СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 28
ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки
Што ќе ни помогне да извлечеме корист од добрите совети?
Мудри се оние што меѓусебно се советуваат (ИЗР. 13:10)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да дознаеме што мора да правиме за да извлечеме потполна корист од советите што ги добиваме.
1. Како можеме да носиме мудри одлуки, и како можат нашите планови да успеат? (Изреки 13:10; 15:22).
СЕКОЈ од нас сака да носи мудри одлуки и сите сакаме нашите планови да успеат. Божјата Реч ни кажува како можеме да ги постигнеме овие две цели. (Прочитај Изреки 13:10; 15:22.)
2. Што ни ветил Јехова?
2 Се разбира, оној што може да ни даде најдобар совет е нашиот Татко Јехова. Затоа, мора да го молиме да ни даде мудрост. Тој ветил дека ќе ни помага. Тоа се гледа од следниве зборови: „Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (Пс. 32:8). Ова покажува дека Јехова не само што ни дава совет туку и се интересира за секого од нас поединечно и ни помага да го примениме неговиот совет.
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Во оваа статија, со помош на Божјата Реч ќе добиеме одговор на следниве четири прашања: 1) Кои особини мора да ги имам ако сакам да извлечам корист од некој добар совет? 2) Кој може да ми даде добар совет? 3) Зошто треба да имам отворен ум? 4) Зошто не треба да очекувам другите да носат одлуки наместо мене?
КОИ ОСОБИНИ МОРА ДА ГИ ИМАМ?
4. Кои особини мора да ги имаме за да извлечеме корист од некој добар совет?
4 За да извлечеме корист од некој добар совет, мора да бидеме понизни и скромни. Доколку сме во ситуација во која не сме биле порано, мора да признаеме дека ние не знаеме сѐ и дека ни е потребна помош од другите за да донесеме мудра одлука. Ако не сме понизни и скромни, Јехова нема да може да ни помогне. Поради тоа, кога ќе ја читаме неговата Реч нема да гледаме потреба да го примениме кој и да било совет што ни го дава (Мих. 6:8; 1. Пет. 5:5). Но, ако сме понизни и скромни, веднаш ќе го послушаме и ќе го примениме советот од Библијата.
5. Поради кои постигнувања цар Давид можел да стане горд?
5 Да видиме што можеме да научиме од примерот на цар Давид. Поради своите постигнувања, тој можел да стане горд. Долго пред да стане цар, тој бил познат како многу добар музичар. Дури и бил повикан да свири пред царот (1. Сам. 16:18, 19). Откако го помазал Давид за следен цар, Јехова му го дал својот свет дух, поради што можел да прави многу моќни дела (1. Сам. 16:11-13). Луѓето многу го фалеле затоа што тој ги поразувал нивните непријатели, вклучувајќи го и филистејскиот џин Голијат (1. Сам. 17:37, 50; 18:7). Еден горд човек, кој постигнал толку многу големи работи, би можел да си помисли дека нема потреба да слуша совет од другите. Но, Давид не бил таков. Тој бил понизен.
6. Од каде знаеме дека Давид спремно прифаќал совети? (Види ја и сликата.)
6 Откако станал цар, Давид си избрал пријатели кои можеле да го советуваат (1. Лет. 27:32-34). Ова не нѐ изненадува, бидејќи дури и пред да стане цар, Давид секогаш спремно ги слушал добрите совети од другите. Тој не прифаќал совети само од мажи туку прифатил совет и од една жена по име Авигеја. Таа му била сопруга на Навал, еден човек кој бил горд, неблагодарен и не ги почитувал другите. Од друга страна, Давид бил понизен и го прифатил добриот совет од Авигеја. Тоа му помогнало да не направи една голема грешка (1. Сам. 25:2, 3, 21-25, 32-34).
Цар Давид понизно го прифаќа и го применува советот на Авигеја (види во пасус 6)
7. Кои поуки можеме да ги извлечеме од примерот на Давид? (Проповедник 4:13; види ги и сликите).
7 Од Давид можеме да извлечеме некои поуки. На пример, можеби сме талентирани или имаме одредена мера авторитет. Сепак, никогаш не треба да мислиме дека знаеме сѐ и дека нам не ни е потребен совет. И, исто како Давид, треба да бидеме спремни да послушаме добар совет, без разлика кој ни го дава. (Прочитај Проповедник 4:13.) Ако правиме така, веројатно нема да направиме големи грешки со кои ќе создадеме проблеми за себе и за другите.
