Да им се помогне на оние што не се спремни да ја проучуваат книгата Што учи Библијата
1. Дали сите на почеток ќе сакаат да проучуваат со книгата Што учи Библијата? Објасни.
1 За некој да почне да му служи на Јехова, мора да дознае што учи Библијата. Но, некои луѓе не се христијани и не веруваат дека Библијата е книга од Бог. Други, воопшто не веруваат во Бог и немаат никакво ценење за Библијата. Што им помогнало на некои кои отпрвин не сакале да проучуваат со книгата Што учи Библијата? Следниве предлози се темелат на искуствата на објавители од 20-ина земји.
2. Ако некој ни рече дека не верува во Бог, што треба да дознаеме, и зошто?
2 Луѓе кои не веруваат во Бог: Ако некој ни каже дека не верува во Бог, добро е да дознаеме која е причината за тоа. Дали можеби верува во еволуција? Или веќе не верува во Бог поради неправдите во светот или лицемерството на религиите? Дали потекнува од земја во која е забрането да се верува во Бог? Можеби некој нема упорно да тврди дека не постои Бог, но никогаш во животот не почувствувал потреба да верува во Него. Многу објавители сфатиле дека може да го поттикнат лицето да го објасни својот став со прашањето: „Дали отсекогаш мислите така?“ Ако човекот почне да си го кажува мислењето, треба внимателно да слушаме и да не го прекинуваме. Кога ќе откриеме зошто станарот не верува во Бог, ќе знаеме што да кажеме и која публикација да ја понудиме (Изр. 18:13).
3. Како можеме да покажеме почит кон луѓето и кон нивните верувања?
3 Кога разговараш со некое лице, внимавај да не оставиш впечаток дека го напаѓаш неговото гледиште. Следниов предлог ни доаѓа од подружницата во САД: „Многу е важно да ја почитуваме личната слобода на луѓето да изберат во што ќе веруваат. Наместо да им докажуваме дека ние сме во право, најдобро е да им поставуваме прашања кои ќе ги поттикнат да размислуваат и да дојдат до свои заклучоци“. Откако ќе го сослуша станарот, еден патувачки надгледник честопати го продолжува разговорот со следново прашање: „Дали некогаш сте размислувале за ова?“
4. Како можеме да им помогнеме на будисти?
4 Концептот за постоењето на Бог им е непознат на многу будисти. Кога им сведочат на овие луѓе, некои објавители на почеток користат публикации во кои се зборува за постоењето на Творец, а потоа преминуваат на книгата Што учи Библијата. На пример, некои објавители во Британија сведочат на темел на воведот од брошурата Траен мир и среќа — како да ги пронајдеме. Потоа, се осврнуваат на делот: „Дали навистина постои интелигентен Творец?“ и на делот: „Книга што може да му помогне на целото човештво“.a По ова, можеби ќе ја воведат книгата Што учи Библијата и ќе му кажат на станарот: „Дури и ако не верувате во Бог, тоа што ќе ја проучувате Библијата може да Ви биде од голема корист бидејќи во неа има многу практични совети“. Еден пионер, кој служи на кинеско подрачје во САД, вели: „Многу луѓе на нашето подрачје сакаат да читаат. Поради тоа, уште пред да се вратиме кај нив, тие честопати веќе ја имаат прочитано целата публикација. Но, можеби нема да сфатат што значи да се проучува Библијата. Затоа, уште на првата посета обично им ја нудам брошурата Добра вест која е напишана на начин што поттикнува на разговор“. Еден покраински надгледник што служи на кинеско подрачје во САД вели дека е возможно уште на самиот почеток да се понуди книгата Што учи Библијата. Сепак, можеби ќе биде подобро да се почне од 2. поглавје во кое се зборува за Библијата, наместо од 1. поглавје во кое се зборува за Бог.
5. Зошто е важно да бидеме стрпливи?
5 Потребно е време за некој да почне да верува во Бог. Затоа, важно е да бидеме стрпливи. Можеби од почеток лицето на кое му сведочиме нема да се согласи дека постои Творец. Но, со текот на времето можеби ќе признае дека е можно да постои Бог, или дека може да сфати зошто некои луѓе веруваат во Бог.
