царството главна тема на нашата служба?
4 Царството — главна тема: Добрата вест за Царството била главна тема на Исусовата служба (Лука 4:43). Иако не мора веднаш или директно да го спомнеме Божјето царство кога почнуваме разговор, сакаме да му помогнеме на станарот да сфати дека ни е потребно тоа Царство. Дури и кога ги спомнуваме лошите услови во светот, кои покажуваат дека живееме во последните денови, ние првенствено објавуваме „добра вест за она што е добро“ (Рим. 10:15).
5. За да бидеме делотворни во службата, колку е важна Библијата?
5 Користи ја Божјата реч: Исус постојано го користел Светото писмо кога проповедал. Ништо не поучувал сам од себе (Јован 7:16, 18). Се хранел од Божјата реч и ја применувал на себеси кога бил нападнат од Сатана (Мат. 4:1-4). За да ги поучуваме делотворно другите, мора секој ден да ја читаме Библијата и да живееме според неа (Рим. 2:21). Кога одговараме на прашања што ќе ни ги постават додека сме во служба, треба да даваме објаснување на темел на Библијата или, пак, директно да читаме од неа секогаш кога е можно. Сакаме станарот да види дека не изнесуваме свои лични ставови, туку дека цврсто се држиме за Божјите мисли.
6. Што правел Исус за да допре до срцата на луѓето?
6 Допри до срцето на ученикот: „Никој никогаш не зборувал така“ (Јован 7:46). Тоа го рекле стражарите за Исус кога главните свештеници и фарисеите ги прашале зошто не го уапсиле. Исус не изнесувал само факти, туку со своето поучување допирал до срцата на луѓето (Лука 24:32). За да можат да го разберат, користел примери од секојдневниот живот (Мат. 13:34). Исус не ги преплавувал луѓето со премногу информации (Јован 16:12). Свртувал внимание на Јехова, а не на себеси. И ние ќе станеме добри учители ако ‚добро внимаваме како поучуваме‘ (1. Тим. 4:16).
7. Зошто Исус истрајал во службата?
7 Истрај и покрај рамнодушноста и противењето: Иако Исус правел моќни дела, многумина не го слушале (Лука 10:13). Дури и некои негови роднини си мислеле дека „се мрднал од умот“ (Мар. 3:21). И покрај тоа, Исус истрајал. Останал позитивен бидејќи бил сосема уверен дека ја има вистината што може да ги ослободи луѓето (Јован 8:32). Со Јеховина помош, и ние сме решени да не се откажеме (2. Кор. 4:1).
8, 9. По примерот на Исус, какви жртви треба да правиме за добрата вест?
8 Прави жртви за добрата вест: Исус ги жртвувал материјалните удобности заради службата (Мат. 8:20). Неуморно проповедал, понекогаш дури и до доцна во денот (Мар. 6:35, 36). Знаел дека има ограничено време за да го заврши делото. Бидејќи е преостанато „малку време“, и ние треба да жртвуваме дел од нашето време, енергија и средства, како што правел Исус (1. Кор. 7:29-31).
9 Христијаните од првиот век биле делотворни проповедници бидејќи учеле од Исус (Дела 4:13). И ние потполно ќе ја извршиме нашата служба ако се угледаме на најдобриот Проповедник во историјата (2. Тим. 4:5).