Треба спремно да послушаме некој добар совет без разлика кој ни го дава (види во пасус 7)c
КОЈ МОЖЕ ДА МИ ДАДЕ ДОБАР СОВЕТ?
8. Зошто Јонатан можел да му даде добар совет на Давид?
8 Да разгледаме уште една поука што можеме да ја извлечеме од примерот на Давид. Тој слушал совети од луѓе кои имале добар однос со Јехова, но кои исто така добро ја разбирале ситуацијата во која се наоѓал. На пример, кога сакал да дознае дали има можност повторно да биде во мир со цар Саул, Давид го послушал советот на Јонатан, синот на Саул. Зошто Јонатан можел да му даде добар совет? Бидејќи освен што имал добар однос со Јехова, тој многу добро го познавал Саул (1. Сам. 20:9-13). Што можеме да научиме од овој пример?
9. Кого треба да го прашаме за совет? Објасни (Изреки 13:20).
9 Кога ни е потребен совет, би било мудро да разговараме со некој што има добар однос со Јехова, како и искуство во врска со она за што ни е потребна помош.a (Прочитај Изреки 13:20.) На пример, замисли дека еден млад брат сака да си најде соодветен брачен другар. Кој би можел да му даде добар совет? Еден пријател кој не е во брак би можел да му помогне доколку неговиот совет се темели на библиските начела. Но, младиот брат веројатно ќе добие покорисен совет ако праша некој брачен пар кој добро го познава и кој му служи на Јехова веќе некое време. Освен што можат да му кажат како да примени некој совет од Библијата, тие сопружници можат да споделат со него и нешто од нивното лично искуство.
10. Што ќе разгледаме сега?
10 Досега разгледавме кои две особини мора да ги имаме и кој може да ни даде добар совет. Сега да видиме зошто мора да имаме отворен ум и дали треба да очекуваме другите да носат одлуки наместо нас.
ЗОШТО ТРЕБА ДА ИМАМ ОТВОРЕН УМ?
11-12. а) Што прават некои кога треба да донесат одлука? б) Што направил цар Ровоам кога требало да донесе важна одлука?
11 Понекогаш, може да се чини дека некој бара совет, но, всушност, само бара одобрување од другите за одлуката што веќе ја донел. Таквиот поединец, всушност, нема отворен ум. Тој треба да извлече поука од она што му се случило на цар Ровоам.
12 По смртта на Соломон, неговиот син Ровоам станал цар на Израел. Кога Ровоам почнал да владее, народот имал изобилство добри работи, но луѓето сметале дека Соломон барал премногу од нив. Тие дошле кај Ровоам и го замолиле да им го олесни товарот. Ровоам им рекол да му дадат време за да размисли пред да донесе одлука. На почетокот постапил добро бидејќи побарал совет од постарите мажи кои му помагале на Соломон (1. Цар. 12:2-7). Но, тој го отфрлил нивниот совет. Зошто можеби го направил тоа? Можеби тој веќе одлучил што ќе прави и се надевал дека постарите мажи ќе се согласат со него. Ако било така, тогаш советот што му го дале неговите помлади пријатели било одобрувањето што му било потребно (1. Цар. 12:8-14). Ровоам му го кажал на народот токму она што го советувале неговите пријатели. Како резултат на тоа, народот се поделил и, оттогаш па натаму, Ровоам постојано имал проблеми (1. Цар. 12:16-19).
13. Што може да ни помогне да откриеме дали имаме отворен ум?
13 Што можеме да научиме од примерот на Ровоам? Кога бараме совет, мора да имаме отворен ум. Што ќе ни помогне да откриеме дали тоа е случај и со нас? Би можеле да се прашаме: „Дали прашувам за совет, а потоа веднаш го отфрлам затоа што не е она што сакам да го чујам?“ Да разгледаме еден пример.
14. Што треба да имаме на ум кога добиваме совет? Наведи пример. (Види ја и сликата.)
14 Замисли дека еден брат добива понуда за добро платена работа. Пред да ја прифати понудата, тој бара совет од еден старешина. Братот спомнува дека, поради работата, ќе мора подолг временски период да биде одвоен од семејството. Старешината го потсетува на библиското начело дека негова првенствена одговорност е да се грижи за духовните потреби на неговото семејство (Еф. 6:4; 1. Тим. 5:8). Да претпоставиме дека братот веднаш наоѓа мана на советот од старешината и затоа прашува други браќа за мислење сѐ додека некој не му го каже она што сака да го чуе. Дали братот навистина бара совет или веќе одлучил што ќе прави и само бара некој што ќе се согласи со него? (Ерем. 17:9). Мора да имаме на ум дека нашето срце е измамливо. Понекогаш, советот што ни е најмногу потребен е советот што најмалку сакаме да го чуеме.
