ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w25 Јули стр. 26-30
  • „Битката е на Јехова“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Битката е на Јехова“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ОБЛИКУВАН ОД РЕВНОСТА НА МОИТЕ РОДИТЕЛИ
  • ДОБИВАМ ЗАДАЧА ДА СЛУЖАМ ВО ГЛАВНОТО СЕДИШТЕ
  • ПОЧНУВАМ ДА РАБОТАМ ВО ПРАВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ
  • ОДБРАНА И ЗАКОНСКО ПОТВРДУВАЊЕ НА ПРАВОТО ДА СЕ ПРОПОВЕДА ДОБРАТА ВЕСТ
  • ФАЛА ТИ, ЈЕХОВА!
  • Правни битки за слобода на вероисповед
    Божјето Царство владее!
  • Законски да се брани добрата вест
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Лојални само на Божјата влада
    Божјето Царство владее!
  • Законско потврдување на нашето право да проповедаме
    Божјето Царство владее!
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
w25 Јули стр. 26-30
Филип Брамли.

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

„Битката е на Јехова“

РАСКАЖАЛ ФИЛИП БРАМЛИ

БЕШЕ 28 јануари 2010 год., еден студен зимски ден, а јас се наоѓав во прекрасниот Стразбург (Франција). Но, последното нешто што ми паѓаше на ум беше да го разгледувам градот. Таму бев како дел од еден правен тим, кој имаше за задача да ги брани правата на Јеховините сведоци пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Проблемот беше дали владата на Франција има право да бара од нашите браќа да платат астрономски данок во висина од 64 милиони евра. Што е уште поважно, во прашање беше Јеховиното име, угледот на неговите слуги и можноста слободно да го обожаваат. Она што се случи на рочиштето потврди дека „битката е на Јехова“ (1. Сам. 17:47). Да ви раскажам нешто повеќе.

Спорот започна кон крајот на 1990-тите кога владата на Франција наметна неоправдан данок на прилозите што нашата подружница во Франција ги добила во периодот помеѓу 1993 и 1996 год. Баравме правда пред судовите во Франција, но неуспешно. Откако изгубивме на апелационен суд, владата конфискуваше преку четири и пол милиони евра од банковната сметка на подружницата. Нашата последна надеж беше ЕСЧП. Но пред да започне судскиот процес, ЕСЧП бараше ние и правниот тим на владата да присуствуваме на спогодбено рочиште пред еден од судските службеници одговорни за административните и судските активности на Судот.

Очекувавме дека службеничката ќе ни врши притисок да го решиме спорот така што ќе се согласиме да платиме дел од сумата. Но, за нас беше јасно дека ако платиме и само едно евро, ќе ги прекршиме библиските начела. Браќата и сестрите приложувале за да го поддржат делото на Царството, и затоа тие прилози не ѝ припаѓаа на владата (Мат. 22:21). Сепак, од почит кон судските протоколи, присуствувавме на рочиштето.

Нашиот правен тим пред ЕСЧП, 2010

Тоа се одржа во една од убавите конференциски сали на Судот. Рочиштето не започна баш најдобро. Во своите воведни зборови, службеничката јасно кажа дека очекува Јеховините сведоци во Франција да платат дел од наметнатиот данок. Во еден момент, почувствувавме потреба да ја прашаме: „Дали сте свесни дека владата веќе конфискуваше преку четири и пол милиони евра од нашата банковна сметка?“

Таа беше видно шокирана. Кога правниот тим на владата потврди дека го сториле тоа, нејзиниот став кон случајот потполно се промени. Таа ги прекори и веднаш го прекина рочиштето. Тогаш сфатив дека Јехова, на начин на кој не ни помислувавме, потполно го промени текот на овој судски процес. Кога го напуштивме рочиштето, бевме пресреќни и не ни се веруваше што се случи.

На 30 јуни 2011 год., ЕСЧП донесе едногласна пресуда во наша корист. Го поништи данокот и нареди владата да ги врати парите што ни ги имаше одземено, и тоа со камата! Оваа историска пресуда го штити чистото обожавање во Франција до ден-денес. Тоа едноставно, непланирано прашање кое го поставивме, како каменот што се забил во главата на Голијат, беше пресвртница во битката. Зошто победивме? Бидејќи, како што му рекол Давид на Голијат, „битката е на Јехова“ (1. Сам. 17:45-47).

Оваа победа не е единствената. До денес, и покрај силното политичко и религиозно противење, највисоките судови во 70 земји и неколку меѓународни судови донеле 1.225 пресуди во корист на Јеховините сведоци. Овие правни победи ги штитат нашите основни права, како на пример правото да бидеме законски призната религија, јавно да ја вршиме службата на проповедање, да одбиваме да учествуваме во патриотски церемонии и да одбиваме крв.

