ОБЈАСНЕТИ БИБЛИСКИ СТИХОВИ
1. Мојсеева 1:26: „Да направиме човек според нашиот лик“
„Потоа Бог рече: ’Да направиме човек според нашиот лик, сличен на нас, и нека владее над морските риби, над суштествата што летаат по небото, над домашните животни — над сета земја — и над сите други животни што се движат по земјата!‘“ (1. Мојсеева 1:26, Превод Нов свет).
„Потоа рече Бог: ’Да создадеме човек според Нашиот образ, според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небеските птици, и над добитокот — над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата!‘“ (1. Мојсеева 1:26, Превод на МПЦ).
Значењето на 1. Мојсеева 1:26
Луѓето биле создадени според Божјиот лик, односно со способност да ги имаат и да ги покажуваат особините што ги има Бог, како што се љубов, сочувство и правда. Ова покажува дека ние луѓето можеме да бидеме слични на Бог.
„Бог рече: ’Да направиме човек според нашиот лик‘.“ Уште пред да создаде што и да било друго, Јехова Богa создал едно моќно духовно битие кое подоцна станало познато како Исус. Преку Исус „е создадено сѐ на небесата и на земјата“ (Колошаните 1:16). Како личност, Исус е ист како Јехова — „тој е сликата на невидливиот Бог“ (Колошаните 1:15). Токму затоа Бог можел да му каже на Исус: „Да направиме човек според нашиот лик, сличен на нас“.
„Нека владее... над домашните животни — над сета земја.“ Животните не биле создадени според Божјиот лик. Тие не биле создадени да покажуваат особини својствени за луѓето, како што е љубовта, ниту биле создадени со совест. Сепак, Бог се грижи за животните. Токму затоа рекол дека човекот ќе „владее над“ животните или, според други преводи, „ќе биде господар над“ нив (Превод на МПЦ). Со тоа, Јехова им доверил одговорност на луѓето да се грижат за животните (Псалм 8:6-8; Изреки 12:10). Тој очекува луѓето добро да управуваат со Земјата и со сѐ што е живо на неа.
Контекстот на 1. Мојсеева 1:26
Во првите две поглавја од 1. Мојсеева се наоѓа краток опис за создавањето на универзумот, нашата планета и животот на Земјата. Сѐ што создал Јехова е беспрекорно, но човекот е неговото ремек-дело на Земјата. Како реагирал Бог откако завршил со создавањето? Библијата вели: „Бог го погледна сето она што го беше направил, и гледај, беше многу добро“ (1. Мојсеева 1:31).
Гледај го овој краток видеоклип за да дознаеш нешто повеќе за извештајот за создавањето од 1. Мојсеева.
Погрешни заклучоци за 1. Мојсеева 1:26
Погрешен заклучок: Бог има тело слично на нашето.
Факт: „Бог е Дух“, односно тој е духовно битие кое опстојува надвор од физичкиот универзум (Јован 4:24). Иако во Библијата понекогаш се зборува за неговото лице, раце, срце итн., тоа се само изрази кои ние луѓето можеме да ги разбереме и кои ни помагаат подобро да го запознаеме Бог (2. Мојсеева 15:6; 1. Петрово 3:12).
Погрешен заклучок: 1. Мојсеева 1:26 е доказ дека Исус е Бог.
Факт: Бог и Исус се многу блиски, како татко и син, но не се една иста личност. Исус поучувал дека Бог е поголем од него (Јован 14:28). За повеќе информации, гледај го видеоклипот Дали Исус Христос е Бог? или прочитај ја статијата „Зошто Исус е наречен Божји Син?“
Гледај го овој краток видеоклип за да се запознаеш со книгата 1. Мојсеева.
a Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Види ја статијата: „Кој е Јехова?“