Нов видеоклип за започнување библиски студии
Еден краток видеоклип со наслов Зошто да ја проучуваш Библијата? им е достапен на огромен број корисници на нашата интернет-страница jw.org. Тој е наменет да ги поттикне заинтересираните лица да прифатат бесплатно да ја проучуваат Библијата со нас. Може да се најде така што ќе се кликне на линкот „Побарај библиски курс“ кој се наоѓа на дното од почетната страница. Друга можност за брз пристап до овој видеоклип е да се скенира QR кодот кој е отпечатен на последната страница од нашите нови трактати. Да разгледаме неколку начини на кои можеме добро да го користиме овој клип.
Кога ќе правиш повторна посета, би можел да му кажеш на станарот: „Може ли да Ви покажам еден краток видеоклип за тоа каде можете да најдете одговор на Вашите прашања во врска со Библијата?“ Ако се согласи, покажи му го клипот на твојот мобилен уред или на неговиот компјутер.
Ако некому му оставиме еден од новите трактати додека сведочиме неформално или на јавно место, може да му го покажеме QR кодот и да го поттикнеме да го скенира со својот мобилен уред. На многу јазици овој код води директно до клипот на нашата интернет-страница, и затоа е можно веднаш да му го пуштиш на твојот мобилен уред.
Кажи им на твоите колеги, соученици, роднини и познајници за овој видеоклип, и прашај ги дали би сакале да им го пуштиш. Би можел и да им го испратиш линкот од клипот преку имејл, и да им предложиш да го гледаат.
Ако се трудиме да го користиме овој видеоклип, би можеле да започнеме повеќе библиски студии и духовно да им помагаме на оние кои ‚исправно гледаат на вечниот живот‘ (Дела 13:48).