Начини да ја прошириш својата служба
1 Пред повеќе од 40 години, во Стражарска кула од 15 јануари 1955 (англ.) се појави една статија со наслов „Дали твоето најдобро е доволно добро?“ Таа со љубов истакна како е можно Јеховиниот народ да го подобри својот поединечен напор во службата за да ја зголеми својата активност за Царството. Тој добар совет важи и денес, додека продолжуваме нашето најдобро да го правиме уште подобро.
2 Целата наша служба треба да биде мотивирана од најголемата заповед: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!“ (Мар. 12:30). Ние ја покажуваме нашата целосна љубов кон Јехова со тоа што потполно ги користиме приликите што ни стојат на располагање за да го унапредуваме делото на Царството. Разгледај ги следниве начини на кои можеш да ја прошириш својата служба.
3 Преземи одговорност: Предадените браќа можат да се стремат да се квалификуваат за слуги помошници, а потоа да напредуваат и до служење како старешини. Статиите „Дали тежнееш по предносни служби?“ и „Дали си способен да служиш?“ во изданието на Стражарска кула од 1 септември 1990, мотивирале многу браќа да се стават на располагање за собраниски одговорности. Од твоите локални старешини побарај конкретни предлози за тоа како да се напрегаш и да се квалификуваш.
4 Старешините и слугите помошници кои се самци, повикани се сериозно да размислат да се пријават во Школата за оспособување слуги. Можеш подобро да се запознаеш со оваа школа читајќи ги референците под „Школа за оспособување слуги“ во Индексите на публикациите на Watch Tower за 1986—1995, 1996 и 1997 (англ.). Дали гледаш како пред тебе се отвора ‚голема врата на активност‘? (1. Кор. 16:9а, NW). Многу браќа кои зачекориле низ неа никогаш не си ги ни замислувале сите предности на службата од другата страна. Денес тие со радост служат во Бетел или на полето како специјални пионери, мисионери или како покраински надгледници.
5 Стреми се кон полновремена служба: Младите кои матурираат во средно училиште, домаќинките и сите други кои се пензионери треба сериозно да размислат за пионерењето. Разгледај го додатокот во Наша служба за Царството од јули 1998, а потоа разговарај со пионери чии околности биле слични на околностите во твојот живот. Можеби ќе бидеш мотивиран да ја прошириш својата служба со пионерење, како што направиле тие (1. Кор. 11:1). Што ќе биде потребно за да ја прошириш својата активност на 70 часа месечно и така да служиш како општ пионер?
6 Повеќе од 17.000 браќа и сестри сега служат во канцелариите на подружниците и бетелските домови ширум светот. Наша служба за Царството од март 1995 (англ.) и книгата Наша служба, 116. страница, дискутира за тоа што е потребно за да се поднесе молба за таа служба. Зошто не ги прочиташ тие информации за да видиш дали ти би можел да се квалификуваш за единствената предност на бетелската служба?
7 Служи онаму каде што има поголема потреба: Дали живееш онаму каде што подрачјето е прилично често обработувано или каде што има многу браќа кои го делат товарот? Дали си помислувал да ја прошириш својата служба со тоа што ќе се преселиш онаму каде што има поголема потреба? Можеби селидбата може да биде во некое блиско селско подрачје каде што се потребни повеќе работници (Мат. 9:37, 38). Ова не треба да го направиш избрзано. Тоа заслужува да го разгледаш под молитва (Лука 14:28—30). Дискутирај за својата ситуација со старешините и со покраинскиот надгледник. Тие ќе разговараат со тебе за тоа дали е мудро да направиш таква преселба сега или да се подготвиш за тоа во иднина. Ако сакаш да напишеш до Заедницата за предлог каде би можел да се преселиш, покрај твоето писмо мора да има и писмо потпишано од Службениот одбор на твоето собрание.
8 Подобри го квалитетот на твојата служба: Веројатно сите можеме поцелосно да учествуваме во службата со тоа што ќе го подобриме квалитетот на нашата служба на теренот. Дали си ангажиран во сите гранки на делото, вклучувајќи го сведочењето од куќа до куќа и неформално, како и повторните посети и библиските студии? Ако водиш студија, можеш ли да ја подобриш уметноста на поучување? Би било добро да го разгледаш додатокот од Наша служба за Царството од јуни 1996 за предлози кои можеш да ги користиш за да ги мотивираш твоите студенти да се предадат и да се крстат.
9 Поопширна дискусија за тоа како да ја прошириме и да ја подобриме нашата служба има во поглавје 9 од Организирани да ја извршуваме нашата служба. Сигурно дека сите ние треба да сакаме да правиме колку што е можно повеќе во Божјата служба. Зошто не размислиш сериозно за твоите духовни цели? Прави онака како што се препорачува во 1. Тимотеј 4:15: „Грижи се за тоа, биди во него, та успехот твој да се покаже во сѐ!“