Млади браќа, спремни ли сте да му служите на собранието?
1. Кога треба еден млад брат да почне да ги применува зборовите од 1. Тимотеј 3:1?
1 „Ако некој сака да служи... тој сака служба вредна за пофалба“ (1. Тим. 3:1). Овие зборови напишани под водство на светиот дух ги поттикнуваат браќата да ги исполнат условите за да служат во поголема мера во собранието. Но, мора ли да бидеш возрасен за да му служиш на собранието? Всушност, најдобро би било да почнеш да го правиш тоа уште како млад. Така ќе стекнеш искуство и ќе покажеш дека ги исполнуваш условите за да бидеш именуван како слуга-помошник кога ќе пораснеш (1. Тим. 3:10). Ако си млад крстен брат, како ќе покажеш дека сакаш да му служиш на собранието?
2. Што ќе ни помогне да бидеме самопожртвувани?
2 Биди самопожртвуван: Не заборавај дека ти сакаш да служиш, а не да добиеш титула. Затоа, развивај желба да им помагаш на твоите браќа и сестри. Една работа што ќе ти помогне во тоа е да размислуваш за убавиот пример на Исус (Мат. 20:28; Јован 4:6, 7; 13:4, 5). Моли го Јехова да ти помогне да бидеш вистински заинтересиран за другите (1. Кор. 10:24). Можеш ли практично да им помогнеш на постарите и болните од твоето собрание? Дали би можел да се ставиш на располагање за да помогнеш при одржувањето на Салата на Царството, како на пример, кога треба да се коси тревата или да се исчисти снегот? Ако не дојде некој од учесниците во Теократската школа за служба, би можел ли да се понудиш ти да го изнесеш говорот? Ќе видиш дека самопожртвуваноста ќе ти донесе радост (Дела 20:35).
3. Колку е важна духовноста и како можеме да станеме духовни личности?
3 Биди духовна личност: Многу поважно е еден именуван брат во собранието да биде духовна личност отколку да има посебни таленти или способности. Духовниот човек се труди да гледа на работите онака како што гледаат Јехова и Исус (1. Кор. 2:15, 16). Тој ги покажува „плодовите на духот“ (Гал. 5:22, 23). Освен тоа, ревносно проповеда и го става Царството на прво место во животот (Мат. 6:33). Духовни особини можеш да стекнеш ако редовно проучуваш. Меѓу другото, тоа вклучува секој ден да ја читаш Библијата и да го читаш секој број на Стражарска кула и Разбудете се! Исто така, многу е важно да бидеш редовен на состаноците и подготвен за нив (Пс. 1:1, 2; Евр. 10:24, 25). Павле го поттикнал младиот Тимотеј да напредува духовно со следниве зборови: „Добро внимавај како... поучуваш“ (1. Тим. 4:15, 16). Затоа, совесно извршувај ги задачите во Теократската школа за служба. Подготвувај се за службата и редовно учествувај во неа. Поставувај си духовни цели и труди се да ги постигнеш. Некои такви цели се да бидеш пионер, да служиш во Бетел или да одиш на Библиската школа за неженети браќа. Тоа што ќе бидеш зафатен со духовни работи ќе ти помогне да ‚бегаш од желбите на младоста‘ (2. Тим. 2:22).
4. Зошто вреди да си верен и достоен за доверба?
4 Биди верен и достоен за доверба: Браќата кои добиле задача да им делат храна на сиромашните христијани во првиот век биле „на добар глас“ — сите ги знаеле како верни и достојни за доверба. Затоа, апостолите не морале да се грижат дали работата ќе биде завршена како што треба и можеле да се концентрираат на други поважни работи (Дела 6:1-4). Кога ти ќе добиеш задача во собранието, изврши ја најдобро што можеш. Угледај се на Ное, кој внимателно ги следел упатствата во врска со арката (1. Мој. 6:22). Јехова многу ја цени верноста, која е обележје на еден духовно зрел човек (1. Кор. 4:2; види ја рамката „Колку вреди обуката“).
5. Зошто младите браќа треба да бидат спремни да му служат на собранието?
5 Како што е проречено во Библијата, Јехова ја забрзува жетвата (Иса. 60:22). Секоја година во просек се крштаваат околу 250.000 луѓе. Бидејќи толку многу нови ја прифаќаат вистината, има потреба од обучени духовни мажи кои ќе се грижат за собраниските одговорности. Сега, повеќе од кога и да е порано, има многу работа во службата за Јехова (1. Кор. 15:58). Млади браќа, дали сте спремни да му служите на собранието? Ако да, тогаш навистина посакувате служба вредна за пофалба!
[Истакната мисла на страница 2]
Бидејќи толку многу нови ја прифаќаат вистината, има потреба од обучени духовни мажи кои ќе се грижат за собраниските одговорности
[Рамка на страница 3]
Колку вреди обуката
На примерните млади браќа им е од голема помош кога старешините им даваат задачи и ги обучуваат. По еден состанок, покраинскиот надгледник бил на бината и охрабрувал еден објавител. Во еден момент, забележал дека во близина стои едно момче и го прашал дали чека да зборува со него. Младиот брат му рекол дека има задача по секој состанок да ја исчисти бината со правосмукалка. Неговите родители биле спремни да си одат, но тој не сакал да си замине пред да си ја заврши задачата. Покраинскиот надгледник со задоволство се симнал од бината. Тој рекол: „Старешините во тоа собрание редовно ги обучуваа младите браќа со тоа што им даваа задачи. Затоа, кога го посетував нивното собрание, беше вообичаено да препорачаат некој брат како слуга-помошник“.