ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Животни
Животните се нераздвоен дел од животот на речиси секој човек. Дали е важно како постапуваме со нив?
Како треба да постапуваме со животните?
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:
Некои мислат дека со животните можат да прават што сакаат. Други, пак, мислат дека со животните треба да се постапува исто како со луѓето.
Еден познат активист за правата на животните се залага тие да имаат „основно право да не бидат искористувани или третирани само како извор на добивка“. Тој вели: „Мора да престанеме да гледаме на животните како на наш посед“.
Милијардерката Леона Хелмсли му остави во наследство 12 милиони долари на своето куче и имаше желба по неговата смрт да биде погребано веднаш до неа. Многумина сметаат дека тоа што го направи е екстремно.
Размисли: Како треба да се постапува со животните?
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Творецот на сите живи суштества, Јехова Бог, им рекол на луѓето ‚да владеат над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата‘ (1. Мојсеева 1:28). Според тоа, разумно е да заклучиме дека човекот е на повисоко рамниште од животните.
Една значајна изјава која е запишана пред стихот што е цитиран погоре го потврдува овој заклучок. Библијата вели: „Бог го создаде човекот според својот лик, го создаде според Божјиот лик — ги создаде машко и женско“ (1. Мојсеева 1:27).
Бидејќи сме создадени според „Божјиот лик“, само ние можеме да ги покажуваме особините што ги има Бог, како што се мудрост, правда и љубов. Луѓето се раѓаат со чувство за морал и со потреба да бидат блиски со Бог. Животните немаат такви способности затоа што не се создадени според „Божјиот лик“. Тие се на пониско рамниште од луѓето и Бог немал намера со нив да се постапува исто како со луѓе.
Но, дали тоа значи дека луѓето имаат право да постапуваат сурово со животните? Не.
Во Законот што им го дал на Израелците, Бог наложил на животните да им се обезбеди храна, одмор, да им се помогне кога ќе се најдат во неволја и да се заштитат од повреда (2. Мојсеева 23:4, 5; 5. Мојсеева 22:10; 25:4).
„Шест дена врши ја својата работа, а на седмиот ден остави ја работата за да си отпочинат твојот бик и твоето магаре“ (2. Мојсеева 23:12)
Дали е погрешно да се убиваат животни?
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:
За некои ловци и рибари убивањето животни е само спорт кој им создава чувство на возбуда. Други се согласуваат со зборовите на рускиот писател Лав Толстој кој напишал дека убивањето и јадењето животни е „нечовечно“.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Бог им дозволува на луѓето да убиваат животни за да се заштитат или за да направат облека (2. Мојсеева 21:28; Марко 1:6). Освен тоа, во Библијата пишува дека луѓето можат да убиваат животни за да се прехранат. Во 1. Мојсеева 9:3 стои: „Сѐ што се движи и живее нека ви служи за храна“. И Исус им помогнал на своите ученици да уловат риби кои подоцна ги јаделе (Јован 21:4-13).
Сепак, од Библијата дознаваме дека Бог „многу го мрази оној што го сака насилството“ (Псалм 11:5). Значи, можеме да заклучиме дека Бог не сака да повредуваме и да убиваме животни само за забава.
Библијата ни кажува дека Бог многу го цени животот на животните.
Во неа пишува дека, кога создавал, ‚Бог ги направил дивите земни животни според нивните видови, и домашните животни според нивните видови, и сите други животни што се движат по земјата според нивните видови. И Бог видел дека тоа е добро‘ (1. Мојсеева 1:25).
Во врска со Јехова, во Божјата Реч стои: „На животните тој им дава храна“ (Псалм 147:9). Бог создал екосистем кој им обезбедува на животните храна и засолниште.
Давид, кој бил цар на Израел, во молитва го кажал следново: „Ти, Јехова, спасуваш и човек и животно“ (Псалм 36:6). На пример, Јехова спасил осум луѓе и секакви видови животни пред да ги уништи злобните луѓе во Потопот (1. Мојсеева 6:19).
Според тоа, Јехова ги сака животните што ги создал и очекува и ние да постапуваме со нив исто како што постапува тој.
„Праведникот се грижи за душата на своето животно“ (Изреки 12:10)