На секое место, во секое време
1. Од каде знаеме дека проповедниците од првиот век биле спремни секогаш да проповедаат?
1 Ревносните проповедници од првиот век ја објавувале добрата вест „без престан“ секаде каде што имало луѓе (Дела 5:42). Затоа, незамисливо е дека, кога оделе од куќа до куќа, ги одминувале луѓето што ги среќавале по пат без да им проповедаат. Ниту, пак, можеме да си замислиме дека пропуштале прилика да посведочат неформално додека пазарувале, откако ќе завршеле со службата на подрачјето. Исто како Исус, тие секогаш биле спремни да проповедаат (Мар. 6:31-34).
2. Како ќе покажеме дека живееме во склад со нашето име?
2 Секогаш спремни: Од нашето име, Јеховини сведоци, се гледа не само што правиме туку и кои сме (Иса. 43:10-12). Затоа, секогаш сме спремни да ја одбраниме нашата надеж, дури и кога не сме во служба од куќа до куќа (1. Пет. 3:15). Дали се трудиш да предвидиш во кои ситуации би можел да сведочиш неформално, и дали потоа размислуваш што би можел да кажеш? Дали со себе носиш литература за оние што ќе покажат интерес? (Изр. 21:5). Дали проповедаш само од куќа до куќа, или со луѓето разговараш за добрата вест и на други места, доколку ти дозволуваат околностите?
3. Зошто службата на улица, на паркиралишта, во паркови, на деловни подрачја и слично не треба да ја сметаме за помалку важна?
3 „Јавно“ сведочење: Проповедаме на улица, на паркиралишта, во паркови, на деловни подрачја итн. Дали таквото сведочење е невообичаено и дали е прашање на избор? Апостол Павле рекол дека тој проповедал „јавно“ и од куќа до куќа (Дела 20:20). Службата од куќа до куќа е главниот и најделотворен начин да им ја пренесеме на луѓето пораката за Царството. Меѓутоа, проповедниците од првиот век се концентрирале на луѓето, а не на куќите. Тие ја користеле секоја можност да разговараат за вистината — јавно, неформално и од куќа до куќа. Ако го следиме нивниот пример, ќе можеме потполно да ја извршиме нашата служба (2. Тим. 4:5).