Прашања од читателите
Дали е погрешно да се убие некое многу болно или старо домашно милениче?
За повеќето луѓе различните животни се интересни и претставуваат извор на уживање. Некои припитомени животни се добри другари како миленичиња. На пример, кучињата се познати по тоа дека се потполно послушни и дека ги сакаат своите господари. Затоа, разбирливо е дека луѓето можат да бидат приврзани за таквото милениче, особено милениче што го имале со години.
Меѓутоа, животниот век на повеќето миленичиња не е многу долг. Кучињата, како и мачките, можат да живеат отприлика 10 до 15 години, зависно од сортата. Кога се стари, миленичињата можат да страдаат од болести или инвалидности што можат да ги жалостат нивните сопственици кои се сеќаваат на времето кога овие животни биле помлади и поактивни. Би било ли погрешно да им се скрати маката на таквите животни, да се успијат?
Еден христијанин би сакал да постапи во склад со Божјата волја во своите постапки со животните. Секако дека да се постапува сурово со животните е спротивно на Божјата волја зашто во неговата Реч се вели: „Праведникот внимава и на животот на својот добиток“ (Пословици 12:10). Меѓутоа, ова не значи дека Бог гледа на животните на ист начин како што гледа на луѓето. Кога Бог ги создал луѓето, им покажал дека има јасна разлика помеѓу нив и животните. На пример, на луѓето им ја дал надежта за вечен живот, но таа надеж никогаш не им ја дал на животните (Римјаните 6:23; 2. Петрово 2:12). Затоа што е Творец, тој има право да го одреди исправниот однос помеѓу луѓето и животните.
Битие 1:28 ни кажува кој е тој однос. Бог им рекол на првите луѓе: „Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата“. На сличен начин, Псалм 8:6—8 вели: „Сѐ [Бог] му потчини под неговите [на човекот] нозе: сите овци и говеда, и полските ѕверови кон тоа; небесните птици и морските риби“.
Бог јасно ставил на знаење дека човекот може соодветно да ги користи и да ги убива животните. На пример, нивната кожа може да се користи како облека. Исто така, по Потопот во времето на Ное, Бог им дозволил на луѓето да го јадат месото на животните, надополнувајќи ја исхраната од растително потекло што им била дадена во почетокот (Битие 3:21; 4:4; 9:3).
Ова не го оправдува убивањето на животните без причина како спорт. Во Битие 10:9 [NW] Библијата го опишува Нимрод како „моќен ловец“. Но, во истиот тој стих се вели дека тоа довело да биде „против Јехова“.
Според тоа, иако човекот има превласт над животните, не треба да ја злоупотребува таа власт туку да ја користи во склад со начелата од Божјата реч. Ова може да вклучува да не се дозволи некое милениче непотребно да страда поради старост, тешка повреда или смртоносна болест. Во таков случај, одговорност на христијанинот е да одлучи што ќе прави. Ако одлучи дека би било милостиво да не дозволи миленичето да продолжи да страда без некаква разумна надеж да се опорави, тогаш можеби ќе избере да дозволи да биде убиено.