ДА ЖИВЕЕМЕ КАКО ХРИСТИЈАНИ
Стани повешт во службата — започнувај разговори кои ќе ти дадат можност да сведочиш
Исус можел да ѝ посведочи неформално на една Самарјанка бидејќи најпрво почнал разговор со неа. Како може и ние да научиме да започнуваме разговор со непознати?
Биди срдечен и зборувај со луѓето. Иако бил уморен, Исус започнал разговор со жената така што побарал од неа да му даде вода. И ти можеш да почнеш со срдечен поздрав и потоа да спомнеш нешто за времето или за некој настан што се случил неодамна. Имај на ум дека најпрво сакаш само да започнеш разговор, па затоа зборувај за што и да било што можеби ќе го интересира соговорникот. Ако не е спремен за разговор, не губиш ништо. Би можел да се обидеш да зборуваш со некој друг. Моли го Јехова да ти даде храброст (Не 2:4; Де 4:29).
Биди спремен да кажеш нешто за добрата вест, но немој да брзаш. Дозволи разговорот да си тече природно. Ако си нападен, на соговорникот може да му стане непријатно и повеќе да не сака да разговара. Немој да се разочараш ако не успееш да му посведочиш. Ако те плаши помислата да сведочиш неформално, обиди се да започнеш разговор без да имаш цел да дадеш сведоштво. [Гледајте го првиот видеоклип и дискутирајте за него.]
Обиди се сам да создадеш прилика да сведочиш така што ќе спомнеш некоја интересна работа во која си цврсто уверен. Тоа може да му ја разбуди љубопитноста на соговорникот и да го наведе да те потпраша нешто. Исус кажал неколку интересни работи што ја поттикнале жената да му постави прашања. Всушност, кога почнал да зборува за добрата вест, тој едноставно одговорил на нејзините прашања. [Гледајте го вториот видеоклип и дискутирајте за него, а потоа направете го истото и со третиот клип.]