6. Зошто некои луѓе не се заинтересирани за Библијата?
6 Луѓе кои не ги интересира Библијата или немаат доверба во неа: Честопати, оние што признаваат дека можеби постои Творец не се заинтересирани за Библијата бидејќи не веруваат дека е книга од Бог. Можеби живеат во земја каде што повеќето луѓе не се христијани, па сметаат дека Библијата е книга само за христијаните. Или можеби живеат во христијанска земја во која религијата нема големо влијание во јавниот живот, па си мислат дека од Библијата нема никаква корист. Како можеме да им помогнеме на овие луѓе да се заинтересираат за Библијата и со текот на времето да почнат да ја проучуваат книгата Што учи Библијата?
7. Како можеме да им помогнеме на луѓето да се заинтересираат за Библијата?
7 Подружницата во Грција пишува: „Најдобар начин да им помогнеме на оние што не се заинтересирани за Библијата е едноставно да ја отвориме и да им прочитаме што пишува во неа. Многу објавители забележале дека пораката од Библијата има многу поголемо влијание врз срцето на луѓето отколку нашите зборови (Евр. 4:12). Кога го виделе Божјето име во Библијата, многумина посакале да дознаат нешто повеќе за неа“. Подружницата во Индија пишува: „Вистината за животот и смртта им е привлечна на многу хиндуси, а ги допира до срце и библиското ветување за свет во кој ќе нема дискриминација меѓу луѓето од различни општествени слоеви“. Според ова, кога разговараме со луѓето за локалните проблеми, честопати имаме можност да им покажеме што ќе направи Божјето Царство за да ги реши.
8. Што можеме да им кажеме на луѓето кои имаат лошо мислење за Библијата поради христијанските религии?
8 Ако некој има лошо мислење за Библијата поради таканаречените христијански религии, добро би било да му објасниш дека тие ги претставуваат во погрешно светло Библијата и нејзините учења. Подружницата во Индија напиша: „Понекогаш, треба да им помогнеме на некои лица да сфатат дека Библијата не е во сопственост на Црквата“. Освен тоа, подружницата извести дека честопати на хиндусите голем впечаток им остава 4. дел од брошурата Која е смислата на животот? Како да се пронајде? Во овој дел се зборува за тоа како Црквата се обидела да ја уништи Библијата и да ги изврти нејзините учења. Еден пионер од Бразил им го вели следново на луѓето: „Зошто да не дознаете нешто повеќе за пораката на Библијата? Многу луѓе го направиле ова без предрасуди и без никакви обврски кон некоја религија. Мислам дека ќе се изненадите од тоа што ќе го дознаете“.
9. Зошто не треба да се откажеме ако некој отпрвин не е заинтересиран за Библијата?
9 Јехова го гледа срцето на секој човек (1. Сам. 16:7; Изр. 21:2). Тој ги привлекува кон вистината оние што имаат искрено срце (Јован 6:44). Голем број од овие луѓе никогаш не биле поучувани за Бог или, пак, имаат многу мало познавање за Библијата. Со тоа што проповедаме им се дава прилика „да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4). Затоа, ако некој отпрвин не е заинтересиран за Библијата, не се откажувај! Користи ги публикациите што ти се достапни за да го разбудиш неговиот интерес. Со текот на времето, можеби ќе можеш да преминеш на нашата главна публикација за проучување на Библијата — книгата Што навистина учи Библијата?
[Фуснота]
a Бидејќи оваа брошура ја нема на македонски, на интернет-страницата jw.org можеш да ја најдеш на други јазици. Слични мисли има во брошурата Која е смислата на животот? Како да се пронајде?, делови 1-3 и брошурата Книга за сите луѓе, страници 22-26.
[Рамка на страница 4]
Ако станарот рече дека не верува во Бог:
• За да дознаеш зошто, прашај го: „Дали отсекогаш мислите така?“
• Ако верува во еволуција, користи ги следниве содржини:
Рубриката „Случајно или создадено?“ која излегува во Разбудете се!
Филмот Чудата на создавањето ја објавуваат Божјата слава. Бидејќи го нема на македонски, избери јазик што станарот го разбира.
