„Ти би бил добар пионер!“
1. Што рекла една сестра за својата пионерска служба?
1 „Нема друга работа која би ми донела повеќе задоволство и поголеми духовни благослови.“ Тоа го рекла Кети Б. Палм, која со децении несебично служела како пионер, сведочејќи од едниот до другиот крај на Чиле, во Јужна Америка. Размислувајќи колку исполнет живот имаат оние што се во полновремена служба, можеби некој ти рекол: „Ти би бил добар пионер!“
2. Објасни зошто духовните активности носат големо задоволство.
2 Среќен и исполнет живот: За нашиот Пример, Исус, било вистинска поткрепа и задоволство да ја извршува волјата на својот Татко (Јован 4:34). Затоа, искрено ги поучувал своите следбеници дека ќе бидат вистински среќни и исполнети ако учествуваат во активности поврзани со службата за Јехова. И ние чувствуваме задоволство кога нашиот живот е исполнет со дела кои го радуваат Јехова. Освен тоа, кога трошиме повеќе време, сила и средства за да им помагаме на другите, чувствуваме уште поголема среќа (Дела 20:31, 35).
3. Каква радост можеме да доживееме ако поминуваме повеќе време во службата?
3 Колку повеќе време поминуваме во службата, толку повеќе прилики имаме да започнеме и да водиме библиски студии, а тоа носи вистинска радост. Како што стекнуваме поголемо искуство и стануваме повешти во службата, можеби ќе увидиме дека нашето подрачје е поплодно отколку што сме мислеле порано, дури и ако ни се чинело дека многу станари се рамнодушни. Пионерите можат да го применат сето она што го научиле на Школата за пионери, на која можат да присуствуваат откако веќе поминале една година во пионерската служба (2. Тим. 2:15). Ако сме истрајни, најверојатно ќе посадиме семе на вистината кое подоцна ќе даде плод (Проп. 11:6).
4. За што треба да размислат младите кои наскоро ќе завршат со школувањето?
4 Млади: Ако си при крај со школувањето, дали сериозно размислуваш за својата иднина? Досега, поголемиот дел од времето ти беше исполнет со училишните обврски. Како ќе го користиш тоа време откако ќе завршиш со школувањето? Наместо да почнеш да градиш кариера во светот, би можел ли да размислиш и да се молиш во врска со тоа да си поставиш цел да служиш како пионер? Вештините што ќе ги стекнеш како пионер — да сведочиш на најразлични луѓе, да решаваш лични проблеми, да имаш поголема самодисциплина и да бидеш подобар учител — многу ќе ти користат во животот.
5. Како можат родителите и собранието да ги поттикнуваат другите на пионерска служба?
5 Родители, дали ги насочувате своите деца кон полновремената служба? Вашите зборови и вашиот добар пример можат многу да им помогнат да го стават Царството на прво место (Мат. 6:33). Реј, кој станал пионер кога завршил средно училиште, се присетува: „Мајка ми секогаш сметаше дека пионерската служба придонесува за среќен и исполнет живот“. Сите во собранието можат и со зборови и со поддршка да ги поттикнуваат другите на пионерска служба. Хозе од Шпанија вели: „Објавителите од моето собрание гледаа на пионерската служба како на најдобра цел за младите. Поради нивните зборови и ценењето што го покажуваа за пионерската служба, а и поради нивната практична помош ми беше полесно да станам пионер“.
6. Што би можеле да правиме ако моментално немаме желба да бидеме пионери?
6 Како да се надминат пречките: Но што ако си велиш: ‚Јас немам желба да бидам пионер‘? Ако ова е првата мисла што ти доаѓа на ум, моли му се на Јехова во врска тоа и кажи му: ‚Јас не знам дали пионерската служба е за мене, но сакам да го правам она што те радува‘ (Пс. 62:8; Изр. 23:26). Потоа побарај совет од неговата Реч и организација. Многу општи пионери прво ја „вкусиле“ пионерската служба како помошни пионери, а радоста што ја почувствувале ги поттикнала да започнат со полновремена служба (Пс. 34:8).
7. Како би можеле да ги надминеме сомневањата дека ќе успееме да го исполниме барањето од 70 часови месечно?
7 Што ако не си сигурен дали ќе можеш да го исполниш барањето од 70 часови месечно? Би можел да разговараш со пионерите што имаат слични околности како твоите (Изр. 15:22). Потоа направи си неколку можни распореди што би ти помогнале да ја оствариш таа цел. Веројатно ќе сфатиш дека не е толку тешко да си откупиш време за службата од помалку важните активности (Еф. 5:15, 16).
8. Зошто треба одвреме-навреме да ги преиспитаме своите околности?
8 Преиспитувај се одвреме-навреме: Околностите во животот честопати се менуваат. Затоа, добро е одвреме-навреме да ја преиспиташ својата ситуација. На пример, дали наскоро ќе одиш во пензија? Ренди, кој предвреме се пензионирал, вели: „Одлуката да се пензионирам ми овозможи, заедно со сопругата, да започнам со општа пионерска служба и тоа ни даде прилика да се преселиме и да служиме таму каде што има поголема потреба. Таа одлука ми донесе безброј благослови, а најголемиот благослов е чистата совест“.
9. За што треба да размислат брачните парови?
9 Некои брачни парови, откако внимателно размислиле, сфатиле дека не мораат и двајцата да работат со полно работно време. Се разбира, можеби ќе треба да си го поедностават животот, но таквата жртва ќе се исплати. Џон, чија сопруга неодамна ја напуштила својата работа за да учествува повеќе во службата, вели: „Нема подобро чувство од тоа што знам дека мојата сопруга во текот на денот е зафатена во службата за Јехова“.
10. Што ги мотивира христијаните да размислат за пионерската служба?
10 Израз на љубов и вера: За Јехова, проповедањето е најважното дело што треба да го извршува секој од нас. Овој стар поредок наскоро ќе биде уништен, а ќе бидат спасени само оние што го повикуваат Јеховиното име (Рим. 10:13). Ако срцето ни е исполнето со љубов кон него и со благодарност за сѐ што сторил за нас, ќе бидеме мотивирани да го извршиме налогот што ни го дал неговиот Син — ревносно да проповедаме (Мат. 28:19, 20; 1. Јов. 5:3). Освен тоа, ако веруваме дека навистина живееме во последните денови, нема да го користиме светот во потполност, туку ќе бидеме поттикнати да сториме сѐ што можеме во службата, додека сѐ уште има време (1. Кор. 7:29-31).
11. Ако некој ти каже дека би бил добар пионер, како треба да гледаш на тоа?
11 Општата пионерска служба е повеќе отколку само да се проповеда одреден број часови. Таа е израз на нашата оддаденост кон Бог. Затоа, ако некој ти каже дека би можел да бидеш добар пионер, сметај го тоа за комплимент. Размислувај и моли се во врска со тоа дали би можел да им се придружиш на оние што учествуваат во оваа радосна служба.
[Истакната мисла на страница 4]
Родители, дали ги насочувате своите деца кон полновремената служба?
[Истакната мисла на страница 5]
За Јехова, проповедањето е најважното дело што треба да го извршува секој од нас.