Три предлози како да бидеш подобар учител
1. Зошто треба да се трудиме да станеме подобри учители?
1 Секој објавител на Царството е учител. Без разлика дали сведочиме на ново место, правиме повторна посета или водиме библиска студија, ние пренесуваме информации. А информациите што ги пренесуваме се нешто посебно. Ние ги објаснуваме „светите списи“ кои можат да им помогнат на луѓето да станат ‚мудри за да добијат спасение‘ (2. Тим. 3:15). Тоа е навистина огромна чест! Еве три предлози како да станеме подобри учители.
2. Како можеме да поучуваме на едноставен начин?
2 Поучувај едноставно: Кога имаме добро познавање за некоја тема, лесно е да заборавиме колку сложени може да му изгледаат информациите на некој што нема такво познавање. Затоа, кога водиш библиска студија, не навлегувај во непотребни детали. Наместо тоа, истакни ги главните мисли. Ако некој многу зборува, не мора автоматски да значи дека е подобар учител (Изр. 10:19). Обично е најдобро да ги прочиташ клучните стихови. Откако ќе прочитате одреден стих, дискутирајте само за оној дел што се однесува на темата која ја обработувате. Во Проповедта на гората, запишана во Матеј поглавја од 5 до 7, Исус поучувал за многу длабоки духовни вистини на многу едноставен начин со малку, но добро избрани зборови.
3. Зошто се корисни споредбите, и обично кои споредби се најдобри?
3 Користи споредби: Споредбите поттикнуваат на размислување, будат чувства и помагаат да се запомнат работите. Немој да си мислиш дека треба да имаш некоја посебна дарба за да кажуваш добри споредби. Исус често кажувал кратки и едноставни споредби (Мат. 7:3-5; 18:2-4). Исто така, од помош можат да бидат и едноставни цртежи. Добрата подготовка ќе ти помогне да смислиш делотворни споредби.
4. Како можеме вешто да користиме прашања?
4 Користи прашања: Прашањата го тераат интересентот да размислува. Затоа, биди стрплив откако ќе му поставиш прашање. Ако веднаш му го кажеш одговорот, нема да знаеш дали тој навистина го разбира она за што зборувате. Доколку интересентот даде погрешен одговор, наместо само да го исправиш, ќе биде подобро да му поставиш додатни прашања за самиот да дојде до точниот одговор (Мат. 17:24-27). Се разбира, никој од нас не е совршен учител. Затоа, Библијата нѐ поттикнува постојано да се подобруваме како учители. Ако го правиме тоа, ќе добиеме вечни благослови — и ние и оние што нѐ слушаат (1. Тим. 4:16).