Да правиме уште повеќе во службата
1 Апостол Павле ги советувал христијаните да живеат според Божјата волја и ‚уште повеќе да напредуваат во тоа‘ (1. Сол. 4:1). Што значи ова за нас? Дека постојано треба да бараме начини да бидеме што поактивни на духовното поле и секогаш да се трудиме ‚потполно да ја извршиме својата служба‘ (2. Тим. 4:5).
2 Нашите мотиви: Ние сме мотивирани да ја зголемиме својата служба затоа што сакаме да му служиме на нашиот Творец во уште поголема мера. Сакаме духовно да напредуваме и бараме начини подобро да ја извршуваме службата. Ако од исправни мотиви редовно учествуваме во сите духовни активности, ќе можеме да ги постигнеме своите теократски цели (Пс. 1:1, 2; Фил. 4:6; Евр. 10:24, 25).
3 За да можеме повеќе да учествуваме во службата за Бог, треба да бидеме дарежливи и самопожртвувани. Овие особини можеме да ги стекнеме ако во молитва размислуваме за добриот пример што ни го оставил Исус (Мат. 20:28). Додека бил на Земјата, Исус им служел на другите и тоа му донело голема радост (Дела 20:35). И ние можеме да се угледаме на Исус со тоа што ќе се интересираме за луѓето и ќе ја користиме секоја прилика да правиме уште повеќе во нашата служба (Иса. 6:8).
4 Улогата на родителите: На децата може уште од мали нозе да им се всади желбата да им служат на другите и да прават повеќе во службата за Бог. Тие ќе забележат дека другите членови од семејството даваат сѐ од себе за да служат во поголема мера. Таков бил случајот со еден брат, кој уште додека бил мал му помагал на дедо му во собраниските активности. Кога видел колку се труди и колку е радосен неговиот дедо, и самиот бил поттикнат да ја користи секоја прилика да им служи на браќата. Денес тој е слуга помошник.
5 Потребни се браќа: „Ако некој сака да служи како надгледник, тој сака служба вредна за пофалба“ (1. Тим. 3:1). Овие зборови се поттик за браќата да се трудат да ги исполнат условите што се бараат за да им бидат доверени поголеми одговорности во Јеховината организација. За тоа не се потребни некои посебни таленти или надареност. Еден брат што сака да служи уште повеќе, треба најнапред да го бара Царството и ревносно да учествува во службата на проповедање (Мат. 6:33; 2. Тим. 4:5). Исто така, треба да се труди да биде добар пример за другите.
6 Низ целиот свет: Јехова го забрзува собирањето на луѓето (Иса. 60:22). Итно е потребно сите оние што го следат Исусовиот пример да служат во уште поголема мера. Светскиот извештај за 2006 службена година покажува дека таа година биле крстени 248.327 лица. Тоа значи дека секој ден се крштавале просечно по 680 нови лица! Затоа, сите да се трудиме да правиме уште повеќе во службата.