Како дојде до тоа да учествувам во правен случај во Европа иако служев во главното седиште на Јеховините сведоци во Њујорк (САД)?

ОБЛИКУВАН ОД РЕВНОСТА НА МОИТЕ РОДИТЕЛИ

Моите родители, Џорџ и Лусил, дипломирале на 12-тиот клас на Гилеад и служеле во Етиопија кога сум се родил во 1956 год. Ми го дале името Филип, по проповедникот од првиот век (Дела 21:8). Наредната година, владата го забрани нашето дело. Иако бев многу мал, јасно се сеќавам дека моето семејство во тајност го обожаваше Јехова. Како дете, тоа ми беше многу интересно! За жал, во 1960 год., властите нѐ принудија да ја напуштиме државата.

Натан Нор (најлево) во посета на моето семејство во Адис Абеба (Етиопија), 1959

Кога како семејство се преселивме во Вичита (Канзас, САД), моите родители со себе понесоа нешто многу посебно — нивната мисионерска ревност. Тие живееја според вистината и всадија духовни вредности не само во мене туку и во мојата постара сестра, Џуди, и во мојот помлад брат, Лесли, кои исто така се родија во Етиопија. Јас се крстив кога имав 13 години. Три години подоцна, како семејство се преселивме на место каде што имаше поголема потреба, во Арекипа (Перу).

Во 1974 год. кога имав само 18 години, подружницата во Перу нѐ испрати мене и четворица други браќа да служиме како специјални пионери. Требаше да проповедаме на необработени подрачја, високо на Андите. Во тоа беше вклучено да им проповедаме на луѓето кои ги зборуваа домородните јазици кечуа и ајмарски јазик. Патувавме во едно камперско возило кое си го нарековме Арката, бидејќи изгледаше како голема кутија. Со радост се сеќавам на моментите кога со помош на Библијата им покажував на домородците дека Јехова наскоро ќе им стави крај на сиромаштијата, болестите и смртта (Отк. 21:3, 4). Многумина од нив ја прифатија пораката за Царството.

Едно камперско возило вози низ длабока вода.

„Арката“, 1974

ДОБИВАМ ЗАДАЧА ДА СЛУЖАМ ВО ГЛАВНОТО СЕДИШТЕ

Во 1977 год., Алберт Шредер, кој служеше како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, беше во посета на Перу. Тој ме поттикна да дадам молба за бетелска служба во главното седиште. И дадов молба. Кратко потоа, на 17 јуни 1977 год., почнав да служам во Бетелот во Бруклин. Наредните четири години работев во одделенијата за чистење и одржување.

На нашата венчавка, 1979

Во јуни 1978 год., на еден меѓународен конгрес во Њу Орлеанс (Луизијана) ја сретнав Елизабет Авалон. И нејзините родители, како и моите, со сета душа му служеа на Јехова. Елизабет веќе четири години служеше како општ пионер и сакаше да продолжи да му служи на Јехова полновремено до крајот на својот живот. Останавме во контакт. За кратко време, многу се засакавме. Се венчавме на 20 октомври 1979 год. и почнавме со бетелска служба како брачен пар.

Браќата и сестрите од нашето прво собрание, Бруклин — шпански јазик, широко ни ги отворија срцата. Низ годините, три други прекрасни собранија срдечно нѐ примија и нѐ поддржуваа во нашата бетелска служба. Многу ја цениме нивната помош, како и поддршката од пријателите и семејството кои ни помагаа да се грижиме за нашите остарени родители.

Филип со други бетелци на собраниски состанок.

Бетелци кои служеа во собранието Бруклин — шпански јазик, 1986

ПОЧНУВАМ ДА РАБОТАМ ВО ПРАВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ

На мое изненадување, во јануари 1982 год., добив задача да служам во Правното одделение во Бетел. Три години подоцна, бев замолен да се запишам на правен факултет и да станам адвокат. Во текот на студирањето, бев пријатно изненаден кога дознав дека фундаменталните слободи во САД и во светот, кои повеќето луѓе ги земаат здраво за готово, биле зајакнати од правни победи на Јеховините сведоци. Тие важни случаи беа темелно разгледувани во текот на предавањата.

Во 1986 год., кога имав 30 години, бев именуван како надгледник на Правното одделение. Ми беше голема чест што добив таква задача иако бев многу млад, но бидејќи немав искуство во таа област, бев и многу загрижен.

Станав адвокат во 1988 год., но не бев свесен како тоа постигнување влијаеше врз мојата духовност. Некој што има високо образование може да стане амбициозен и да мисли дека е подобар од другите кои немаат слично образование. Елизабет ми помогна повторно да ја стекнам духовната рутина што ја имав пред да одам на правен факултет. Ми требаше време, но постепено се опоравив во духовен поглед. Од лично искуство можам да кажам дека глава полна со знаење не е најважното нешто во животот. Она што навистина вреди е блиското пријателство со Јехова и длабоката љубов кон него и кон неговиот народ.