Дали навистина бараме добар совет или само бараме некој да се согласи со нас? (види во пасус 14)
ДАЛИ ТРЕБА ДРУГИТЕ ДА НОСАТ ОДЛУКИ НАМЕСТО МЕНЕ?
15. Што не треба да правиме, и зошто?
15 Секој од нас има одговорност самиот да носи одлуки (Гал. 6:4, 5). Како што разгледавме, пред да донесе некаква одлука една мудра личност ќе бара совет од Божјата Реч и од зрели христијани. Но, не смееме да очекуваме другите да носат одлуки наместо нас. Некои можеби директно ќе прашаат некого во кого имаат доверба: „Што би направил ти да си на мое место?“ А други, можеби едноставно ќе донесат иста одлука како некој друг без самите подлабоко да размислат за тоа.
16. Каква одлука требало да донесат христијаните во Коринт во врска со месото жртвувано на идоли? (1. Коринќаните 8:7, 10:25, 26).
16 Размисли за одлуката што христијаните од собранието во Коринт требало да ја донесат во врска со тоа дали да јадат месо што било жртвувано на идоли. На тие христијани, Павле им напишал: „Знаеме дека идолот, всушност, не е ништо и дека постои само еден Бог“ (1. Кор. 8:4). Имајќи го овој факт на ум, некои од собранието одлучиле дека можат да јадат месо што можеби било жртвувано на некој идол, а подоцна се продавало на пазар. А други, пак, одлучиле дека не можат да јадат такво месо бидејќи ќе ги измачувала совеста. (Прочитај 1. Коринќаните 8:7, 10:25, 26.) Тоа било лична одлука. Павле никогаш не ги советувал Коринќаните да носат одлуки наместо други, ниту да го копираат она што го прават другите. Секој од нив „ќе [положел] сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:10-12).
17. Што би можело да се случи ако само го копираме она што го прават другите? Наведи пример. (Види ги и сликите.)
17 Каква слична ситуација би можела да се појави денес? Размисли во врска со одлуката за крвните фракции. Секој христијанин мора самиот да одлучи дали ќе ги прифати или ќе ги одбие овие фракции.b Можеби не ни е лесно потполно да ги разбереме работите што се поврзани со оваа тема, но носењето вакви одлуки е дел од товарот што секој од нас мора да го носи (Рим. 14:4). Ако само ги копираме другите во поглед на одлуките, би можеле да си ја ослабнеме совеста. Нашата совест можеме да ја обликуваме и да ја зајакнеме, само ако ја користиме (Евр. 5:14). Тогаш, кога треба да побараме совет од некој зрел христијанин? Откако самите сме истражиле, но сѐ уште ни треба помош за да разбереме како библиските начела се поврзани со нашата ситуација.
Треба да побараме совет дури откако самите сме истражувале (види во пасус 17)
ПРОДОЛЖИ ДА БАРАШ СОВЕТИ
18. Што направил Јехова за нас?
18 Со тоа што ни дозволува самите да носиме одлуки, Јехова покажува голема доверба во нас. Тој ни ја дал својата Реч, Библијата. Исто така, ни дал мудри пријатели кои можат да ни помогнат да разбереме како да ги примениме библиските начела. На овие начини, Јехова ја исполнува својата одговорност како наш Татко (Изр. 3:21-23). Како можеме да му покажеме дека сме благодарни за неговата помош?
19. Како можеме да продолжиме да го радуваме Јехова?
19 Размисли за следниов факт: Родителите се радуваат додека гледаат како нивните деца созреваат и стануваат мудри слуги на Јехова кои им помагаат на другите. Слично на тоа, Јехова е среќен додека гледа како ние продолжуваме да созреваме во духовен поглед, да бараме совети и да носиме одлуки со кои покажуваме дека го сакаме.
ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам
a Понекогаш е мудро христијаните да побараат совет од некој што не му служи на Јехова во врска со финансиски, медицински и други работи.
b Подетално објаснување за оваа тема има во книгата Радувај му се на животот засекогаш, лекција 39, точка 5 и во делот „Истражувај“.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Еден старешина му дава совет на еден друг старешина во врска со начинот на кој зборувал на некој неодамнешен состанок.