Четвртиот дел од брошурата Задоволувачки живот — како да се постигне и брошурата Дали животот е Божје дело?
• Ако ја изгубил верата во Бог поради неправдите и страдањата, користи ги следниве содржини:
Поглавје 10 од книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе?
Шестиот дел од брошурата Дали Бог се грижи за нас? и шестиот дел од брошурата Која е смислата на животот?
• Штом ќе почне да размислува за идејата дека Бог можеби постои, премини на книгата Што учи Библијата. Би било добро да почнете со 2. поглавје или со некоја друга тема што го интересира.
[Рамка на страница 5]
Ако станарот не верува во Библијата:
• Разгледајте ги поглавјата 17 и 18 од книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?
• Ако е Евреин, користи ја брошурата Ќе постои ли некогаш свет без војни?, страници 3-11.
• Зборувајте за тоа зошто е за наше добро да живееме според библиските начела. За да му покажеш колку практична книга е Библијата, можеш да ги користиш следниве содржини:
Рубриката „Совети за семејствата“ која излегува во Разбудете се!
Филмот Библијата — нејзината моќ во вашиот живот. Бидејќи го нема на македонски, избери јазик што станарот го разбира.
Лекциите 9 и 11 од брошурата Добра вест од Бог!; брошурата Книга за сите луѓе, страници 22-26; и брошурата Задоволувачки живот — како да се постигне, дел 2.
Ако е муслиман, користи ја брошурата Вистинската вера во Бог води до среќен живот, дел 3. Бидејќи ја нема на македонски, избери јазик што станарот го разбира.
Ако им проповедаш на луѓе што имаат предрасуди кон Библијата, можеби би било добро во првите разговори да не спомнуваш каде се запишани мислите што им ги пренесуваш.
• Објасни им како се исполниле некои библиски пророштва.
Во ова можат да ти помогнат следниве публикации:
Филмот Библијата — точна историја, веродостојни пророштва
Брошурата Книга за сите луѓе, страници 27-29
• Штом лицето ќе почне да прашува кое е библиското гледиште за различни теми, премини на книгата Што учи Библијата.
[Рамка на страница 6]
Ако станарот рече: „Не верувам во Бог“, можеш да прашаш:
• „Може ли кратко да Ви кажам што мене ме увери дека постои Творец?“ Потоа, спомни некои мисли од книгата Резоновање од страница 377 до страница 379, пасус 1 или во друга прилика донеси му некоја публикација што тебе ти помогнала да се увериш дека постои Творец.
• „Кога би постоел Бог, кои особини би сакале тој да ги има?“ Повеќето станари одговориле дека сакаат Бог што има љубов, што е праведен, милостив и непристрасен. Прочитај му на станарот од Библијата дека Бог е токму таков. (Можеби ќе биде можно да се осврнеш на 1. поглавје од книгата Што учи Библијата, почнувајќи од пасус 6.)
Ако станарот рече: „Не верувам во Библијата“, можеш да одговориш:
• „И многу други луѓе размислуваат како Вас. Некои мислат дека Библијата е во судир со науката и дека нејзините совети не се практични. Дали некогаш сте имале прилика да ја читате Библијата? [Почекај да одговори. Потоа, покажи му го воведот на 3. страница од брошурата Книга за сите луѓе, и понуди му ја.] Многумина немаат доверба во Библијата затоа што религиите ги искривиле нејзините учења. Следниот пат, би сакал да поразговараме за примерот запишан на страници 4 и 5.“
• „И други луѓе го делат Вашето мислење. Може ли да Ви покажам нешто во врска со Библијата што мене ме воодушевува? [Прочитај Јов 26:7 или Исаија 40:22 за да покажеш дека Библијата е научно точна книга.] Исто така, во Библијата се запишани мудри совети што можат да им помогнат на семејствата денес. Следниот пат би сакал да Ви прочитам еден таков совет.“
• „Ви благодарам што сте искрени. Што мислите, кога би постоела книга од Бог, што би пишувало во неа?“ Потоа, прочитај му нешто од Библијата што е во склад со неговите зборови.