1924 — пред сто години
„ПОЧЕТОКОТ на годината е добро време за секој крстен слуга на Бог... да размисли на кои начини може да прави повеќе во службата за него“, пишувало во Билтенот од јануари 1924.a Како што одминувала годината, Истражувачите на Библијата го примениле тој совет така што храбро користеле нови методи на сведочење и така што бестрашно проповедале.
СВЕДОЧЕЊЕ ПРЕКУ РАДИО
Браќата во Бетел работеле повеќе од една година за да ја изградат радиостаницата WBBR на Стејтен Ајленд (Њујорк, САД). Откако го расчистиле земјиштето, тие изградиле еден голем дом за работниците и посебна зграда за опремата. Кога оваа работа била завршена, браќата почнале да ја набавуваат потребната опрема за да можат да емитуваат програма на радиостаницата. Но, требало да надминат неколку пречки.
На браќата им било многу тешко да ја постават главната антена за радиостаницата. Антената, која била долга 91 метар, требало да биде поставена помеѓу две дрвени греди кои биле високи 61 метар. Првиот обид бил неуспешен. Но, со доверба во Јехова, браќата конечно успеале да ја постават антената. Калвин Просер, кој работел на тој проект, рекол: „Доколку нашиот прв обид успееше, ќе бевме горди на себеси“. Заслугата за нивниот успех, браќата му ја припишале на Јехова, но тоа не било крај на нивните проблеми.
Подигање на една од гредите за антената за радиостаницата WBBR
Бидејќи емитувањето програма преку радио било во самиот зачеток, не било лесно да се купи потребната опрема. Затоа, браќата набавиле еден половен предавател од 500 вати, што некој човек самиот го направил. Наместо да купат микрофон, тие користеле микрофон од обичен телефон. Една вечер во февруари, браќата одлучиле да ја тестираат оваа импровизирана опрема. Бидејќи им била потребна програма што ќе ја емитуваат, браќата пееле теократски песни. Еден од тие браќа, Ернест Лоу, опишал една смешна случка од тој ден. Тој кажал дека, додека тие пееле, им се јавил судијата Ратерфорд,b кој го чул нивното пеење од своето радио во Бруклин на оддалеченост од околу 25 километри.
Брат Ратерфорд им рекол: „Престанете со таа ужасна врева. Звучите како група размјаукани мачки!“ Малку подзасрамени, браќата брзо ја исклучиле програмата. Но, тие биле уверени дека се спремни за својата прва радиоемисија.
На 24 февруари 1924 год., за време на првата официјална емисија, брат Ратерфорд рекол дека радиостаницата ќе се користи за делото кое им го доверил царот Христос. Тој рекол дека целта на радиостаницата била „да им помогне на сите луѓе да ја разберат Библијата и да сфатат во колку важно време живееме“.
Лево: Брат Ратерфорд во првото студио
Десно: Предавател и опрема за радиостаница
Таа прва радиоемисија имала голем успех. Во наредните 33 години, Божјата организација ја користела радиостаницата WBBR за да емитува програма.
ХРАБРО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ВЕРСКИТЕ ВОДАЧИ
Во јули 1924 год., Истражувачите на Библијата одржале конгрес во Колумбус (Охајо, САД). Дошле делегати од целиот свет и биле одржани говори на англиски, арапски, германски, грчки, италијански, литвански, полски, руски, украински, унгарски, француски, како и на скандинавските јазици. Делови од програмата биле емитувани преку радио. Освен тоа, браќата се договориле со еден локален весник секој ден да пишува статии за конгресната програма.
Конгресот во 1924 во Колумбус (Охајо, САД)
Четвртокот, на 24 јули, повеќе од 5.000 браќа и сестри излегле да проповедаат во градот каде што се одржувал конгресот. Тие поделиле речиси 30.000 книги и започнале илјадници библиски курсеви. Стражарска кула го нарекла овој ден „најрадосниот дел од конгресот“.
Петокот, на 25 јули, на конгресот се случило уште нешто важно. Брат Ратерфорд прочитал еден документ кој содржел храбро обвинение против верските водачи. Во документот пишувало дека политичките и верските водачи, како и водачите на трговскиот свет „ги спречуваат луѓето да ја дознаат вистината за Божјето Царство кое Бог ќе го употреби за да го благослови човештвото“. Освен тоа, во обвинението пишувало дека тие луѓе „ја поддржуваат Лигата на народите и тврдат дека преку неа Бог владее на Земјата“. На Истражувачите на Библијата им била потребна храброст за да им ја пренесат оваа порака на луѓето.
Опишувајќи какво влијание имал конгресот врз браќата и сестрите, во Стражарска кула било објавено дека конгресот во Колумбус ја зајакнал верата на оваа ревносна група Божји слуги. Тој им ја дал потребната храброст да проповедаат без разлика на тоа колкаво противење ќе доживееле. Лео Клаус, кој присуствувал на тој конгрес, рекол: „Од конгресот си отидовме полни со воодушевеност и спремни да ја објавуваме оваа порака на нашето подрачје“.
Примерок од трактатот Свештенството е обвинето
Во октомври, Истражувачите на Библијата почнале да делат милиони примероци од трактатот Свештенството е обвинето, во кој била запишана пораката што брат Ратерфорд ја прочитал против свештенството. Во малото гратче Кливленд, во Оклахома (САД), Френк Џонсон го обработил со трактатот целото подрачје што му било доделено и морал да чека 20 минути додека да дојдат некои браќа и сестри со кои требало заедно да си оди. Некои луѓе од градот биле разгневени поради неговото проповедање и го барале. Затоа, не било безбедно да чека на место каде што лесно можеле да го видат. Брат Џонсон решил да се скрие во една црква која била во близина. Бидејќи таа била празна, тој оставил примероци од трактатот во Библијата на свештеникот и на секое седиште. Сето тоа го направил многу брзо. Бидејќи имал уште време, тој отишол во уште две цркви и го направил истото.
