Прашања
◼ Што мора да научат децата за да станат духовно зрели личности?
Христијанските родители многу се трудат да ги воспитуваат своите деца „со стега од Јехова“ и да им помогнат „да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4). На пример, тие знаат дека е добро секое утро да го разгледуваат дневниот стих заедно со децата. Во текот на Семејната вечер и во други прилики, семејствата можат да гледаат некој од нашите филмови или видеоклипови и да разговараат за она што го гледале. Освен тоа, можат да разгледаат конкретни информации од статиите во рубриката Младите прашуваат. Можат и да одглумат некој библиски извештај или да вежбаат како би можеле децата да постапат во реални ситуации. Но, за децата ‚да напредуваат кон зрелост‘, мора да бидат поучени и за подлабоките библиски вистини (Евр. 6:1).
Размисли за што ги поучуваме луѓето кои ги среќаваме на подрачјето. Кога првпат одиме кај нив или кога повторно ќе ги посетиме, обично се трудиме да започнеме библиска студија со книгата Што навистина учи Библијата? Откако ќе ја завршиме таа публикација, продолжуваме да проучуваме со книгата Зачувај ја Божјата љубов. Зошто? Книгата Што учи Библијата им помага да се запознаат со основните библиски учења. А со помош на книгата Божјата љубов учат како да ги применат библиските начела во секојдневниот живот. Проучувањето на овие две публикации им помага да се ‚вкоренат‘ во Христос и да се ‚утврдат во верата‘ (Кол. 2:6, 7). Зарем овие информации нема да им користат и на нашите деца? И тие треба да бидат поучени за откупнината, за Царството и за состојбата на мртвите. Нашите деца треба да знаат зошто Бог го допушта страдањето и што покажува дека живееме во последните денови на овој злобен свет. Тие мора да се уверат дека Јеховините сведоци ја имаат вистината. Освен тоа, треба да ги разберат библиските начела и да научат да ја вежбаат својата „моќ на согледување“ (Евр. 5:14). Се разбира, родителите мора да ја земат во обѕир возраста на децата, како и нивната способност за разбирање. Сепак, добро е да имаме на ум дека многу деца можат да ги сфатат подлабоките библиски вистини уште кога се мали (Лука 2:42, 46, 47).
Како помош за родителите, на нашата интернет-страница jw.org ќе бидат ставени упатства за проучување кои ќе се темелат на книгата Што учи Библијата. Семејствата можат да ги најдат ако кликнат на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ТИНЕЈЏЕРИ. Во иднина ќе бидат подготвени и други упатства, кои ќе се темелат на книгата Божјата љубов. Се разбира, за проучување можат да се користат и печатените книги. Родителите можат да одлучат дали ќе го користат овој материјал во текот на еден дел од Семејната вечер, кога ќе водат библиска студија со некое од децата или кога ќе го поучуваат како лично да проучува.