Биди претпазлив кога проповедаш
1. Зошто мораме да бидеме претпазливи кога проповедаме?
1 „Како овци меѓу волци“, Божјите слуги проповедаат „среде еден расипан и изопачен род“ (Мат. 10:16; Фил. 2:15). Алармантните извештаи за граѓански немири, насилство и сурови киднапирања се секојдневие, доказ дека злобните луѓе напредуваат „од лошо на полошо“ (2. Тим. 3:13). Кои библиски начела можат да ни помогнат ‚да бидеме претпазливи‘ кога проповедаме? (Мат. 10:16).
2. Во кои околности можеби е мудро да си заминеш од подрачјето и да одиш да проповедаш на друго место?
2 Постапувај мудро: Во Изреки 22:3 се нагласува колку е мудро ‚да се тргаме‘ од зло. Биди претпазлив! Условите во едно прилично безбедно место може неочекувано да се сменат. Можеби ќе забележиш повеќе полицајци во околината или големи толпи луѓе на улицата. Понекогаш некој љубезен станар ќе те предупреди за нешто. Наместо да се задржуваш од љубопитност, помудро е веднаш да си заминеш и да продолжиш на друго место (Изр. 17:14; Јован 8:59; 1. Сол. 4:11).
3. Како начелото од Проповедник 4:9 може да се примени на нашата служба?
3 Не оди сам: „Подобро им е на двајца“, пишува во Проповедник 4:9. Можеби си навикнат да одиш сам во служба, но дали сега би било безбедно да го правиш тоа? На некои подрачја е. Но, на други, сега не е мудро една сестра или некој млад објавител сам да оди од врата на врата, особено откако ќе се стемни. Искуството покажува дека многу вреди кога имаш внимателен партнер со себе (Проп. 4:10, 12). Внимавај на безбедноста на сите што се со тебе. Имај навика да им кажеш на другите кога си заминуваш од подрачјето.
4. Што можеме да правиме за сите во собранието да бидат безбедни?
4 Старешините, кои ‚бдеат над нашите души‘, имаат одговорност да дадат практични совети што одговараат на локалните околности (Евр. 13:17). Јехова ќе ја благослови нашата скромност и спремноста потполно да соработуваме со нив (Мих. 6:8; 1. Кор. 10:12). Сите, како Божји слуги, да придонесеме да се даде убаво сведоштво на нашето подрачје, но и секогаш да бидеме претпазливи.