Длабокото размислување — неопходно за да бидеме ревносни
1. Што му помогнало на Исус ништо да не му го одвлече вниманието од неговата главна задача?
1 Откако Исус цела вечер лекувал луѓе и истерувал демони, следниот ден неговите ученици го нашле и му рекле: „Сите те бараат“, со што го поттикнале да продолжи да прави чуда. Но, Исус не дозволил ништо да му го одвлече вниманието од неговата главна задача — да ја проповеда добрата вест. Тој им одговорил: „Да појдеме на друго место, во блиските места за да проповедам и таму, бидејќи за тоа и дојдов“. Што му помогнало на Исус да не го изгуби од вид своето главно дело? Тоа утро станал рано да се моли и длабоко да размислува (Мар. 1:32-39). Како може длабокото размислување да ни помогне и нам ревносно да проповедаме?
2. За што можеме да размислуваме за да останеме ревносни во службата?
2 За што да размислуваме? Исус забележал дека луѓето се „измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). И ние можеме да размислуваме за тоа колку им е потребна на луѓето добрата вест. Добро е да имаме на ум и дека крајот е многу близу (1. Кор. 7:29). Освен тоа, можеме да размислуваме за Јеховините дела и особини, за честа што сме Јеховини сведоци и за скапоцените духовни поуки што сме ги дознале од Божјата Реч, а кои луѓето на нашето подрачје сѐ уште не ги знаат (Пс. 77:11-13; Иса. 43:10-12; Мат. 13:52).
3. Кога би можеле да одвоиме време за длабоко размислување?
3 Кога да размислуваме? Како Исус, некои стануваат рано кога уште е тивко. На други им е подобро да се задлабочат во размислување навечер пред да си легнат (1. Мој. 24:63). Дури и ако сме многу зафатени, можеме да најдеме време за такво размислување. Некои тоа го прават додека се возат со јавен превоз. Други ја користат паузата за ручек за да размислуваат на мир. Мнозина увиделе дека, ако барем неколку минути размислуваат за духовни работи пред да одат во служба, проповедаат со поголема ревност и храброст.
4. Зошто треба длабоко да размислуваме?
4 Ако одвојуваме време за длабоко размислување, ќе имаме поголема желба да му служиме на Јехова, ќе задржиме на ум дека службата за Бог е најважното нешто во нашиот живот и ќе бидеме уште порешени да продолжиме да проповедаме. На Исус, најистакнатиот Божји проповедник, длабокото размислување му било од многу голема помош, а може да ни биде и нам.