ОДБРАНА И ЗАКОНСКО ПОТВРДУВАЊЕ НА ПРАВОТО ДА СЕ ПРОПОВЕДА ДОБРАТА ВЕСТ

Откако завршив правен факултет, се насочив кон тоа да помагам во организирањето на правните служби потребни во Бетел и во одбраната на интересите на Царството на суд. Беше возбудливо да се поддржува нашата организација која брзо се менува и постојано расте, но си имаше и свои предизвици. На пример, на почетокот на 1990-тите, Правното одделение беше замолено да даде упатства за тоа како да се прекине со долгогодишната практика да се бара одредена сума како прилог за нашите публикации. Оттогаш, Јеховините сведоци ги нудат публикациите бесплатно. Ова ја поедностави работата во Бетел и на подрачјето, и до ден-денес ни помага да избегнеме проблеми со плаќање даноци. Некои мислеа дека оваа промена ќе ги исцрпи нашите ресурси и дека негативно ќе се одрази на нашата служба. Но се случи спротивното. Од 1990 год. бројот на оние што му служат на Јехова се зголеми повеќе од двојно, и луѓето денес можат бесплатно да ја добијат духовната храна која спасува животи. Со свои очи видов дека само преку силата што Јехова ја дава и водството што тој го обезбедува преку верниот роб успешно можеше да се спроведе оваа и многу други организациски промени (2. Мој. 15:2; Мат. 24:45).

Победите што ги извојуваме на суд не се само резултат на тоа што имаме добри адвокати. Честопати, она што ги поттикнува властите да дејствуваат во наша корист е доброто однесување на Јеховините слуги. Еден таков случај беше во 1998 год., кога тројца членови на Водечкото тело и нивните сопруги присуствуваа на неколку историски конгреси во Куба. Нивното љубезно однесување полно со почит многу повеќе придонесе да се расчистат недоразбирањата со властите отколку сето она што го кажавме на официјалните состаноци со нив.

Меѓутоа, кога правните спорови не можат да се решат пријателски, ние одиме на суд за да го одбраниме и законски да го потврдиме правото да се проповеда добрата вест (Фил. 1:7). На пример, со децении властите во Европа и Јужна Кореја не го признаваа нашето право да вршиме цивилна служба наместо да служиме воен рок. Поради тоа, околу 18.000 браќа во Европа и преку 19.000 браќа во Јужна Кореја беа ставени во затвор бидејќи одбија воена служба поради приговор на совеста.

На крај, на 7 јули 2011 год., ЕСЧП донесе историска пресуда во случајот Бајатјан против Ерменија со која од сите Европски земји се бара да обезбедат цивилна служба за оние кои одбиваат да служат воен рок поради своите верски уверувања. По таа пресуда, на 28 јуни 2018 год., Уставниот суд на Јужна Кореја донесе слична пресуда. Овие важни победи не би биле возможни дури и ако само мал процент од нашите млади браќа направеле компромис.

Правното одделение во главното седиште и во подружниците низ целиот свет напорно работат за да ги бранат интересите на Царството. Чест ни е да ги застапуваме браќата и сестрите кои се соочуваат со противење од властите. Сеедно дали ќе победиме на суд или не, со судските случаи даваме сведоштво на управители и цареви и народи (Мат. 10:18). Судиите, владините претставници, медиумите и јавноста мора да ги земат предвид стиховите кои ги вклучуваме во нашите пишани документи и оние кои ги цитираме во текот на судењата. Искрените лица дознаваат кои се Јеховините сведоци и на што ги темелат нивните верувања. Некои такви лица станале и наши соверници.

ФАЛА ТИ, ЈЕХОВА!

Изминативе 40 години, имав чест да соработувам со подружници низ целиот свет во врска со правни прашања и да излезам пред голем број виши судови и службеници на висока положба. Многу ги сакам и ги ценам моите соработници во Правното одделение во главното седиште и во правните одделенија низ целиот свет. Водев исполнет живот и добив многу благослови.

Филип и Елизабет Брамли.

Елизабет верно и со љубов ме поддржуваше изминативе 45 години, во добро и во лошо. Многу ја ценам бидејќи тоа го прави иако се бори со болест која ѝ ја одзема силата.

Од лично искуство можеме да кажеме дека силата и победата не доаѓаат од нашите лични способности. Како што кажал Давид: „Јехова е силата на својот народ“ (Пс. 28:8). Навистина, „битката е на Јехова“.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели