СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 29
ПЕСНА 87 Да се храбриме на состаноците!
Како да даваме добри совети
Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе (ПС. 32:8)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме како да даваме совети кои ќе им бидат од помош на другите.
1. Кој треба да дава совет, и зошто?
ДАЛИ сакаш да им даваш совети на другите? На некои им е лесно да го прават тоа. Други, се плашат да дадат совет или се чувствуваат непријатно кога треба да го направат тоа. Како и да е, одвреме-навреме, секој од нас има одговорност да даде совет некому. Зошто? Бидејќи Исус рекол дека неговите вистински следбеници ќе се препознаваат по љубовта што ќе си ја покажуваат еден на друг (Јован 13:35). А еден начин на кој ја покажуваме нашата љубов е со тоа што им даваме совет на нашите браќа и сестри кога тоа е потребно. Освен тоа, Библијата вели дека, кога даваме искрен совет некому, ние си го зајакнуваме пријателството со него (Изр. 27:9).
2. Што мора да знаат да прават старешините, и зошто? (Види ја и рамката „Совет во текот на состанокот Нашиот живот и служба како христијани“.)
2 Старешините особено треба да знаат како да им даваат добри совети на другите. Јехова и Исус ги поставиле овие браќа да се грижат за собранието како пастири (1. Пет. 5:2, 3). Еден начин на кој го прават тоа, е така што пред собранието одржуваат говори во кои се вклучени совети што се темелат на Библијата. Исто така, тие мора да дадат и совет некому лично, кога тоа е потребно. Освен тоа, тие им помагаат на оние кои се оддалечиле од Јехова да се вратат во собранието. Како можат старешините, а и сите ние да даваме добри совети?
3. а) Како можеме да научиме да им даваме добри совети на другите? (Исаија 9:6; види ја и рамката „Следи го примерот на Исус кога даваш совет“). б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Можеме многу да научиме во врска со тоа како да даваме добри совети така што ќе го проучуваме примерот на некои личности од Библијата, особено примерот на Исус. Една од титулите што му е дадена е „Прекрасен Советник“. (Прочитај Исаија 9:6.) Во оваа статија ќе видиме што можеме да правиме кога некој ќе побара совет од нас и што може да правиме кога ќе треба да дадеме совет некому иако тој не го побарал тоа од нас. Исто така, ќе видиме колку е важно да дадеме совет во вистинско време и на исправен начин.
КОГА НЕКОЈ ЌЕ ПОБАРА СОВЕТ ОД НАС
4-5. Кое прашање треба најнапред да си го поставиме кога некој ќе побара совет од нас? Наведи пример.
4 Кога некој ќе побара совет од нас, како треба да реагираме? Можеби ќе се радуваме што тој има доверба во нас и ќе сакаме веднаш да му помогнеме. Но, најнапред треба да се прашаме: „Дали јас сум соодветната личност да дадам совет за оваа работа?“ Понекогаш, најдобриот начин на кој можеме да помогнеме е така што нема да дадеме совет, туку ќе го упатиме лицето да зборува со некој што ги има знаењето и искуството кои се потребни.
5 Размисли за следниов пример. Да претпоставиме дека некој твој близок пријател има сериозен здравствен проблем. Тој ти кажува дека почнал да ги истражува начините на лекување кои му се достапни и потоа те прашува кој начин на лекување според тебе е најдобар. Иако можеби си имаш свое мислење во врска со тоа, сепак ти не си медицинско лице и не си ја добил потребната обука за тоа како да се лекува таа болест. Во тој случај, најдобриот начин на кој можеш да му помогнеш на твојот пријател е така што ќе му помогнеш да најде некој кој ги има потребните знаење и искуство за лекување на таа болест.
6. Зошто е подобро да почекаме пред да дадеме совет?
6 Иако можеби сметаме дека ги имаме потребните квалификации за да дадеме совет на одредена тема, сепак би било најдобро да не дадеме совет веднаш. Зошто? Во Изреки 15:28 пишува дека „праведникот промислува што ќе одговори“. Затоа, иако можеби мислиме дека го знаеме одговорот, подобро е најпрво да истражуваме, да се молиме и внимателно да размислиме каков совет да дадеме. На тој начин, ќе бидеме посигурни дека нашиот совет е во склад со она што Јехова сака да ни го каже. Да го разгледаме сега примерот на Натан.
7. Што учиш од примерот на пророкот Натан?
7 Цар Давид му кажал на пророкот Натан дека сака да му изгради храм на Јехова. Натан веднаш му дал совет на Давид дека треба да го направи тоа. Но, тој најпрво требало да го праша Јехова што мисли во врска со тоа. Зошто? Бидејќи Јехова не сакал Давид да го гради храмот (1. Лет. 17:1-4). Овој пример ни покажува дека, кога некој ќе ни побара совет, мудро е да бидеме „[бавни] на зборување“ (Јак. 1:19).
8. Која е уште една причина поради која треба да бидеме внимателни кога даваме совет?
8 Размисли за уште една причина зошто треба да бидеме внимателни кога даваме совет некому. Би можеле да бидеме делумно виновни доколку некому му се случи нешто лошо поради нашиот совет. Без сомнение, многу е важно внимателно да размислиме пред да дадеме совет некому.
КАКО ДА ДАДЕМЕ СОВЕТ КОГА НЕКОЈ НЕ ГО ПОБАРАЛ ТОА ОД НАС
9. Во што мора да бидат сигурни старешините пред да дадат совет? (Галатите 6:1).
9 Одвреме-навреме, старешините мора да преземат иницијатива за да му дадат совет на некој соверник кој згрешил. (Прочитај Галатите 6:1.) Еден соверник би можел да згреши во таа смисла што почнал да носи немудри одлуки кои подоцна може да го наведат да направи сериозен грев. Целта на старешините е да му помогнат на лицето да остане на патот што води до вечен живот (Јак. 5:19, 20). Но, за да дадат добар совет, тие најпрво треба да бидат сигурни дека лицето навистина направило некој погрешен чекор. Јехова ни дозволува на сите нас да носиме одлуки на темел на нашата совест (Рим. 14:1-4). Но, што ако некој брат навистина тргнал во погрешен правец и старешините одлучат дека мора да му дадат некој совет?
10-12. Што треба да прават старешините кога даваат совет на некој кој не го побарал тоа од нив? Наведи пример. (Види ги и сликите.)
10 На старешините не им е лесно да му дадат совет на некој кој не го побарал тоа од нив. Зошто? Апостол Павле рекол дека некој може да направи погрешен чекор без да биде свесен за тоа. Затоа, пред да дадат некому совет, старешините треба најпрво да го подготват лицето за да му помогнат полесно да го послуша советот.
11 Размисли за следниов пример: Еден земјоделец се обидува да засади растенија на тврда почва. Пред да го засади семето, тој ја обработува почвата. На тој начин, почвата е омекната и е подготвена да го прими семето. Потоа, земјоделецот го засадува семето. На крајот, го наводнува за да му помогне да расте. Слично на тоа, пред да даде совет некому, еден старешина би било добро, така да се каже, да ја подготви почвата. На пример, старешината избира соодветно време за да зборува и го уверува лицето дека се грижи за него и дека му го мисли најдоброто. Ако еден старешина е познат по тоа што е грижлив и љубезен, на другите ќе им биде полесно да го прифатат неговиот совет.
12 За време на разговорот, старешината може да продолжи да ја омекнува почвата така што ќе го потсети братот дека секој прави грешки и дека одвреме-навреме на секого му е потребен совет (Рим. 3:23). Со смирен тон на гласот и со длабока почит, старешината јасно ќе му покаже со помош на Библијата зошто чекорот што го презел е погрешен. Откако братот ќе сфати дека направил грешка, старешината „го засадува семето“ така што на едноставен начин му објаснува што треба да направи за да ја поправи ситуацијата. На крај, старешината „го наводнува семето“ така што искрено го пофалува братот и се моли заедно со него (Јак. 5:15).
Кога даваат совет некому кој не го очекувал тоа, старешините покажуваат љубов и му помагаат полесно да го прифати (види во пасуси 10-12)
13. Како можат старешините да бидат сигурни дека лицето го сфатило советот?
13 Понекогаш, оној што дава совет кажува едно, а оној што го слуша советот разбира нешто друго. Што можат да направат старешините за да бидат сигурни дека нема да бидат погрешно сфатени? На љубезен начин, старешините можат да постават прашања за да видат дали лицето го сфатило советот и дали знае како да го примени (Проп. 12:11).
КАКО ДА ДАДЕМЕ СОВЕТ ВО ВИСТИНСКО ВРЕМЕ И НА ИСПРАВЕН НАЧИН
14. Зошто не треба да даваме совет во лутина?
14 Сите сме несовршени, и затоа понекогаш ќе направиме или ќе кажеме нешто со што ќе ги вознемириме другите (Кол. 3:13). Библијата вели дека нечии зборови или постапки понекогаш можат да нѐ разгневат (Еф. 4:26). Но, мора да се контролираме за да не дадеме совет во лутина. Зошто? Бидејќи „човековиот гнев не ја донесува праведноста што ја бара Бог“ (Јак. 1:20). Ако дадеме совет кога сме лути, веројатно само ќе ја влошиме ситуацијата. Но, ова не значи дека никогаш не треба да му кажеме што мислиме и како се чувствуваме на некој што нѐ налутил. Сепак, ако почекаме да се смириме пред да кажеме нешто, ќе постигнеме подобри резултати. Во врска со ова, можеме многу да научиме од Елиу кој му дал добар совет на Јов.
15. Што учиме од примерот на Елиу? (Види ја и сликата.)
15 Елиу со денови го слушал Јов како се брани од обвинувањата на неговите лажни тешители. На Елиу му било жал за Јов. Но, исто така, Елиу се разгневил бидејќи Јов кажал погрешни работи за Јехова и премногу се концентрирал на себеси. И покрај тоа, Елиу почекал другите да завршат, а потоа зборувал смирено и со длабока почит додека му давал совет на Јов (Јов 32:2; 33:1-7). Од примерот на Елиу учиме една важна вистина: Најдобриот совет е оној што е кажан во вистинско време и на исправен начин — со почит и со љубов (Проп. 3:1, 7).
Иако претходно се разгневил, Елиу зборувал смирено и со длабока почит кога дал совет (види во пасус 15)
ПРОДОЛЖИ ДА ДАВАШ И ДА ПРИФАЌАШ СОВЕТИ
16. Што учиш од Псалм 32:8?
16 Стихот на кој се темели оваа статија вели дека Јехова ќе нѐ советува и дека неговото око ќе биде над нас. (Прочитај Псалм 32:8.) Ова значи дека тој ќе продолжи да ни помага. Тој не само што ни дава совети туку и ни помага да ги примениме. Јехова е прекрасен пример за нас! Кога треба да им дадеме совет на другите, и ние можеме по примерот на Јехова да продолжиме да ги охрабруваме и да им помагаме да носат мудри одлуки.
17. Како се чувствуваме кога старешините ќе ни дадат некој совет што се темели на Библијата? (Исаија 32:1, 2).
17 Сега, повеќе од кога и да било порано, потребно е да даваме и да прифаќаме добри совети (2. Тим. 3:1). Старешините кои даваат конкретни совети што се темелат на Библијата се „како водни потоци во безводна земја“. (Прочитај Исаија 32:1, 2.) Пријателите кои знаат што сакаме да чуеме, но ни го кажуваат она што ни е потребно да го чуеме ни даваат скапоцен подарок. Нивните зборови се како „златни јаболка во сребрени садови“ (Изр. 25:11). Затоа, да продолжиме да ја развиваме мудроста што ни е потребна за да даваме и да прифаќаме добри совети.
ПЕСНА 109 Да се сакаме силно и од срце!