Добро подготвувај се да поучуваш
1. Зошто треба да се концентрираме на тоа да му помогнеме на интересентот да стекне ценење за она што го учи?
1 Кога проучуваме со некого, мораме добро да се подготвуваме за да го мотивираме да му служи на Јехова. Нашиот труд ќе се исплати ако му помогнеме на интересентот да стекне ценење за она што го учи од Библијата. Тоа, пак, ќе му ја даде потребната мотивација (5. Мој. 6:5; Изр. 4:23; 1. Кор. 9:26). Но, како можеме да го правиме тоа?
2. Како молитвата ни помага добро да се подготвиме?
2 Моли се кога се подготвуваш: Бидејќи Јехова е оној што дава семето на вистината да расте во срцето на интересентот, соодветно е кога ќе се подготвуваме за студијата, на почетокот да се помолиме конкретно за тоа лице и за неговите потреби (1. Кор. 3:6; Јак. 1:5). Исто така, молитвата може да ни помогне да увидиме што можеме да направиме за да всадиме во неговото срце „добро познавање“ за Јеховината волја (Кол. 1:9, 10).
3. За што би можеле да размислуваме додека се подготвуваме?
3 Размислувај за интересентот: Исус знаел дека, за да поучува делотворно, мора да ги земе предвид слушателите. Најмалку во две прилики, на Исус му било поставено истото прашање: „Што треба да правам за да наследам вечен живот?“ Во секоја од тие ситуации, Исус користел поинаков пристап (Лука 10:25-28; 18:18-20). Според тоа, додека се подготвуваме, треба да размислуваме за потребите на интересентот. На пример, кои од наведените стихови ќе ги читаме заедно? Колку материјал ќе обработиме? Кои мисли од лекцијата можеби ќе му биде потешко да ги разбере или да ги прифати? Ако можеме да предвидиме некои од прашањата што би ни ги поставил, ќе бидеме подобро подготвени делотворно да му одговориме.
4. Што е вклучено во добрата подготовка?
4 Разгледај го материјалот: Без разлика колку пати претходно сме го проучувале материјалот, со тој интересент го проучуваме за првпат. За да допреме до неговото срце, многу е важно да се подготвуваме пред секоја студија. Ова значи дека треба да го правиме она на што го поттикнуваме и интересентот. Треба да го разгледаме материјалот и наведените стихови, имајќи го интересентот на ум, а би можеле да си ги подвлечеме и главните мисли (Рим. 2:21, 22).
5. Како можеме да се угледаме на Јехова?
5 На Јехова му е многу важно како напредува секој интересент (2. Пет. 3:9). Кога одвојуваме време за да се подготвиме за секоја библиска студија, и ние покажуваме љубов и грижа како неговата.