Френк брзо се вратил на местото каде што требало да се најде со браќата. Се скрил зад една бензиска пумпа од каде што можел да ги види луѓето што го барале. Тие поминале со своето возило, но не го виделе. Само што тие си заминале, браќата и сестрите кои проповедале во близина дошле по Френк со кола и сите заедно си отишле.
Еден од тие браќа рекол: „Додека си заминувавме од гратчето, поминавме покрај трите цркви. Пред секоја црква имаше по околу 50 луѓе. Некои го читаа трактатот, а други му го покажуваа на свештеникот. За влакно избегнавме проблеми! Но, благодарни сме му на Јехова, нашиот Бог, затоа што нѐ заштити и затоа што ни помогна да знаеме како да ги надмудриме овие непријатели на Божјето Царство“.
ХРАБРО ПРОПОВЕДАЊЕ И ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ
Јозеф Крет
Истражувачите на Библијата храбро проповедале и во други земји. Во Северна Франција, Јозеф Крет им проповедал на рудари кои дошле од Полска. Тој требало да одржи говор со наслов „Наскоро мртвите ќе воскреснат“. Кога браќата и сестрите им ги поделиле поканите на жителите од тој град, локалниот свештеник ги предупредил членовите на неговата црква да не присуствуваат. Неговото предупредување имало спротивен ефект. Повеќе од 5.000 луѓе присуствувале на говорот, вклучувајќи го и свештеникот! Брат Крет го поканил свештеникот да ги одбрани своите верувања, но тој одбил. По говорот, брат Крет ги поделил сите публикации што ги имал бидејќи забележал дека луѓето на кои им сведочел биле жедни за вистините од Божјата Реч (Амос 8:11).
Клод Браун
Клод Браун отишол во Африка, во земјата Златен Брег, која сега е позната како Гана, за да ја проповеда добрата вест. Неговите предавања и публикациите што ги поделил помогнале вистината брзо да се рашири во таа земја. Џон Бленксон, кој студирал фармација, присуствувал на едно од предавањата на брат Браун. Тој брзо сфатил дека ја нашол вистината. Џон рекол: „Вистината ми донесе неизмерна радост и зборував за неа со многу луѓе во моето училиште“.
Џон Бленксон
Џон дознал дека тројството не е библиско учење. Затоа, еден ден, тој отишол во една Англиканска црква за да го праша свештеникот во врска со тоа. Свештеникот се разгневил и го избркал викајќи: „Ти не си христијанин. Ти му припаѓаш на Ѓаволот. Губи се оттука!“
Кога стигнал дома, Џон му напишал писмо на свештеникот во кое го поканил да го брани тројството во јавна дебата. Свештеникот му рекол на Џон да оди во канцеларијата на главниот професор во факултетот. Таму професорот го прашал дали тој навистина му напишал писмо на свештеникот.
„Да, му напишав господине“, одговорил Џон.
Професорот побарал од Џон писмено да му се извини на свештеникот. Затоа Џон напишал:
„Господине, мојот професор ме замоли писмено да Ви се извинам и јас сум спремен да го направам тоа, доколку Вие признаете дека ширите лажни учења“.
Професорот бил шокиран и го прашал: „Бленксон, навистина сакаш тоа да го напишеш?“
„Да, господине. Тоа е сѐ што можам да напишам.“
„Ќе бидеш избркан од факултетот. Како можеш да зборуваш против свештеникот на црквата која е поддржана од владата и да се надеваш дека еден ден таа влада ќе те вработи?“
„Но, господине... кога Вие ни предавате некоја лекција и кога ние нешто нема да разбереме, зарем не Ви поставуваме прашања?“
„Се разбира дека поставувате.“
„Па, господине, токму тоа се случи. Свештеникот нѐ поучуваше за Библијата и јас му поставив прашање. Ако тој не може да одговори на прашањето, тогаш мислам дека нема потреба да му се извинам.“
И покрај тоа што не му се извинил на свештеникот, Бленксон не бил избркан од факултетот.
ПОГЛЕД КОН ИДНИНАТА
Опишувајќи ја активноста на Божјиот народ во таа година, во Стражарска кула пишувало: „И ние, како Давид, можеме да кажеме: ’Ти ме препашуваш со сила за војна‘ (Псалм 18:39). Ова беше многу охрабрувачка година бидејќи видовме како Јехова ни помага во службата. Неговите верни слуги радосно ја проповедаа добрата вест“.
Подоцна во текот на годината, браќата планирале да направат уште една радиостаница. Таа била изградена во близина на Чикаго (САД). Оваа нова радиостаница била наречена WORD, што значи „Реч“, бидејќи тие требало да ја проповедаат Божјата Реч преку радио. Овојпат тие користеле опрема од 5.000 вати преку која луѓето можеле да ја чујат пораката за Царството дури и на оддалеченост од стотици километри, сѐ до северот на Канада.
Следната година, во 1925, Јехова им помогнал на браќата подобро да го разберат она што е запишано во Откровение поглавје 12. Поради тоа ново разбирање, некои се спрепнале и престанале да му служат на Јехова. Но, многу други биле радосни што подобро ги разбрале настаните што се случиле на небото и што сфатиле како тие влијаеле врз Божјиот народ на Земјата.
a Сега Нашиот живот и служба како христијани — работни листови.
b Џозеф Ратерфорд, кој предводел во делото на Истражувачите на Библијата во тоа време, бил познат како судијата Ратерфорд. Пред да служи во Бетел, тој повремено работел како судија во Осмиот окружен суд на државата Мисури (САД).